Со добар распоред на мебелот, станот во поткровје може да биде идеално место за семеен живот. Архитектонскиот тим од украинското „Svoya Studio“ уште еднаш докажува дека со практични идејни решенија и интересни детали, дури и скромниот тавански простор може да се претвори во удобно семејно гнездо. Сината нијанса со која е бојадисан ѕидот во централниот дел на станот, не само што го облагородува целиот животен амбиент, туку и одлично се вклопува со мебелот во сива боја. Освен што ја краси дневната соба, истата боја како избор се нашла и во бањата, каде ѕидовите ја задржале белината, а елементите се во аква син тон. Во продолжение на дневниот престој сместена е малата кујна со трпезарија, а обезбедено е доволно место и за голема полица со книги, воодушевувајќи колку вешто и паметно е искористен малиот простор. Спалната соба е комплетно уредена за одмор и релаксација, со симпатични катчиња за седење крај големиот кревет. Сликите со реплика на прозорци, пак, се оригинално решение и хармонично се вклопуваат со остатокот од ентериерот. Амбиенталното осветлување му дава по малку магична атмосфера на станот, украсен со необични лустери и лампи. Дизајнерите мислеле и на најмалите членови на семејството, па детската соба е преуредена како за игра, така и за слатки сништа. Погледнете ја галеријата со фотографии, и пронајдете ја омилената идеја и за вашиот дом.