Изложбата „Црн петел, црвена кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“, која ја подготви Музеј на Македонија во соработка со Археолошкиот музеј  од Скопје и која на 7 февруари беше отворена во Етнографскиот музеј во Загреб, бележи позитивни одгласи во хрватските медиуми.

„Оваа изложба нуди увид во различните видови на археолошкото и етнолошкото македонско културно наследство од праисторијата до денес, кои содржат елементи на телесното и сексуалноста, а со тоа и на плодноста“ (tportal.hr)

„Многу интересна и ‘откачена’ гостувачка изложба од Музејот на Македонија, чиешто отворање во Етнографскиот музеј привлече голем број заинтересирани посетители и гости“ (turistplus.hr)

Во Етнографскиот музеј во Згреб,  изложбата е со назнака „содржина што не е дозволена за помлади од 15 години“.

Изложбата која во Загреб ќе биде отворена до 7 април, 2019 година, е подготвена од Музејот на Македонија и Археолошкиот музеј од Скопје и презентира еден мал дел од култовите на плодноста кои се практикувале на територијата на Македонија од предисторијата до денес.

Култовите и обредите на плодност се претставени преку разни форми на предмети, на женски фигурини од предисторијата (антропоморфни и зооморфни жртвеници), опрема од обичаите под маски, велигденски јајца и делови од женската народна носија. Плодноста во најтесна смисла се поврзува со опстанокот на човештвото, но и со внесување на елементи на еротика во секојдневниот живот на луѓето (лампи и садови со еротски сцени и претстави во антиката).

Таа еротика на некој начин низ вековите се пренесувала и преку усното народно творештво со песни, приказни, поговорки и гатанки, како еден вид на вербална магија, со цел да иницираат плодност и кај човекот и кај природата.

Обичаите под маски кои го одбележуваат крајот на зимата и возобновувањето на природата, се полни со симболични ритуални дејствија кои треба да обезбедат плодност на луѓето, стоката и посевите. Овие архаични обичаи во изложбата ги презентираме преку фотографии и документарните филмови Џоломари и Говедар Камен. Жените во Македонија и денес активно посетуваат култни и свети места – манастири, цркви, турбиња, води, камења, дрва и др, вршејќи разни обреди поврзани со плодноста.

Она што има посебен белег во оваа изложба е начинот на кој култот на плодноста бил вткаен во облеката која луѓето ја носеле во 19 и 20 век. Македонската женска носија како целина, но и поединечните делови и украси ја презентирале биолошка спремност на жената за репродукција. Таа воедно била и силен симболичен агенс за поттикнување на плодноста, но и магиски заштитник од невидливите зли сили кои можеле на жената да и ја одземат способноста да раѓа.

Ваквиот начин на презентирање на разнородни предмети и визуелни материјали, кои се разликуваат како типолошки така и хронолошки, укажува на уникатноста на оваа изложба. Интересен е нивнот спој, и начинот на кој тие се надополнуваат и воедно се дообјаснуваат.

 

Автор на изложбата: Јован Шурбаноски

Коавтори на изложбата: Јасемин Назим, Александра Папазовска, Владимир Боцев

Кустос на изложбата: Гордана Виљетич

Дизајн на изложбата: Јован Ивановски

Визуелен идентитет на изложбата: New Moment New Ideas Company Skopje

Дизајн на каталог и информативни панели: Леон Џинго

Автори на текстовите: Јасемин Назин, Александра Папазовска, Ирена Настева Колиштркоска, Владимир Боцев, Елизабета Конеска, Илина Јакимовска, Гоце Наумов, Сања Димовска

Реализацијата на изложбата е поддржана од Министерствата за култура на Македонија и Хрватска.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваИнспиративна убавина – Маракеш!
Следна објаваЧитањето книги-бескрајно возбудлива авантура!
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР