Со поддршка на Министерството за култура и Музејот на Современа Уметност деновиве беше преставен проектот “Ослободување на простор” (Freeingspace) , со кој нашата земја ќе  учествува на 16`то Венециско Биенале (26 мај-25 ноември), најзначајниот светски настан од областа на архитектурата кое се одржува секоја втора година.

Носител на овој проект е Музејот на современа уметност-(МСУ), а комесар на истиот е  Зоран Петровски кустос-советник во музејот, додека куратори се Марија Мане Велевска и Слободан Велевски.

Авторите се: Филип Јовановски, Марина Торнатора, Луција Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Горан Витевски, Мила Димитровска и Александра  Шулевска.

Содржината на проектот авторите ја поставиле на три посебни тези. Врз основа на нив тие избрале четири посебни просторни асамблажи кои се вткаени во колективната архитектонска меморија на главниот град. Тие се “МОБ” и кејот на Вардар, објектот на МЕПСО, Стоковната куќа на плоштадот и Поштата со телекомуникацискиот центар.

Како што истакнаа авторите, проектот има за цел, едно критичко гледање на  начинот на уредувањето на градот, а се осврнува не само на естетскиот момент туку малку повеќе на самата функционалност на просторoт кој е главен стожер на градот.

Поставката на македонскиот павиљон во Венеција оваа година се состои од пет фрагменти: покрај информативниот, ќе има и по еден специфично поставен и конструиран за секој од четирите разгледувани и преработени архитектонски простори.

Комесарот Петровски најави дека Ослободување на просторот ќе биде изложен во МСУ во почетокот на 2019 година.

 

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР