Минатата недела, во рамките на Саемот на книгата, на штандот на издавачката куќа „Арс Ламина Публикации“ беше промовирана првата од петте книги од едицијата „Прошетка низ Европа“, проект кофинансиран од Програмата „Креативна Европа на Европската унија“.

Станува збор за превод на делото „Кратка теорија за патувањето и пустината“, добитник на престижната Награда за литература на Европската унија, од шпанскиот автор Кристијан Крусат.

Шесте приказни од „Кратка теорија за патувањето и пустината“ од Кристијан Крусат го разгледуваат целосниот опсег на човековото искуство. Тие нè носат на патување околу светот, од сувите пејзажи на медитеранскиот брег, до делото на брилијантниот српски писател Милорад Павиќ. Сите ликови ја исчекуваат, бараат или истражуваат можноста за откровение што никогаш не се појавува во нивното вкочането „тука и сега“. А сепак, парадоксално, изгледаат неспособни да преземат какво и да е ефикасно дејствување, со можниот исклучок на Лена, која пишува од лебдечкиот свет на соништата.

Според мистиците суфисти, душата е жедна за промена, а неподвижноста може да се почувствува како бавна смрт што може да доползи секаде: да се појави на патишта, на напуштени паркинзи или хотели преполни со туристи (пустината на модерниот свет). Сепак, дали по игра на судбината, или само како шанса (небитен инцидент, онесвестување на нудистичка плажа, авионска несреќа што никогаш и не се случила) можат додека да трепнеш да го откријат вистинското лице на отуѓеноста на ликот…

Благодарение на неверојатната разновидна проза, номадскиот стил, што се приспособува на различни духовни, физички или замислени места од секоја приказна и на кревката индивидуалност на нивните жители, Крусат ги води овие одвеани ликови низ амбисот на стравовите, сомневањето во себе и копнежите што го сочинуваат модерниот свет.

Кристијан Крусат Шрецмајер (Cristian Crusat Schretzmeijer), авторот на делото „Кратка теорија за патувањето и пустината“ е роден во 1983 година во Шпанија, од татко Шпанец и мајка Холанѓанка. Магистрира книжевност на Универзитетот „Компултенсе“ во Мадрид и применета лингвистика на Меѓународниот универзитет „Менендез Пелајо“ во Сантандер и на Институтот „Сервантес“. Потоа, докторира компаративна книжевност на Универзитетот во Амстердам.

Крусат е автор на „Статуи“ (Пре-Текстос, 2006), „Спокојни во време на војна“ (Пре-Текстос, 2010) и „Кратка теорија за патувањето и пустината“ (Пре-Текстос, 2011). Во 2010 година ја добива меѓународната награда за раскази „Мануел Љано“, а за „Кратката теорија…“ ја добива и престижната награда за литература на Европската Унија.

Преводот на романот е дело на Марија Ристовска, дипломиран филолог на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, додека корицата е креација на Катерина Трајановска, еден од победниците на Конкурсот за дизајн на корица за оваа едиција, што беше спроведен во март оваа година од страна на издавачот Арс Ламина.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваИнспирација за домот | Соби во сина боја
Следна објаваМинијатурни пораки со големо значење
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР