Мала доза на дневна мудрост никому не штети – баш напротив, не се чекаат големите поводи во животот за да сфатите одредени работи за значењето на истиот. Некогаш не поседувате доволно концентрирана свест за да уживате во малите животни благодети и да го цените нивното присуство во Вашиот секојдневен живот, како што е присуството на најдобрите пријатели. Стојте до Вашата најдобра пријателка, бидејќи во цел животен век нема да најдете слична на неа. Пријателството не е она кого познаваш најдолго, туку е кој навратил во Вашиот живот, кажал „Јас сум тука за тебе“ и го докажал истото. Особено важно за женските пријателства, бидејќи оние искрените се се` поретки. Ако сте среќни да најдете таква личност, од калибарот на „засекогаш“, чувајте ја добро. Тоа е како да сте нашле еднорог. Затоа што засекогаш нема крај. И затоа што Вашите најдобри пријателки се…

.1.

Ваше огледало. Го рефлектираат се` она што сте, како што и Вие го правите истото за нив. Во одраз кој ги отелотворува сите Ваши идеи и можности.
Конкретен пример: Вашата идеја за голем младински проект и патување е полесно остварлива ако Вашата најдобра пријателка Ви каже дека верува во Вас. И Ви помага при остварувањето.

Ваш сведок. Ве има видено и во најдобро и во најлошо можно светло, а сепак Ве сака такви какви што навистина сте.
Конкретен пример: Не се срами да дојде кај Вас дома и да облече пижами, да ја извади шминката и да не биде истата онаа убавица што била кога дошла. Зошто? Затоа што и Вие сте во истото издание.

Ваш крими-партнер. Затоа што индивидуалниот криминален ум нема смисла ако немате соучесник. А криминалот означува нешто различно од регуларното – откачена жичка за различни работи.
Конкретен пример: „Доаѓај брзо, нема време за објаснување“, дури и ако се работи за организирање на изненадување за роденден на некој близок. Со импровизирана торта и свеќичка.

Ваш придружник по полноќ. Независно дали имате многу работа за утрината или пак, сте се одлучиле за полноќни мартини-сесии кои ќе го направат светот подобро место.
Конкретен пример: Спиењето е за слаби личности. Овие проблеми нема да се решат сами од себе! И исповедите за сегашни и бивши момчиња ќе излезат на виделина, сами по себе.

Ваша мотивација. Да Ве расположи кога не сте свои, да Ве инспирира кога можете повеќе. Да Ве поттикне на храбри чекори, да Ве смири кога претерувате.
Конкретен пример: Најдобрите пријателки може лесно да еволуираат во мајки по потреба. Почесто сестри, најчесто некоја форма помеѓу замисленото ангелче и демонче што Ви стојат на Вашите раменици. Или извршители спремни да употребат сила ако не се расположите додека сте во Париз.

Ваш персонален асистент. Ваш ментор, обезбедување, ПР агент, најчесто психијатар. Автоматски стилист додека сте на непланиран шопинг. Мулти-улоги кои со радо срце ги прифаќа затоа што и Вие сте се` тоа исто, за нив.
Конкретен пример: Да организираат промоција за Вашата книга иако Вие со пишувањето сте до 60та страница, едвај. Или пак, да Ви ги измијат садовите додека Вие се лакирате, во крајна линија да Ве нокаутираат со зборови доколку не сте во право. И воопшто да не се чувствувате поразено поради тоа.

Ваш искрен сопатник. И во добри и во лоши времиња, да знаат да Ве подигнат кога ќе паднете… откако ќе Ви се изнасмеат слатко.
Конкретен пример: Случајно паѓате по скали на факултет. Најдобрата пријателка трча да Ви помогне, ама не може зошто се смее од срце – Ве станува додека сеуште се смее и знае дека сте во ред кога и Вие самите почнувате да се смеете посилно.

Ваш најреален суд. Адвокат кој ќе Ве брани при напад од професорот или животот, а ќе Ве обвини насамо. Советник и судија, кажувајќи ги не оние работи кои сакате, туку кои треба да ги чуете.
Конкретен пример: Да се претвори во агресивна лавица ако некој Ве нападне или во мирен хрчак додека и` делите комплименти. Да знае дека секоја победа или пораз треба да се залие со кафе.

Ваша постојана постава за фотографирање. Без разлика колку сте уморни или максимално расположени да се насмеете пред блицот, ќе се насмеете пред блицот. Иако во моментот не сте свесни дека создавате спомени – по извесно време ќе Ви биде мило.
Конкретен пример: И` кажувате на Вашата најдобра пријателка дека Ви здодеа постојаното фотографирање. Резултат: имате само 2-3 фотографии од последната посета на Европски парламент. По смирувањето.

 

Ваше мало животно чудо.

Можеби сте цветови кои растеле во различни градини, но тоа што сте го нашле своето место заедно говори за квалитетот на Вашиот избор и тежината на Вашата блискост, наспроти се`. Спремни да делите и болка и радост и ручек, независно каде.
(Не)конкретен пример: Никогаш во животот не знаете што може да Ве зближи. Но знајте, ако ја задржите таа блискост и доверба, тогаш сте нашле редок скапоцен камен. Чувајте го внимателно, чувајте го блиску.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваСтан кој постојано се менува
Следна објава17 летни комбинации за 17 денови | Olivia Palermo
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ