По синоќешното свечено отворање на 22. издание Скопје филм фестивал во полната сала на кино Милениум со светската и македонска премиера на играниот првенец на режисерката Марија Џиџева, денеска се одржа прес конференција посветена на филмот „Втора шанса“.

„Ова е една современа и секојдневна женска приказна за сите нас. Иако во филмот е ставена во една историска рамка, мислам дека добро функционира и денеска затоа што се обидовме да направиме приказна за нас, особено за женските светови и нивните затворени светови. Се надевам дека ќе фунционира со публиката и дека ќе не’ натера да разговараме и да комуницираме меѓусебно“, рече режисерката Џиџева.

Продуцентот Светозар Ристовски нагласи дека она што го испровоцирало да се зафати со овој проект е едноставноста и минимализмот на приказната.

„Ова беше прилично зрела приказна и она што е особено интересно во нашата средина е што се работеше за женски филм со женски ликови. Нешто што кај нас, во кинематографијата, не е толку често. Овој проект го развивавме и го работевме неколку години. Сценариото многу ми се допадна и идејата ни беше дека ни треба многу силна актерка, која и како личност би ја понела тежината на ваков проект. Потоа и’ се јавив на Николина Вучевиќ Зечевиќ, со која и претходно работевме и откако добивме поддршка од нашата Агенција за филм, добивме и од српскиот филмски центар и така се создаде оваа копродукција“ рече Ристовски.

Копродуцентката од Србија, Николина Вучевиќ Зечевиќ истакна дека откако проектот добил средства од Србија заеднички ја формирале екипата и покракт актерката Мирјана Карановиќ, српски дел од екипата и одделот за шминка.

„Се’ на се’, ова беше една пријатна и лесна соработка“, рече Вучевиќ Зечевиќ.

Познатата Мирјана Карановиќ, рече дека таа е дел од женското трио рамноправни главни женски улоги кои подеднакво ја носат тежината на филмот.

„Главната улога, всушност, ја имаат три жени кои живеат во иста зграда и немаат меѓусебен контакт. Допирните точки меѓу нив се лифтот и болницата што е интересно бидејќи сите три имаат животни приказни кои се однесуваат на големото прашање: Што ќе биде? Како да се оди понатаму во иднината?  Мојот лик во филмот повеќе молчи отколку што зборува, а и на сопругот не му се спротивставува. Дури во последниве децени почнува да се зборува за тоа дека е потребно да се комуницира, но всушност ние живееме на таков терен на кој отворањето значи слабост, позиција во која можеш многу да изгубиш. Така е на Балканот и во деловите на светот кои повеќе време поминале во разни судири, беда и лоши историски фази, отколку што имале долг историски период на стабилност и мир. И едноставно во воспитувањето се пренесува она: Подобро молчи. Молчи и ништо не започнувај и точно во филмот гледате како генерациски, најмладата ја немаат таа препрека иако е во нас тоа цврсто всадено. Овде кај нас се’ е прашање на живот или смрт, или ќе продолжиш да си го носиш бремето на грбот или ќе одиш по ѓаволите. Мојот ликво овој филм прави исчекор и знам дека во холивудските имате дефинитивен расплет во кој се покажува што ќе биде на крајот, но овде имате само една слика која може да ја инспирира публиката да си постави разни прашања и ова е отоврена приказна“, рече Карановиќ.

Актерката Наталија Теодосиева која во филмот ја игра улогата на амбициозната лекарка која дознава дека е бремена, но бидејќи дејствиоето се случува во времето на воениот конфликт, 2001 година, таа се плаши за својата судбина и за судбината на своето неродено дете. Не знае дали треба да го задржи или да оди на специјализација во странство.

„Ова е филм за судбини на три жени во различни периоди од нивните животи, нив ги спојува и конфликтот, тој е во позадината, иако ние не зборруваме за него. Тие се среќаваат во лифтот и молчат. Не ги споделуваат своите проблеми а сите три трпат голема штета од конфликтот“, рече Теодосиевска

Филмот нацистина отвора многу прашања, но од женска перспектива: дали навистина имаме втора шанса, како ја гледаме. Филмот нема заокружен крај туку е оставен простор самата публика да ја доврши приказната или да ги поврзе изборите што ги прават трите ликови.

„Многу ми е драго што бев дел од овој проект, да го наречам женски филм или женско писмо што е реткост во нашата кинематографија и воопшто секогаш имаме силни машки ликови, отколку што имаме жена херој. Тоа за мене беше еден од најубавите моменти во однос на сценариото, затоа што станува збор за женска природа, односно како секоја од трите жени успева да ја преживее психозата на конфликтот“, рече актерката Даниела Иваноска.

Данчо Чевревски рече дека му е драго да учествува во овој филм, во кој речиси сите освен Карановиќ биле негови студенти на ФДУ.

Филмот наскоро ќе игра на редовниот кино репертоар во земјата, а веројатно и на некој од европските фестивали.

Од денешниот втор фестивалски ден (18.04), освен филмските проекции го издвојуваме свеченото отворање на Ретроспективата на Мето Јовановски (Кинотека, 21 часот) и можноста за средба со Кахејн Куперман (Kahane Cooperman), американска авторка, продуцентка и режисерка, која ќе одговара на прашањата од публиката по проекцијата на краткиот документарен филм „Joe’s Violin“, кој во 2017 година беше номиниран за Оскар (Кафе – кино Котур, 19 часот).

 

Програмата и распоредот на филмовите и настаните видете ги на http://www.skopjefilmfestival.com.mk/

СПОДЕЛИ
Претходна објаваЧоколадни коцки со бонбони од слез!
Следна објаваСКОПЈЕ ТАНЦОВ ТЕАТАР – СВЕТСКИ ИЗВЕДБИ НА ДОМАШНА СЦЕНА
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР