Меѓународниот настан „Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“ кој ќе се одржи во Музејот на современа уметност во Скопје на 31 мај и 1 јуни, и чија појдовна точка е инцидентот од 21 април 2017 година, кога пожар го уништи Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје, има за цел да ја подигне граѓанската свесност и колективниот однос кон незаштитеното модернистичко културно наследство и ќе се обиде да дојде до одговори како да се направи корисен модел за архивирање на значајни документи најдени во јавен простор.  

По пожарот во кој беше уништен најголемиот дел од архивата на заводот како планови, меморандуми, извештаи, брошури, книги, урбанистички студии и макети, руините на објектот беа изложени на случајните минувачи. Затоа, македонските уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска од Проектниот простор Прес ту егзит, заедно со локални и меѓународни уметници, со дозвола од Заводот за урбанизам и архитектура и со поддршка на значајни институции и асоцијации како Државниот архив на РМ, Музеј на град Скопје и Асоцијација на архитекти, организираа акција за расчистување и заштитување на дел од документите и предметите кои не изгореа. Тие успеаја да спасат значајни документи од пост-земјотресно Скопје.

Настанот ќе биде од јавен карактер и секој заинтересиран посетител може да ги проследи панелите на учесниците овие два дена. Во рамките на настанот ќе земат учество, истакнати европски куратори, директори на институции од културата и уметници како од земјава, така и од странство, претставници од Музејот на град Скопје и Државниот архив на Македонија.

Целта е да се создаде продуктивна дискусија и наедно гостите – панелисти од странство да ги пренесат своите исксутва, за тоа кои модели тие ги користат во своите земји околу архивирањето на значајни документи од културното наследство.  

Собраните документи ќе бидат појдовна точка на овој настан/симпозиум, кој го организира Здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“.

Во Скопје пристигнуваат истакнати куратори, директори на институции од музејската дејност и уметници како: Сабина Саболовиќ – членка на кураторскиот колектив од Хрватска What, How & for Whom/WHW, која ќе зборува за кураторскиот пристап кон архивата како нешто што оди подалеку од ригорозната или научна дефиниција. Илустрираното предавање на Чарлс Еше – директор на Ван Абе музеот од Ајндховен ќе се фокусира на музејот и употребата на музејските збирки, документација, спомени и односи во создавање на специфични изложби и истражувачки проекти. Себастиан Цихочки – заменик директор на Музејот на модерна уметност во Варшава, во својата презентацијата ќе зборува за експериментот Бродно Биенале (Варшава, 2018).

Во рамките на настанот ќе биде отворена и изложба на уметниците Антонис Питас од Холандија, Тјаша Калкан од Хрватска и Јане Чаловски, курирана од Јованка Попова, како и изложба на дел од материјалите од опожарениот Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје. Свои панели ќе имаат и претставници од партнерските организации на Прес то егзит како: Наташа Бодрожиќ (Слободне Везе, Загреб), која ќе ја претстави и книгата „Потрошувачка култура на Социјалистичка Југославија“ и Марјока де Греф и Анастасија Пандиловска (Санс анд Старс, Амстердам).  

Во прилог е и видео кое го снимија уметниците и на кое може да се види во каква состојба беше оставен просторот по пожарот.  

СПОДЕЛИ
Претходна објаваСамостојна изложба на Кристина Зимбакова
Следна објаваКоја е разликата помеѓу сопствениците на кучиња и мачки?
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР