? ?На 15 септември, во просториите на МАНУ, ќе се одржи отворање на самостојна изложба на Жарко Башески, професор на Факултетот за ликовни уметности – Катедра вајарство, во Македонската Академија на Науки и Уметности.
Во рамките на изложбата ќе бидат изложени скулптури од неколку циклуси. Публиката ќе има можност да погледне постари дела кои претходно не биле изложувани во Македонија, вклучително и скулптури изложувани во Њујорк, Франција, Италија, Холандија, Шпанија, Мексико, како и сосема нови, претходно никогаш неизложувани дела.
Изложбата вбројува скулптури изработени во мермер, полиестер и силикон.
Куратор на изложбата е Натали Рајчиновска Павлеска, а настанот ќе биде отворен со текст на академик Венко Андоновски.
—
? За уметникот:
Жарко Башески, роден 1957 година во Прилеп, е македонски скулптор и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Неговото гледиште во творештвото е свртено кон човечкото, па оттука и интересот за хиперреалистичен пристап во обликувањето на концептот на делото, кој во теоретската проекција го надминува хиперреализмот, зборува за животот и светот во кој живееме.
Во неговата работа има неколку елементи кои се нови во светот на скулптурата и тоа го прави неговото најново дело различно: концептот, современите погледи на човековата состојба преку самонабљудување, техничко производство и употреба на нови материјали (смола полиестер, полимермер, силикон , природна коса), хиперреалистичниот третман, големината на делото, филозофскиот пристап – сето тоа, кога се комбинира во едно, нуди повеќеслојно читање на уметничкото дело.
Поранешен член е на Националниот одбор за акредитација и евалуација, Сенатот на УКИМ и Интеруниверзитетската конференција. Од 1999 до 2009 година бил раководител на Катедрата за скулптура на Факултетот за ликовни уметности. Неговото дело е претставено на повеќе меѓународни изложби. Добитник е на бројни награди. Голем дел од неговото е во приватни колекции во земјата и во странство.