‘Автопортрет’- Владимир Георгиевски

На петгодишна возраст имав долга руса коса до раменици… љубопитен поглед во очите и насмевка низ која го сакав целиот свет околу мене! И сè што беше накитено со боја длабоко ме возбудуваше.

Во осумгодишното училиште насетив голема љубов кон цртањето! Да се нацрта се што се гледа и се што не се гледа, а да биде како живо битие! Тоа беше мислата што ме обземаше и не ми пружаше спокој…. Гледав како мојата мајка ги везеше цветовите и птиците околу нив. Бев восхитен, зошто низ боите и цртежот го чувствував мирисот и ја слушав песната на шарените пилиња. А таа – бескрајна, светла и беспрекорно чиста во звуците што ја полнеа мојата душа со восхитувачки соништа, ми ги откриваше тајните на светот….

Ја завршив гимназијата во мојот град и конкурирав во Средното училиште за применета уметност. Го одбрав сликарството! По пет години го завршив и заминав за Белград. Бев примен на Академијата за ликовни уметности. По редовните петгодишни студии го завршив школувањето и се запишав на постдипломски студии. Станав член на Сојузното здружение на некогашниот југословенски Сојуз на уметници. Излагав на заеднички изложби, салони и биеналиња. Патував низ Европа гледајќи го севкупното сликарско наследство ширум познатите музеи и галерии.

Долгата коса и понатаму ја носев, љубопитноста не се изгуби, туку се зголеми, насмевката низ која го сакав светот, прерасна во сомнеж што ме тераше постојано да цртам и сликам, да читам и да пишувам; да слушам музика во длабоката тишина на мислата што ме обземаше; Кој сум јас, кој е овој Човек што го гледам околу мене постојано, каков е овој свет околу мене наспроти оној во мене….

Живеев и живеам постојано согорувајќи и лутајќи низ мислите; се мачев и грешев, почнував и оставав, и пак почнував и пак оставав, се борев и се борам откажувајќи се од заблуди и празни ветувања. Разбрав дека мирот и спокојот не постојат во Творечкиот чин. Сè е постојан почеток и сè е убавина покриена со длабоки тајни. Сликањето е истражување и потрага до личните значења и вистини што треба да ги препознаат како свои и останатите луѓе…..

Направив свои самостојни изложби во Скопје, Белград, Виена, Рим, Софија, Истанбул, Киев и Санкт Петербург! Моите слики се наоѓаат во приватни домови и јавни згради!

Добивав и награди и признанија: највисока Државна награда во Република Македонија за особен допринес во областа на културата и уметноста, награди на Друштвото на ликовните уметници на Македонија и др. Но, се чини дека е тоа само дел од Човековата суета….

Еден ден ми пријдоа на пазар една жена и еден маж. Откако ме прашаа дали сум јас тој и тој, ми рекоа: „Кога пак ќе направите изложба? Ние на Вашата изложба одевме секој ден и ни беше убаво“.

Ете, сега насетувам што е вистинска награда! Сега немам долга коса. Косата сега е бела, избрчкано е челото, а погледот иако е љубопитен, е темен! Светот и понатаму го сакам, сега како единствен модел на минатото и иднината.

Знам, она што минало не се враќа, она што ќе биде е непознато.

И ете, таму каде што се среќаваат минатото и иднината, во таа точка, тече мојот живот и се раѓа мојата слика…. Таму е уште живо, здраво и среќно, петгодишното дете со долга руса коса до раменици!(2014)

Текстот е превземен од веб страната за творештвото на Владимир Георгиевски и неговиот уметнички одговор, преку слика и збор, на егзистенцијалните прашања врзни со верата, животот, смртта, улогата и суштината на човекот.

©2018 Владимир Георгиевски – сите права се задржани.

 

НЕМА КОМЕНТАРИ