Модната креаторка, модел, стилистка, убедливо најмаркантната фигура на македонската модна сцена, Билјана Каран е име познато и признато, и кое секогаш се врзува со инспиративни, креативни и провокативно-женствени креации кои години наназад ја разбиваат модната монотонија во Македонија и пошироко во регионот.

Творештво на Билјана Каран стана заштитен знак за дамите кои ја негуваат својата автентичност и претендираат да бидат препознатливи со изборот на креациите на Билјана.

Летово го таа го направи својот голем come back co претставување на новата колекција на Интернационалниот Моден настан во Херцег Нови, а веќе работи на нови модели и колекции кои може да се погледнат и купат во нејзиниот салон и на  веб страна www.biljanakaran.com.

Фото: Билјана Каран (приватна архива)

Дивианартс: Билјана, Вашите креации како и Вие како личност се одликуваат со автентична екстравагантност испреплетена со мала доза на мистичност. Како би го опишале вашиот личен модел стил.

– Пред се драга Маја Ви благодарам, ни самата јас не би можела подобро да го опишам сопствениот стил. Да се опише својот стил често пати е тешка задача бидејки истиот најчесто настанува и се доживува сензуално а поретко интелектуално. Во манифестацијата на нашиот стил едноставно го следиме нашиот природен сензибилитет, естетика и вкус. Доколку тој е култивиран и евидентна е разликата од пред и потоа, тоа ние модните експерти го нарекуваме рафинираност или еманципација на стилот. Мојот личен стил јас би го опишала пред се како еклектичен и оригинален, бидејки сакам да спојувам тотално различни стилови на мој уникатен начин, на што би го додала Вашиот опис кој сметам дека совршено го надополнува.

Дивианартс: Ве молам откријте ни како започна вашата модна приказна, од кога датира интересот за модната сцена.

– Од кога знам за себе ми беше особено важно како изгледам и што носам. Уште во најраното детство на возраст од четири пет годинки паметам како моето расположение значително се менуваше доколку моите пробаа да ме сликаат кога не бев дотерана, тоа никако не смееше да се случи. Модата беше моја голема радост и ја сфаќав многу сериозно, па така и и пристапував како што растев, а интересот за неа растеше со мене. Како деца животот го доживуваме и спознаваме пред се преку сетилата, необременети од тоа како работите треба да бидат го ставаме фокусот на визуелното кое го сочинува светот кој не опкружува, а формите, боите и флуидноста преточена во гардеробата изгледа речиси магично бидејќи знае да трансформира една личност од секојдневната монотонија во еден комплетно магичен свет на фантазија од форми и бои кој насликовито е претставен во стилската експресија на една личност. Мојата фасцинацијата за модата имаше влијание и од актуелните модни часописи и магазини како Базар, Грациа, Бурда и на нив сличните кои имаа огромно влијание на мене во моите почетоци, како и Дизниевите цртани и филмовите од тој период кои сликовито ни ја покажуваа трансформативната моќ која ја поседуваше модата (нпр. во филмот убава жена). Секако дека кога ќе ги видевте светските супер модели кои беа во својот зенит во моето детство посакувавте да изгледате како нив, облечени во најновите креации на најпознатите светски дизајнери, да чекорите со самодовербата која тие ја поседуваа и да изгледате апсолутно совршено. Бев убедена дека модерниот изглед и убавата облека ве транспортираат во еден поинаков свет каде искусувате една поинаква реалност уживајќи ја убавата и пријатна страна на животот. Кога подобро ќе размислите ќе увидете дека првиот впечаток кој го оставаме секогаш се базира пред се на нашиот изглед а потоа следува се останато па затоа како што вели Карл Лагерфилд мора да обратите внимание на сопствениот стил, да изгледате убаво, пријатно и привлечно за да ја заинтересирате личноста наспроти вас за убавината на вашата душа. Веројатно поради оваа очигледна вистина секогаш сакав да се дотерувам и бев навистина среќна што ја имав можноста да носам навистина уникатни и модерни парчиња од познати светски брендови од сите краеви на светот. На девет годишна возраст бев сигурна во својата одлука да станам моден дизајнер и ја имав целосната подршка од моите родители и брат ми кои секогаш ме охрабруваа да го правам тоа што го сакам.Заљубена во мојата денешна професија постојано цртав и креирав модели кои наскоро почнав и да ги реализирам. Мојот прв обид за сопствена колекција се случи додека сеуште бев во средно училиште, а за чија реализација го поминав целиот летен распуст во Штип македонскиот центар на модата и мојот роден крај. За време пак на моите студии во Италија често пати ме забележуваа и прашуваа за гардеробата која ја носев поради што почнав да изработувам модели по нарачка на молба на една девојка која ја сретнав на излегување во Фиренца за која изработив модел на здолниште кое го носев, а беше мој дизајн и многу и се допадна. Истиот модел благодарение на оваа млада дама се најде и во еден бутик во центарот на Фиренца, што беше одличен почеток за развојот на мојата понатамошна кариера. Ова се некои од моите први искуства со модата во модниот свет каде се чувствував како дома и бев сигурна во сопствените квалитети и способности а насекаде гледав само можности, шанси за напредок и реализација на моите идеи. Па фала му на бога така и се случуваше.

Дивианартс: Кој е вашиот ‘Spiritus movens’, што најмногу ве инспирира и како доаѓате на идеи за создавање на вашите секогаш фантастично изработени креации.

– Пред се Ви благодарам, за секој што нешто создава признанието и потврдата од модни експерти како Вас самата има навистина посебно значение. Инспирацијата е боженствена работа и е основен двигател во секој креативен подфат. Јас ја пронаогам насекаде, во уметноста, во естетиката и разноврсноста на природата која според мене е најголемиот уметник, креатор, сликар и поет. Ме инспирираат различните култури, традиционалното и модерното, новото и старото, неоткриени предели и места, интересни спознанија и уметнички дела, посебни и интересни индивидуи  кои често пати неочекувано го наогаат своето место во мојата креативна експресија, со намера и цел да поседува оригиналност и интегритет на личност со сопствено мислење и свеж поглед на животот. Музиката е уште едно особено значајно влијание кое креативно ме стимулира и делува инспиративно на целото мое битие. Оттука и реализацијата дека основниот реквизит за развој на креативноста на која и претходи инспирацијата е радоста и без неа тешко е да создадеме нешто навистина убаво и оригинално, единственото нешто со коешто можеме да ја замениме е можеби надежта која делува со значително послаб интензитет, а претставува комбинација на вербата и сомнежот во секој човек а ја надминува единствено љубовта која според мене претставува извор на се што е убаво, добро и вредно како што е радоста, среќата и благодарноста.

Фото: Билјана Каран (приватна архива)

Дивианартс: Која е вашата визија за иднината на модната индустрија земајќи ја во предвид целокупната состојба на планетата Земја.

-Евидентно е дека човековата алчност резултат на човековата несвесност има опасен и сериозен импакт на светот, на околината и на условите во кои живееме. Сведочиме на едно време невреме кога наместо големите светски сили да се фокусираат на обновливи извори на енергија, мир и слобода, водат војни и прават секојдневни воени вежби, нуклерни проби и што уште не, се тоа во име на мирот и рамноправноста. Каква пародија и лицемерие, се надевам ќе се согласите. Иако свесноста расте кај многумина сепак актуелните трендови и глобални вредносни системи за успех се косат со разумот. Додека некои од нас се самосвесни и одговорни во своите делувања, други најчесто големи играчи и лидери како во текстилната индустрија така и во други индустриски сектори ги поткопуваат нашите скромни напори да направиме разлика со нивните мегаломански и неетички ниту пак одржливи модели на работа. Решение има и лесно може да се реализира доколку постои волја. Надежта е во тоа дека човечноста во човекот ќе надвладее над примитивното, дека ќе ги согледа сопствените грешки и ќе ги поправи додека сеуште може да направи разлика.

Дивианартс: Кога станува збор за спој на екологијата и модата, што би можеле да истакнете по ова прашање.

– За да живееме во свет каков што сакаме мора да бидеме доследни и да живееме во хармонија со природата. Модата која не подржува здрава животна средина, која пекумерно загадува и креира непотребни залихи за поголем профит е неприфатлива според моите стандарди.

Модата која што јас ја создавам е комплетно одржлива во секој аспект, во аспект на материјали кои ќи користам, односот и условите за работа кои ѓи создавам и градам со луѓето со коишто работам, начин на изработка кој е фокусиран на рачната изработка, подршка на најзагрозените занаети и традиции кои имаат реална вредност не само на екслузивитет бидејќи се навистина ретки туку и директни причинители на зачувувањето на здрава и чиста животна околина ставајќи го фокусот на квалитет за сметка на квантитет и  на креирање оригиналност наместо униформираност.

– Мојата девиза отсекогаш била во стилот на “направи едно ама вредно”, креирај уметност и додади вредност на материјалот што го користиш, ултимативно обезбедувајќи го најдоброто за сите. А сатисфакцијата која доаѓа од резултатот на мојата работа е особено значајна поради што уживам во создавањето на постојано нови модни приказни во мојот моден салон од неодамна на нова локација во Тафталиџе.

Секогаш ведро и позитивно расположена, прекрасната Билјана Каран, плени со својата харизма.

НЕМА КОМЕНТАРИ