Секоја година на 14 февруари православните христијани го прославуваат свети Трифун. Се верува дека свети Трифун е чувар на лозјата и гостилниците, но и на брачната љубов и верност.
На 14 февруари винарите првпат одат на лозјата во новата календарска година и почнуваат да ги кројат лозите и ги поливаат со вино, а се верува дека свети Трифун на својот празник забодува факел во земјата и така снегот почнува да се топи. Многумина веруваат дека токму на овој ден започнува пролетта, се будат природата и љубовта меѓу луѓето. Ако на празникот Свети Трифун паѓа дожд, сливата ќе има добар род.
Кај народот за овој празник се поврзуваат различни обичаи и приказни. Снегот може сѐ уште да изненади, но тоа се сметало за симбол на бериќетот.

Легендата вели дека свети Трифун е роден во селото Кампсади во Фригија и дека живеел во третиот век. Родителите му биле сиромашни, па уште од дете за корка леб ги чувал гуските на богатите мештани. Една легенда, пак, вели дека уште од детството имал исцелителска моќ, а за овие негови способности дознал и тогашниот римски император Гордијан, чија ќерка Гордијана била душевно болна, а никој од лекарите не можел да ѝ помогне. Во таква состојба, вели легендата, еднаш од неа прозборувал лошиот дух дека никој не може да го протера, освен Трифун. Но бидејќи не рекол за кој Трифун станува збор, царот наредил да му се донесат сите со тоа име и да пробаат да ја излекуваат ќерка му. По извесен период, во малоазиската Фригија царевата војска го наоѓа и малото скромно момче Трифун и го носи кај царот во Рим. Сиромашното момче веднаш ќе ја излекува девојката, а царот богато ќе го награди, но момчето при враќањето дома по пат им ги разделува сите дарови на сиромашните. Кога се вратил во своето село, продолжил да живее како и порано, да ги чува гуските. Разбирајќи за неговата моќ, новиот римски цар Декиј, голем противник на христијанството, ќе нареди момчето да го затворат во ќелија и да го изложат на најголемо мачење. Но Трифун ќе ги поднесе сите мачења, сѐ додека не е прободен со меч. Имал само 18 години. Според една друга верзија, свети Трифун бил заврзан за коњ и така влечен по камења и трње, а починал пред самиот чин на егзекуцијата.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваSидот на љубовта во Париз!
Следна објаваБела боја – кралица меѓу боите, дури и во зима!
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР