Стрип-уметноста или позната како деветта уметност во себе содржи древни симболи на уметничкиот израз при тоа материјализирајќи одредена приказна низ семантичко-дефинирано множество. Слободата на изразување во магичните кругови овозможува на авторите да создаваат нови светови на суперхерои кои не секогаш победуваат, но не ни губат. Оттаму произлегува дека преку стрип-културата младите генерации би ги изградиле своите животни вредности во позитивна смисла, во унапредување на нивниот социјален и индидуален развој, односно би научиле дека вистината и правдата секогаш победуваат. Едукативниот и уметничкиот потенцијал на овој медиум засигурно заслужуваат подобар третман во Република Македонија, и треба да стане дел од формалното образование како што е пример во Бугарија каде е дел од наставата додека во Хрватска се изучува факултативно. Кај нас важна улога во афирмацијата на овој медиум има традидиционалната Меѓународна Колонија СЦМ во Велес, но се чини дека тука завршуваат сите други активности на стрип-културата, затоа поразговаравме со нашиот познат стрип-мајстор, илустратор и уметник Дарко Богданов.

? Класичен вовед;

Дарко, најпрво да ти се заблагодарам што прифати да ни одговориш на неколку прашања во врска со стрип-културата. Кога и како се одлучи да црташ стрипови?

 Благодарам на поканата и укажаната чест. Мислам дека одлуката да се занимавам со креирање на стрипови датира уште од моја најмала возраст, иако можеби не сум бил ни свесен дека тоа го сакам. И во мојот случај на сила беше типичното клише како го засакав стрипот. Уште од мали нозе бев опкружен со огромни купишта стрипови, стрипови што татко ми ги купувал, уште пред да научам да читам, па откако научив ми ги предаде во моја надлежност. Пред тоа секако визуелниот момент беше пресуден, постојано ги гледав цртежите, а потоа со читање конечно се разбраа и приказните, и не требаше многу да фати магијата. Не знаев како се направени, не знаев дека луѓе, илустратори и сценаристи работеле на нив, само знаев дека сакам нешто такво да направам, да креирам приказни. Потоа како малку поголем навлегов во тие работи поубаво, почнав да забележувам и потписи и имиња на авторите, и сфатив дека стрипот не е паднат од небо, дека луѓе од крв и месо го направиле. Па откако се појави таа мала искра талент за цртање, некаде на средина од моето основно образование, знаев дека ќе го одам мојот пат по патот на стрипот. И уште на мои 11 – 12 ГОДИНИ одлучив дека освен запишување во средното уметничко училиште потоа, нема друга алтернатива. И се запишав, прв и единствен мој избор во поглед на образованието.

Многумина не знаат колку време е потребно за создавање на еден стрип, можеш ли да ни кажеш накратко за времетраењето на процесот на работа.

– Тоа зависи од повеќе фактори. Дали работата е поделена ( дали човек е комплетен автор и за сценарио и цртеж, или е соработка со сценарист кој го презема тој дел од работата), колку е сложена приказната односно сцените во неа за цртање, колку е нешто базирано на историски факти на пример (за што е потребно пред да се почне со работа да се направи што подетално и поисцрпно истражување и собирање на документација во вид на литература, фото референци за облека, архитектура, флора и фауна доколку треба итн.) Исто така зависи и од должината на самата приказна, дали е од мал обем (неколку страници) или од поголем ( стрип албум, графичка новела, графички роман и слично). Во мојот случај, за изработка на еден стандарден стрип албум од 44 страници, во соработка со сценарист, ми било потребно отприлика околу 6 месеци, со сите етапи поминати – молив, туш, впишување на текст, илустрација за корица… Доколку сум комплетен автор, и доколку плус и се колорира времето е поголемо, некогаш стигнува и до една година..

Дали новите информатички технологии ти помагаат во твојата работа или можеби ги гледаш како еден вид закана за аналогната уметност.

Воопшто не ги гледам како закана. Кога се појави телевизијата велеа дека радиото е мртво, кога се појавија видеотеките велеа дека одењето на кино ќе изумре. А сепак опстанаа сите тие работи, и коегзистираат едни покрај други.. Така е и со стрипот. Опстојуваат и двата пристапи на работа.. Јас лично сум “old school”, и секогаш ќе бидам, многу повеќе го сакам и вреднувам класичниот пристап на работа. Не може ништо да ми го замени чувството кога се работи со перце, па ќе загребе на хартијата, па ќе се случи грешка па мора да се прекрие со бела темперна боја, или кога колорот се нанесува со четка и боја. Подолготрајно е, бара повеќе труд и работа, но некако тој начин ми ја носи природноста и живоста на самото работење максимално. Имено, последниот мој албум е колориран исклучиво Дигитално, како најдобрата опција во тогашните околности и тој момент (со компјутерски маус, сèуште не поседувам пен таблет за работа, и постојано го избегнувам моментот да набавам, хаха).

Тоа не значи дека не одобрувам што некои мои колеги работат исклучиво дигитално.

Едноставно сум сфатил дека тоа не е баш за мене, сензибилитетот не ми е таков. Но ете, и покрај тоа, имам повремени излети во дигиталното кога сум доработувал врз скенирани стрип табли во програма.

Автор на стрипот е во истовреме и писател и сликар-( ако работи во боја), па дури може да се каже и добар познавач на историските факти ако работи на одредена тема. Се чини сложен процес на работа, како настанува едно твое дело каде се инспирираш?

Процесот е навистина сложен. Се тргнува најпрво од приказната. Најпрво се прави краток синопсис на самата идеја, кој потоа се користи за разработка на вистинското сценарио. Сценариото е слично на филмското сценарио, само уште пообемно и подетално – за секој кадар на стрипот се дава убав опис што се точно и како да се нацрта, плус и дијалозите и наративот во кадарот доколку ги има.. Воедно се назначуваат и бројот на кадри на една страница, нивната големина, па и форма доколку има потреба (дали се квадратни, дали можеби треба некој кадар да има и поинаква форма…). Исто така и детални описи на сите ликови за изработување на концепт цртежи во различни позиции кои служат за цртањето подоцна. Откако се тоа е готово, се чита детално колку пати е потребно, се прибележуваат најважните работи кои треба да се бараат како документација. Можеби најдолгата етапа е собирањето документација, во вид на фотографии, литература, па и филмови, често
пати и филмовите помагаат за тоа доколку се работи на стрип со приказна сместена во специфичен историски период. Потоа се разработуваат дизајните на ликовите, облека, архитектура, и разни други елементи што се потребни, како и мали груби скици на стрип таблите (не многу детални, некогаш дури и на ниво на “stick figures”). Откако се тоа е готово доаѓа вистинската работа – на голем формат, раководејќи се со сите овие помошни материјали се цртаат стрип таблите. Прво молив, потоа тушот. Потоа следува колорот доколку е решено стрипот да е во боја.Впишувањето на текстот е последната но ни најмалку небитна етапа, која го дава вистинскиот изглед на стрипот. И конечно, следува дизајнирањето и печатнатаподготовка.
Во поглед на инспирацијата, таа е секаде околу нас, и во се. Никогаш не се знае кога ќе се појави. Затоа е и практично човек секогаш да има при рака тефтерче и блокче за ако треба нешто да прибележи или скицира. Лично се инспирирам од се можно, од уметностите, ликовната, филската, музиката е многу значајна во мојот случај, некогаш и пресудна, литературата… Па и светот и околината и случувањата околу нас, но треба да се внимава тие работи да не испаднат тотално банални во крајното дело и само прекопирани од секојдневието без некое подлабоко значење (опасна стапица во која често многу стрип автори паѓаат)…Инспирацијата не се раѓа сепак туку така, човек треба и да работи на неа, да се надградува постојано, да се интересира и да е љубопитен за се секогаш. Затоа треба постојано да се чита, гледаат филмови, да се слуша музика без жанровско ограничување, да се посетуваат нови места (толку колку што дозволуваат можностите секако), да се видат уметнички дела од различни правци, да се посетат различни архитектурни градби и слично. Да се запознаваат и да се комуницира со луѓе, многу детали во моите стрипови се резултат и на тоа, како елементи кои ете легнале на одредени места во приказната. Секако инспирацијата се црпи и од стриповите, од постарите мајстори, од современите исто. Мене лично најмалку ме инспирира стандардниот мејнстрим стрип, суперхероите и слично. Одамна ми се премногу шупливи и празни и генерични тие стрипови. Ништо ново и ништо од значење.. Многу повеќе ме инспирираат стрипови каде приказните се по лични, по емотивни, каде ликовите се комплексни и убаво изградени карактери, каде се живи луѓе со маани и доблести. Всушност и моите стрипови се во принцип такви, поуметнички, полични, по интимни. Секогаш сум се движел на границата помеѓу уметничкиот и со мерка, комерцијалниот пристап. Многу почесто се приклонувам кон првиот отколку вториот пристап. Моето мислење секогаш било дека на луѓето не треба да им се дава тоа што го сакаат или мислат дека го сакаат. Треба да им се даде тоа што им треба, дури и да не се свесни дека тоа нешто им треба. Како што викаат уметноста е тука да ги вознемири тие што се чувствуваат комфорно, и да донесе комфор на тие што се чувствуваат вознемирени. А стрипот е уметност, не е “junk food”.

Погоре во самиот вовед споменав дека едукативниот момент за стрип културата е речиси сосема изоставен кај нас, на кој начин според тебе би го привлекле вниманието на младите генерации за интерес и негување на овој медум?

Во едно општество работите од главните сегменти секогаш се пресликуваат и во останатите. Посебно во такво затруено и да кажам болно општество како нашето каде владеат ниските страсти, полтронството (дали политичкото дали секојдневното) и малограѓанштината на секој чекор. И стрипот не е имун на тоа. Кај нас уште владее мислењето дека стрипот е кич, шунд, и безвреден. Тоа е и официјалната дефиниција дадена пред децении, и која уште се наоѓа во лексиконите како официјално објаснување што е тоа стрип. А на некои други места стрипот има статус на девета уметност. Авторите се ценети и вреднувани на вистински начин. Најважниот чекор за зајакнување и развивање на стрип културата е воведување на стрипот за изучување во образовниот систем. Исто така и користењето на стрипот како учебно помагало, како што е случај во Франција каде во самото образование
се користат изданија изработени како стрип за различни предмети (стрип учебници по историја, биологија, географија итн.) Сето тоа дава многу позитивен ефект врз образованието на децата, и многу полесно ги совладуваат материите што треба да ги знаат. Исто така, битно е да се има достапност до стрипови, издавачи кои стојат
стабилно на нозе, кои лесно ќе испорачуваат и приближуваат квалитетни изданија на пазарот, и истите лесно да можат и да си ги наплатат од дистрибутерите, и кои од нивна продажба ќе може да опстанат, наместо да бидат зависни од одобрување проекти од министерството за култура, кое или ќе се случи или не. Но тоа е веќе проблем од областа на економијата во државава, а која знаеме е руинирана и пука по последните закрпки во моментов. Без стабилен пазар за најбитните работи, не може ни културата ни уметноста, ни стрипот да се развиваат како треба. Многу често останува моментот кога автор ако сака да го издаде своето дело тоа треба да го направи во сопствена режија како авторско издание. Тоа е случај и со мене и моите соработници, поголем дел од досегашните наши изданија се самостојни “do it yourself” изданија…

За крај би те запрашала што би им препорачал на младите почетници
кои ќе решат да создаваат стрипови?

Да бидат одлучни, упорни, работливи и цврсто решени доколку се одлучиле да се развиваат преку работата на стрипови. Тешко е, треба да бидат спремни на многу пречки, па и фрустрации, напорна деноноќна работа, но секогаш во себе да ја носат желбата и љубовта за стрипот. И само така на крај се ќе биде во ред. Да не им е мотив брза заработка, стекнување слава со помош на стрипот или нешто слично, во тој случај веднаш нека се откажат. Тоа се работи кои водат кон пропаст, егото и суетата кога се главните. Секогаш да бидат спремни на критики, да ги прифаќаат достоинствено, а фалбите скромно, затоа што тие работи се меч со две острици. И никогаш да не мислат дека се знаат и дека го достигнале највисокото ниво на својата вештина. Секогаш да се надградуваат, истражуваат, експериментираат, да
не застрануваат во маниризам и рутина, да се изненадуваат самите себе, а со тоа ќе ги изненадуваат и читателите. И така, ќе создадат врвни дела кои и ќе останат и за тие што ќе дојдат после нас. И секогаш да ги следат и да работат на своите идеи, без оглед колку и да изгледа дека не се важни. Најважни.?

 

БИОГРАФИЈА
Дарко Богданов е роден на 04.04. 1984 во Скопје, Р. Македонија. Завршува отсек графика во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје во 2003 година, а потоа дипломира исто така на отсек графика во 2007 година на Националната Ликовна Академија во Софија, Р. Бугарија во класата на Димо Колибаров. Се занимава првенствено со цртање стрипови и илустрација од 2000 година па сè до денес. Зад себе има четири самостојни изложби и учествувано на повеќе групни изложби и стрип фестивали во Македонија и странство. Член на здружението на ликовнинуметници „УМ“ од Виница, со кое редовно учествува во заеднички проекти и изложби. Исто така две години по ред беше дел од организацискиот тим кој ја
организира ликовната колонија „Св. Ѓорѓи“ која се одржува на крајот на август во виничкото село Блатец (2019 и 2020 година). Објавени кратки стрипови во повеќе стрип списанија – „Стрип арт“, „Креатор“, „Стрип Алманах“, „Синдром“, „Стрип трип“, електронските списанија „Македонска ризница“ , „Чивилук“ и „Комикс“, стрип антологиите „Бастион“ и „Пегазус 21“, списанието „Парабелум“ од Бања Лука, БиХ, „Рас Комик“ од Рашка, Србија, антологиската збирка „Стрип са маргине“, издание на веб-сајтот СтрипБлог, „Стрип Пресинг“ од Ниш, Србија, како и во седмата книга од серијата стрип албуми посветени на првата светска војна „Линије Фронта“ во издание на српскиот издавач „Систем Комикс“. Од 2013 до 2015 година изработува неколку кратки стрипови за официјалниот фан клуб на стрип јунакот Марти Мистерија од Италија со дозвола од самиот автор на стрипот Алфредо Кастели за користење на ликовите, и кои се објавени на интернет и во официјалниот фанзин на клубот. Редовен учесник со свои стрипови на скоро сите балкански стрип фестивали и конкурси. Добитник на пет награди за стрип, две на стрип салоните во Велес во 2008 – втора награда заедно со сценаристот Јове Крстевски, и специјална награда во 2011 година заедно со сценаристот Јордан Коцевски, на стрип фестивалот ,No Borders” во Прилеп исто така во 2011 година за најдобар научно фантастичен израз во стрип, стрип фестивалот во Ваљево, Србија за најдобро раскажување во стрип по сценарио на Александар Стеванов во 2019 година, а истиот тандем е награден и на вториот стрип конкурс „Лифт“ со трета награда во 2020 година.
Во 2008 година работи како стрип цртач за бугарскиот стрип издавач „ИЕКК
Комикс“ од Софија, а во 2009 година работи за филмското студио „NU IMAGE“
исто така во Софија како сториборд уметник на филмовите „The Expendables“ и „Conan“. До сега има објавено пет стрип албуми – „Modus Vivendi“ во 2011 година на кој е комплетен автор, „Мрак Хумор Тишина“ заедно со сценаристот Јордан Коцевски во 2014 година, „Витези од Соседството“ повтороно во соработка со Јордан Коцевски, преку издавачот „Стрип Квадрат“ од Скопје во 2016 година, во соработка со Александар Стеванов – „Ægri Somnia“ на самиот крај од 2020 година, и во 2021 година стрип албумот за деца „Бестрашниот“ на кој е повторно комплетен автор и во издание на здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и други уметности „Креативна Верига“ од Охрид. Во 2018 година заедно со Александар Стеванов и Сашо Гачев е исто така коавтор на книгата
„Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ‚Дневник‘“, посветена на
македонските автори кои работеле за тој српски издавач. Живее и работи во Виница, Р. Македонија.

 

 

НЕМА КОМЕНТАРИ