Во Културно информативниот центар – Скопје, на 26 мај, со почеток во 20.00 часот ќе биде поставена ретроспективната изложба по повод 100 години од раѓањето на еден од најзначајните имиња на македонската архитектура Славко Брезоски , кој за нашата држава и културна традиција претставува посебна гордост. Оваа изложба истотака се поклопува и со јубуилејот 55 години постоење на Културно информативен центар – Скопје, кој го одбележува оваа година.
Славко Брезоски е припадник на првата повоена генерација македонски архитекти. Присуството на оваа генерација ќе биде одбележано под знакот на „модерната“ и нејзиниот реформаторски јазик што ќе се прифати и одржи во децениите што ќе следат.
Соборен Храм-Скопје
Неговиот архитектонски опус го сочинуваат многубројни проекти и реализации со широк програмски дијапазон и препознатлив архитектонски израз. Успешно учествува на многубројни јавни домашни и меѓународни конкурси на кои освојува врвни награди. Притоа важно е да се истакне дека повеќето од конкурсните проекти биле прифатени за реализирање, со што Брезоски постигнува и меѓународна афирмација.
Стоковна Куќа-Скопје
Меѓу позначајните објекти се издвојуваат Стоковната куќа во Скопје, Комунално-Комерцијалната банка во Скопје, Амбасадата на СФРЈ во Бразилија, Спомен Шамарица во Хрватска, Архиепископскиот Соборен Храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, како и зградата на Работнички дом во Скопје во чии рамки се наоѓа и Културно информативниот центар – Скопје.
Културно-информативниот центар – Скопје (КИЦ) е една од најстарите културни установи во градот.
ИЗВОРИ>> Културно информативен центар и Марх-Македонска Архитектура