Отидоа да го бараат нашиот почеток, но она што го открија може да биде нашиот крај.

Вака гласи најавата на најновиот филм на извонредниот Ридли Скот, кој три декади од создавањето на ,,Осмиот патник”, одново има сличен адут да и’ понуди на филмската публика.

,,Прометеј’’ e научна фантастика со елементи на хорор и акција, но и одлична актерска екипа задолжена за протагонистичките улоги. Нуми Рапас, Шарлиз Терон, Мајкл Фасбендер, Идрис Елба, Гај Пирс и Логан Маршал-Грин го сочинуваат тимот на актери кои ќе не водат низ оваа вселенска епопеја.

Снимањето започна во март 2011 година, на локации во Канада, Англија, Исланд, Шпанија и Шкотска, а беше реализирано користејќи исклучиво 3D камери. Режисерот Скот најавува и дека потенцијалниот успех на ова филмско остварување ќе значи и повторно ангажирање на екипата за второ продолжение.

Приказната е сместена во доцниот 21 век, и ги следи возбудливите доживувања на тим од научници кои со вселенскиот брод Прометеј ја истражуваат вонземската напредна цивилизација. Пронајдениот артефакт, кој им укажува дека Земјата и човекот имаат свои креатори, ги води на патување во потрага по потеклото на човештвото, по почетоците. Возбудливото патување ги води до најтемните агли на универзумот. Она што тие не го очекуваат е сознанието за опасноста која се заканува да го уништи целото човештво. Во застрашувачка битка, неверојатна војна на предизвици и издржливост, тие ќе се обидат да ја обезбедат иднината на човечката раса. Ќе успеат ли?!

Официјалната премиера на филмот ќе се случи на 1 јуни во Велика Британија, а една недела подоцна, на 8 јуни е закажана и премиерата на територијата на САД и Канада. Во очекување на добро филмско парче од режисерот кој го ,,дефинираше’’ жанрот, ви го претставуваме најновиот трејлер од филмот, како најава за доаѓањето на ,,Прометеј’’.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНајкреативните рекламни постери на Durex
Следна објаваНевидливи тетоважи
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ