Во Kултурно информативниот центар-Скопје, во изложбениот салон-Империјал 2, на 17-ти минатиот месец беше поставена иложбата на слики насловена како “БОИ” на нашиот уметник кој живее и твори во Германија, г-ниот Ангел Паневски. Интересна изложба ретка од ваков вид поставена во нашиот главен град. Секоја боја околу нас има свое различно значење и во исто време буди кај нас различни чувства. Таа е лично и емотивно доживување кое во човековиот мозок го предизвикува светлината која паѓа во окото. Перцепцијата на боите е комплексен процес. Научниците ја дефинираат како електромагнетно бранување со различни фрекфенции и бранови должини. Со помош на боите можеме да доловиме една посебна атмосфера во одреден простор. Познато е дека боите влијаат врз работата како на нашиот ум така и на нашите чувства. Бојата е израз за впечатокот што настанува во нашиот мозок кога светлината ќе ги “надразни” нашите очи. Ја имавме таа чест да проговориме на оваа тема со авторот на истоимената изложба г-динот Паневски и да му поставиме неколку прашања.

ДИВИАНАРТС: Г-дине Паневски, ова е ваша прва самостојна изложба во вашата родна земја со која се претставивте на домашната публика. Ја насловивте како “БОИ”-(COLORS). Поставката се карактеризира со комбинација на разновидни уметнички медиуми и остава впечаток на еден вид на отворено движење помеѓу инсталациите и платната. Ќе ни кажете ли нешто повеќе за изложбата, колку време работевте на овој проект?

Ангел Паневски: Најпрво ви благодарам вам, но и на многубројните посетители кои беа присутни на мојата прва самостојна изложба во мојата родна земја Македонија. Исто така ја користам оваа прилика да ја истакнам извонредната организација на тимот на “КИЦ-KIQ”. Што се однесува до вашето прво прашање со задоволство би ги искористил зборовите на познатиот Barnett Newman кој на вакво слично прашање одговорил; ( За да се наслика едно дело треба релативно кратко време, но за да се дојде до решение е потрребно многу повеќе време, мене на пример 43 години ). Техниката со која се работени платната е класична. Секој детал, секоја линија и обоена површина е дел од една целина. Композицијата, контрастот како и сликарскиот дуктус мораше хируршки прецизно до милиметар да се запази. Да не ги наведувам набавката на материјали и долгите денови на припрема на платната како и сосотавување и обмислување на колристичката палета. На сето тоа да се додаде и претходната изработка на техничките цртежи и нивното трансферирaњe на платната. Секоја работа има видливи и невидливи дури некогаш и незамисливи процеси на подготовка а сите тие водат до повисока цел наречена „УМЕТНОСТ“.

ДИВИАНАРТС: Визуелниот јазик е базиран на естетиката и на симболиката на геометриската форма во овој случај линијата. Употребувајќи ги линиите како просторен концепт тие како да го трансформираат галерискиот простор а во истовреме го наметнува визуелниот впечаток во окото на набљудувачот. Кажете ни од каде инспирација за една ваква изложба?

Aнгел Паневски: Второто поставено прашање од ваша страна е многу едноставно и во истовреме многу елементарно, бидејќи во него се наоѓа суштината на моето творење. Се надевам дека нема да откријам некоја голема тајна ако кажам дека некогаш се потребни и повеќе од стотина години додека некоја работа не го достигне својот највисок индустриски стандард. На пр. некои бои во природата кои се користат со генерации успеваат да станат индустриски стандард со тоа што се најбарани на пазарот. Плавата боја на пример е пронајдена во планините на Авганистан. Таа подоцна станала еден вид на стандард во првиот глобален свет кој го поседува квалитетот на врвни хумани пронајдоци. Како што е општо познато кутиите со сликарските бои преставуваат сами по себе инспирација и желба да се внесе “боја” во животот. Смисолот на инспирацијата во моите дела да ги наречам (АНЕГДОТИ) е сложувањето на боите кои пак укажуваат на одредени уметнички движења и форми на апстрактното сликарство. Познатиот писател Heinrich Böll во една книга има забележано „Во апстрактната уметност предметoт e неjзиниот духовeн значaj.

ДИВИАНАРТС: Уметноста и културата најчесто ги разбираме во нивната модерна структура. Тие се создаваат да извршат позитивни и културно-образовни општествени промени. Дали според вас моќта на уметноста го има потребното влијание во едно општество?

Ангел Паневски: На ова прашање би требало да се одговори повеќе од филозофски аспект. Јас за тоа имам многу јасен став. Уметноста која има било каква намена се студира на академија за применета уметност, додека т.н слободна уметност се движи во рамките на духовниот простор. Таа не му служи ниту на тој што ја создава ниту на тој што ја набљудува. Уметноста не владее со никого. Тоа е мојот уметнички став.

ДИВИАНАРТС: Индивидуалноста на еден уметник е од големо значење, како вие ја негувате вашата?

Ангел Паневски: Што се однесува до индивидуалноста во уметноста мислењата се делат на два дела. За едните индивидуалноста и креативноста е интересна само како еден вид на форма за разлика од другите пак за кои таа е единствениот критериум за врвна уметност. Сметам дек секој преставува сам за себе посебен индивидум. За мене e од голема важност е активноста и трпението вложени во работата. Дали е индивидуална или не, зависи многу од гледната точка како и од степенот на знаењето на набњудувачот. Некои велат подобро верна копија неголи лош оригинал. Знаете насмевката на Леонардовата Мона Лиза потекнува од неговиот учител Андреа дел Верокио. И таа насмевка авторот ја повтотува во сите негови следни дела. Кога кај големите великани на уметноста самоповторувањето донело врвни резултати што да се зборува тогаш повеќе.

ДИВИАНАРТС: Г-не Паневски, ви благодариме на овој разговор и ви посакуваме уште многу успешни изложби и секако успех во понатамошната работа.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР