Вечерва со почеток во 20.00 часот по подолга пауза ќе бидат отворени вратите на галеријата при Младинскиот Културен Центар. По тој повод нашиот млад уметник Душан Стефановски ќе се претстави со својата прва самостојна изложба. Роден на 19/05/1996 во Скопје, по завршувањето на средното уметничко училиште тој  дипломира на факултетот за ликовни уметности (отсек графика) во оваа 2020 година. Дел е од графити сцената во Скопје од 2011. Покрај неговата ангажираност околу престојната изложба Душан одвои од своето време да ни одговори на неколку прашања. 

 –Душан, ја имаш таа чест да ги отвориш портите на галеријата при МКЦ со својата прва самостојна изложба, најпрво би те запрашала каде и како ја гледаш улогата на уметникот во општеството?

 –Да, јас ја имам честа да ги отворам вратите на галеријата во МКЦ, во овој период на редуцирање на мерките но тоа секако ме прави и да чувствувам и доза на анксиозност во себе, но сепак сметам дека веќе сите разбираме колку е важно да се почитуваат мерките за заштита, и мислам дека сите посетители ќе ги почитуваат и се надевам никој нема да ми се лути што нема да се поздравам со нив. Но, да ви го одговорам прашањето, јас сметам дека уметникот може да има многу улоги во едно општество, а особено сметам дека должноста на еден уметник е да ја користи уметноста како начин да ги искаже своите мисли, критики, чувства и многу повеќе. Уметноста ја има моќта да промени мислења и емоции но и да те соочи со неизбежна вистина. Уметноста е еден од нај универзалните начини на комуницирање, искажување на една свесна мисла. Сѐ зависи од уметникот која една мисла сака да ја соопшти, но и до каде ќе ја однесе таа мисла и како ќе ја претстави пред светот на уметноста.

-Како дел од графити-сцената во Македонија, кажи ни нешто повеќе за твоите минати искуства.

-Моите почетоци, а со тоа и првите мои искуства во овој домен, се врзуваат години наназад, можеби некаде околу 2011г., кога отвори првата продавница за графити метеријали во Македонија (Графити Шоп Хром). Поради таа причина имаше голем раст во популарноста на цртање графити и општо графити културата во нашата земја. Секако, после неколку години популарноста почна да се намалува, и останаа само оние луѓе кои беа врзани и искрено полни со пасија кон нашата сцена. Но, во денешницата сметам дека имаме стабилен број на луѓе кои веќе околу десетина години ( можеби и повеќе), ја подржуваат нашата графити сцена и се сѐ уште активни, и ќе останат активни бидејќи сѐ повеќе и повеќе има потреба од урбаната уметност во нашиот град како што и расте прифатеноста на овој правец во уметноста, особено во глобална перспектива.

-Кои мотиви најчесто се твој избор и со која техника им даваш форми на истите.

–Самата техника е мојот мотив. Сакам да експериментирам и да истражувам нови начини на добивање уникатност во моите дела. Во некој моменти дури се запрашувам дали премногу истражувам, бидејќи имам премногу уникатни решенија. Но сеуште барам една супериорна техника со која ќе правам изложби во блиската иднина.

 

-Твоја ултимативна цел во изведба на твоите дела е:_________

–Како што напоменав во претходното прашање, во овој веќе толку истражен свет на уметноста да принудам нешто ново, импактно и уникатно.

Душан Стефановски

https://www.facebook.com/events/695317341284360/?acontext=%7B%22ref%22%3A%2222%22%2C%22feed_story_type%22%3A%2222%22%2C%22action_history%22%3A%22%5B%7B%5C%22surface%5C%22%3A%5C%22timeline%5C%22%2C%5C%22mechanism%5C%22%3A%5C%22hovercard%5C%22%2C%5C%22extra_data%5C%22%3A%5B%5D%7D%5D%22%7D

 

______________________________________________________________________

Му благодариме на младиот уметник за отстапениот материјал и можноста да погледнеме дел од делата кои ќе бидат изложени вечерва во МКЦ.

 

НЕМА КОМЕНТАРИ