ВО ЈУ КУЛТУРНО ИНФОРМАТИВЕН ЦЕНТАР –
СКОПЈЕ,  ВО ЧЕТВРТОК, 29 НОЕМВРИ 2018 ГОД.
ВО 20:00 Ч. БЕШЕ ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБА НА СЛИКИ
ОД ЛИКОВНИОТ УМЕТНИК СЛАВЧО
МАКСИМОВСКИ. ИЗЛОЖБАТА БЕШЕ ОТВОРЕНА
ДО 11.12.2018

Истата од 12.12.2018 е пренесена во Центарот
за култура во Битола.

Психологија на БЕЛА ДЕВОЈКА

Кон самостојната изложба на Славчо
Максимовски

Што е уметноста ако не е борба?!?

Борба на духот на уметникот кој војува
за  откривање на вашиот внатрешен и
надворешен свет. Борба исполнета со
жар, непокор, гордост и ризици.
Максимовски е  импулсивен,  енергичен ,
полн со емоции, страстен сликар. Видлив
е експресивен, брз, сликарскиот потег
кој на моменти се успорува, станува
бавен за да премине во суптилен.
Станува збор за една чудна и на изглед
многу природна сликарско-графичка
кохезија. Тоа ја појаснува трагата по
која уметниковото изразување ќе се
движи. Без да се силува композициската
целост на делото, со самото тоа што
техниката со која се работи во најголем
број од случаите е масло на платно, се
дозволува делото да има процес на
созревање. Останатиот дел се работени
во најразлични медиуми од лавиран туш,
акварел, акрилик, графички техники
(сува игла и комбинирана техника).
Страста и импулсивноста на Максимовски
е јасно видлива  во изразот  и начинот
на создавање на делата кои не секогаш
се работени со четка. Неретко бојата е
нанесена со рака или директно од туба.
Комбинацијата на топли и ладни тонови
(во поголема мера ладни) е со причина да
се отслика современото “студенило” на
времето во кое постоиме сега гледано
низ неговите зеници.Во неговите дела е
неговиот скаменет поглед од рушењето
на меѓучовечките односи и распаѓањето
на сите човекови морални норми и
традиционални вредности. Секоја боја
има посебно влијание врз човекот и
ментално и емоционално. Со
испреплетувањето на колоритниот
контраст со разлеан хармоничен растер,
преку кој провејуваат црвеникави траги
имаме јасен знак за тоа дека гори
желбата за револуција. Револуцијата е
мајка на промената на систематското
раководење во целина и суптилно,
културно и уметничко плукање на
општевството. Низ лик што бескрајно
набљудува, гледа со грозен молк и
немост во својата закоравеност, сепак
низ својата затворена уста прелетуваат
бесконечности преточени во загатки за
да ги фатите силно и да ги голтнете
длабоко колку што можете повеќе и без
милост да ги изџвакате со сите можни
пориви. Револуција низ  поглед со
скриена солза кој го чека својот крај
за да почне од почеток, но, ужива во
својата недовршеност знаејќи дека тоа
ќе избледе. Револуцијата како жена.
Жената како никогаш не пресушен извор
на инспирација, како дама величествена
и со нејзиното величество и
грандиозност ставена на највисокиот
пиедестал над сите пиедестали,
константно се бори со сѐ што застанува
низ просторот по кој таа чекори, силна
е, плени со убавина и поглед нежен,
тотално изграден став и непокор кон
своите цели за лично задоволство и
достигнување на врвот. Стои некогаш со
болка, во раката има забоден стар
клинец со црвен конец,  а некогаш гнило
јаболко. Не се предава, и покрај сите
препреки и трнливи стапки, цврсто гази
по својот пат. Некогаш со неми усни
сакајќи нешто да проговори, но, сепак,
остава да зборуваат нејзините очи, тие
ќе кажат сѐ, дури и тоа што таа никогаш
не би сакала некој друг да го слушне,
тие се верни предавници ако знаеме да
влеземе во нивната кобна суштина. Таа е
онаа семоќна жена која Максимовски го
води до степен за метафизичко
размислување за недостижноста и
недопирливоста. Со тело од коски и крв,
таму само присутност на илузијата е
дозволена, а тоа ја плени секоја мисла
што ќе си дојде понатаму. И веќе тогаш,
сите зборови за неа се излишни и крајно
непотребни, а помислата за завист и
зборови кој би ја разорувале  таа
суптилност чистота претопена во
нејзината душа станува морничав ужас.
Силна како челик, кршлива како кристал,
ладна како камен, топла како жар.

Таму некаде доаѓа и погледот полн со
тага и презир поматен со простување, а
неговата прошка е извадена од минатото
за секоја замислена неоствареност, на
неговата неискривена слика за моралот
и секоја невидлива солза баш поради тоа
што останало само трага на сеќавање таа
не излегува надвор да си оди туку си
шета и се слева во неговата внатрешност
низ душата.Меланхоличниот поглед е
константно присутен.

Мисла за темното во светлината и
нејзината спротивност, светлото во
темнината.

Поглед со тага за моралноста односно
неморалноста!

“Јас сум предалеку од сѐ, но поблиску
до себеси.”

Не постои минато без сенки, ниту пак без
ветер.Сенките стојат до срцето, но
важно е да не те засенат. Тоа се тие
погледи, тоа се тие ликови. Среќни,
тажни болни, искрени, самоуверени,
емотивни, кршливи, борбени,
меланхолични, живи… Тоа е таа една
единствена девојка, која во изразот на
Максимовски ги содржи сите девојки во
себе.  Низ него дува ветар кој го
обликува, но не горазнишува.  Ова е
негов ветер, негов бродолом. Пред
истиот ветер паѓаш и стануваш. Тоа се
силни ветришта, на нашите души.

м-р Жаклина Петровска (Историчар на
уметност)

Валентина Матовска (Психолог)

Славчо Максимовски

Роден e во 1988 година во Скопје, Р.
Македонија. Средното образование го
завршува во Државното Средно Училиште
за  Ликовна Уметност и Дизајн
“Лазар Личеноски” во Скопје. Во
периодот 2007-2011 студира на насока
графика, со што се стекнува со звањето
дипломиран графичар. Постдипломските
студии (2017-2018) ги продолжува на
Факултетот за ликовни уметности во
Скопје, насока сликарство, во класата
на проф. м-р. Јован Шумковски.
Учествувал во повеќе групни изложби и
има реализирано неколку самостојни
изложби. Максимовски има изложувано  во
границите на Р. Македонија (Скопје,
Тетово, Гостивар, Куманово, Пробиштип),
но и надвор од нив, во странство (Србија,
Италија, Финска, Мексико). Има остварено
и престој во Франција за време на кој го
развива својот уметнички израз.
Добитник е на повеќе награди меѓу кои и
1-ва Награда од публиката на
,,Интернационалната изложба за мал
формат’’ во Нови Сад – Србија 2016.

Неговите дела се дел од приватни
колекции во Македонија, САД, Канада и
Еквадор.

Неговиот непрекинат ангажман за
промовирање на уметноста и културата
говори за неговата љубов кон истата во
сите нејзини форми. Има изработено
неколку сценографии, плакати за
театарски претстави, автор е на два
краткометражни филмови, едукатор во
ликовна работилница и автор на неколку
колумни. Во моментов изработува
фрескоживопис.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНеверојатна викендица на Наоми Кемпбел, подарок од Владислав Доронин!
Следна објаваБожиќ во Франција!
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР