НУ Национална галерија на Македонија со особено задоволство ја информира културната јавност дека е еден од добитниците на овогодишните нагаради на конкурсот 18 Мај – Меѓународен ден на музеите за особени достигнувања во музјеската дејност во текот на 2017 година кои ги додeлува Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ).

Имено во категоријата Музејски проект на годината за 2017 година наградата, стручната комисија, овој пат на наше големо задовлство и радост и ја додели на Национална галерија на Македонија за проектот организиран во чест на 90 години од раѓање на бардот на македонското современо сликарство, човекот со исклучителен дух, авторот со нагласена индувудуалност, неуморен и бескомпромисен во постојана потрага по нов ликовен предизвик, големиот Петар Мазев.
​Овој проект покажа дека неговото творештво не е актуелно само за повозрасните, туку уште повеќе за новите генерации кај кои неговиот ликовен опус кој опфаќа широк распон на ликовен израз кој се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис кој ги обединува овие две ликовни експресии претставуваше особено вдахновение. Несомнено, Петар Мазев одигра клучна улога во оформувањето на новиот ликовен израз во македонската современа ликовна уметност и ослободувањето од дотогашните конвенционални начини на ликовно изразување. Оттука, Националната галерија на Македонија соодветно на неговата големина и значење организираше Јубилеј 90 години од неговото раѓање кој беше незаборавен настан за македонската ликовна уметност како комплексен проект кој опфати изложба со своевиден ретроспективен карактер, правејќи пресек на неговото ликовно творештво и соодветно на тоа печатено јубилејно издание со текстови од наши еминентни ликовни критичари. Куратори на проектот „Петар Мазев, 90 години од раѓање” се виш кустос Маја Неделкоска Брзанова и кустос Татјана Бундалевска. Во реализацијата на проектот беше активно вклучено и одделението за дизајн: Борис Шемов, Михаела Јовановска и Теона Блажевска.

Изложбата беше отворена на 2ри ноември 2017г. во објектот Даут пашин амам и траеше до 25ти јануари 2018г. Јубилејната изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање” беше успешно организирана, проследена со голем интерес од публиката и голема финансиска и логистичка поддршка од страна на ексклузивниот спонзор „Фондација Илија Камчев” (од страна на кој беше обезбедено санација и реконструкција на изложбениот простор, полирање на мермер, ново осветлување и адаптација на одреден простор во објектот Даут пашин амам во сувенирница, печатење на рекламен материјал и маркетинг поддршка). Медиумски спонзор на изложбата беше МРТВ која го отстапи документарниот материјал за Петар Мазев од нејзината архива, кој беше презентиран во рамки на изложбата. Беа направени повеќе прилози во речиси сите македонски интернет портали, како и на Националниот сервис МРТВ. Изложбата и публикацијата беа широко афирмирани и презентирани како на МРТВ така и на приватни портали и телевизии. Исто така националниот сервис МРТВ следејќи ги националните интереси и интересот кој оваа изложба го предизвика сними и краток документарен серијал посветен на Петар Мазев под наслов „Мојот вујко и јас” кој е базиран на сеќавањата на неговиот внук сликарот Симон Шемов.
Ексклузивното Јубилејно издание „Петар Мазев, 90 години од раѓање” има 240 стр., 155 илустрации и 6 текстови од наши еминентни ликовни критичари, биографија, библиографија и каталог на дела, како и превод на текстовите на англиски јазик. Отпечатени се 400 примероци со мека мат корица и тврда корица. Ликовното обликување на публикацијата е на Борис Шемов. Фотографиите во книгата се на Игор Василев и Роберт Јанкуловски, преводот на Наташа Димитровска, а лектурата на Сузана Спасовска. Во Јубилејното издание Петар Мазев, 90 години од раѓање се наоѓаат текстови на Соња Абаџиева, Викторија Васева Димеска, Конча Пиркоска, д-р Владимир Величковски, Мирјана Талеска и директорот на Национална Галерија д-р Дита Старова Ќерими. Во текстовите секој од авторите од свој агол, на еден посебен начин го донесуваат ликот на Петар Мазев како човек и како автор со сите специфики на неговиот карактеристичен ликовен пат. За изложбата беа отпечатени плакат, покана, постери, маици, платнени торби, чаши, магнети и беџови со мотиви од дела во сопственост на Националната Галерија, семејството Мазеви и спонзорот „Фондација Илија Камчев”.
Беше направена обемна маркетинг стратегијата финансирана и помогната од спонзорот во рамките на која беше отпечатен плотер со мотиви од сликата „Љубомора” во сопственост на Националната галерија и сликата „Лав” во сопственост на фамилијата Камчеви. Плотерот беше аплициран на големиот стаклен ѕид на влезот во Даут Пашин амам. Беа направени рекламни знамиња со мотиви од сликите на Мазев и неговиот потпис. Исто така на еден од надворешните ѕидови на Даут пашин амам беше поставен голем рекламен банер со потписот на Мазев.
Напоредно со книгата објавена по овој повод, беше поставена и изложба на која всушност беа вклучени дела кои прават своевиден пресек на неговото творештво, следејќи го неговиот развоен и творечки пат од самите почетоци во 50-те години од минатиот век па се до неговата смрт во 1993 год. Tоа беа пред се дела кои на ликовната јавност и се малку или воопшто не и се познати, дела кои биле малку или вооопшто не биле изложувани. Тие условно следеа еден временски дискурс откривајќи го неговиот развоен пат како автор и ослободувањето на неговиот ликовен гениј од самите почетоци во 50те години на минатиот век, со надреални, фиуративни мотиви, преку карактерисичниот енформелски израз во 60-те, па се до последните години од неговиот живот кога неговата карактеристична експресивна природа кулминира со експлозивни платна со апстрактно-фигуративен експресионизам со гестуална акција и силен колорит. Делата застапени на изложбата беа позајмени од Музејот на современата уметност во Скопје, Заводот и Музеј од Охрид, Културно-информативниот центар од Скопје, ЦК Антон Панов од Струмица, но и голем број на приватни колекционери. Голем дел од делата кои беа евидентирани во текот на повеќемесечната работа и истражувања а не беа вклучени во изложбената поставка најдоа свое место во јубилејната публикација објавена во оваа прилика. На изложбата беа поставени 80-ина платна работени во различни техника масло на платно и масло на панел, комбинирана техника на платно и панел.
Во рамките на изложбата беше презентиран документарен материјал поврзан со животот и работата на Петар Мазев во продукција на МРТВ: прилог од Струшки вечери на поезијата од 1963 г., Портрет на Петар Мазев од 1978 г. со Гордана Михаилова Бошњакоска, разговор со Глигор Чемерски од 90те год. од документацијата на МРТВ.
Во рамките на изложбата се одржаа и едукативни работилници како дел од проектот на едукативното одделение Годишна изложба на основните училишта наречена „Мазев и јас”. Платната на кои работеа децата беа изложени во објектот Даут Пашин амам наспроти делата од Мазев со цел да се види неговото влијание и инспирацијата која беше поттикната кај децата. Платната беа изложени од 19ти до 31 декември 2017 год. Истите беа продадени во хуманитарни цели. Со собраните средства беа направени пакетчиња со училишен прибор, маици и новогодишни пакетчиња кои им беа подарени на децата со посебни потреби, оштетен слух и говор ДУЦОР „Партениј Зографски” во Скопје.
Затворањето на изложбата се случи на 25ти јануари 2018 год. со стручно предавање на проф. д-р. Иван Џепаровски, кој пред бројната публика збореше за Мазев како автор кој создаде одреден култ во македонската современа уметност и како исклучителна личност. Личноста на Мазев и инспиративниот говор на проф. Џепаровски предизвикаа исто така голем интерес кај публиката што услови соодветно на големината на авторот и успешниот концепт и реалзација на изложбата и успешно завршување на проектот и затварање на изложбата.
Изложбата претставуваше исклучителен настан кој во текот на целото времетраење од ноември 2017 г. до јануари 2018 г. предизвика голем интерес проследен со голем број на посета од над 10.000 посетители во групи и поединечно.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваПролетно/летно освежување – цветни блејзери!
Следна објаваМајски оперски вечери во МОБ – Змејот од Босна на 22.05.2018!
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР