На 20 декември (петок), во Националната галерија, објект Мала станица ќе биде отворена изложбата на црногорскиот уметник Џелош Џокај. На отворањето на изложбата ќе се обратат амбасадорката на Р. Црна Гора, Н.Е. Марија Петровиќ, г-а Лилјана Колунџиќ, помошник директор на Музејот и галерија од Подгорица и директорката на Националната галерија на Р.С. Македонија, д-р Дита Старова Ќерими. Трите дами, во оваа прилика, со отворање на изложбта официјално ќе го промовираат започнувањето на соработката со Музејот и галерија од Подгорица, со очекување за плодна размена на искуства, знаења и реципроцитет во превземање на изложби со што македонската јавност ќе може од поблиску да се запознае со црногорската современа уметност, и обратно. Р.С. Македонија ќе има можност да биде претставена со автентични ликовно уметнички презентации во срцето на Црна Гора – Подгорица. 

Џељош Џокај е црногорски уметник со албанско потекло, кој припаѓа на генерацијата на уметници на Владимир Величковиќ и Душан Џамоња, генерација која не сака да заборави и се раздели од претходната, од надреалистичката, т.е онаа на Ступица и од апстрактната на Лубарда. Блиска му е естетиката на руралниот социјален реализам, а потоа и онаа на градскиот метафизичар Хегедушиќ, со одредена проекција на одредени типично национални карактеристики, во рамките на естетското искуство на Европа.

Критиката го дефинира како остроумен лирик, опседнат во своите дела со насилството на минатото и сегашноста, водејќи ги своите ранети и скршени ликови по пепелливата медитеранска земја, со силни оловни бои, за да ја поднесат сопствената жртва за човештвото. Го нарекуваат уште и сликар на технолошката сегашност, која веќе ја чувствуваме како дел од минатото, по која се движи робот, среќен како безгрижно дете, а од чии очи и раце растат корени и од чии артерии капе крв. Сликар е на поранешните и идни преселби. Тој црта, бои и формира една скаменета, метализирана слика чие време се простира во бесконечноста, слично на најмачните сништа. 

„Портретите се еден од главните мотиви во мојот опус. Како момче, доживеав војна, така што секогаш носев мачени глави во сеќавање. Од приказните на постарите луѓе, се сетив дека тие зборуваа за сечење на глави и набивање на кол, така што тој мотив остана незаборавен за мене. Отсекогаш сум се обидувал да ги ублажам овие мотиви, така што тие ќе бидат во форма на лирика, затоа што мислев дека мачеништвото и трагедијата во создавањето се тешки и малку прифатливи. Затоа уметничките критичари, мотивирани од моите дела, и ме нарекоа имагинативен лиричар кој не се заборава “ – вели Џељош Џокај за своето творештво.

Селма Џечевиќ, куратор од Музејот од Подгорица, која го истражувала опусот на Џокај ќе напише: „Црногорската уметничка сцена, која наследува долга традиција, е признаена по својата уметничка поетика која изгледа многу разновидна и сложена. Ако ги погледнеме нашите минати уметнички практики, ќе забележиме генерации уметници кои негуваат посебен и оригинален израз, без оглед дали се заснова на традиција или се спротивставуваат на тоа. Едноставно зборува за неисцрпната моќ на нашата уметничка сцена, која се манифестира во мноштво креативни изрази честопати признаени и надвор од границите на нашата земја. Еден од уметниците чиј творечки живот остави свој белег на неодамнешните уметнички случувања низ цела Италија и Германија е сликарот од Миљеш крај Подгорица, Џељош Џокај. Обемниот уметнички опус, кој вклучува сликарство во боја и ѕидно сликарство, графики и цртежи, сведочи за реткиот креативен потенцијал на уметникот. Сепак, медиумот преку кој уметничкиот и технолошкиот процес на Џокај најубедливо го транспонираше неговиот уметнички свет, се однесува на графиките што го направија еден од најистакнатите уметници на Југославија кога станува збор за оваа техника.“

Оваа изложба е последна од програмските проекти за 2019 година со што се заокружува една исклучително плодна и успешна календарска година. На сите љубители на уметноста и пријатели на галеријата им посакуваме угодни новогодишни празници и многу успех во Новата година! 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваBalmain Pre-Fall-2020: Коктел фустани во стилот на 80-те и топли јакни од твид!
Следна објаваА1 Game Fest 2019 ги надмина очекувањата
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР