Љубовта отров, болест,
љубовта филозофија и поезија без граници,
велат дека е за човек,
но дали сите тие една до друга,
една, па друга беа луѓе?
Почнав од детството со лисица и потоа станав
волк кон сите,
капка по капка крвта ја чувствував низ вените,
и ритамот на срцето го следев,
љубовта не дозволуваше да ја разберам свеста,
очите од искреност и љубов не ми гледаа кон
тебе,
страстите силно ги тепаа моите потреби,
а јас ги скротував рацете,
се скротував јас, само од љубов, почит,
искреност, нежност и желба за единственост
кон тебе
и се така
и се тоа
и само така
затоа што те сакав и те сакав.

Успевав се пред мене да прогледам, газев,
пребродував, живеев со болна надеж.
Поради тебе со нула помножив се што е гордо,
а е со мене.
Поради тебе дозволив да се црвенам, срамам,
понижувам, расправам и да го срушам моето јас.
Секој детаљ, спомен, доживување,
со тебе ми беше сон, но и кошмар,
оти знаеше да бидеш ангел од небото,
но и ангелски ѓавол на земјата и со мене.
Нежноста на твоето лице, твојот поглед и појава
ја прекриваа вештината на интригите во тебе.
Немирниот дух и желбата за чекор понапред од
мене голема причина, за да ме поттикнеш,
да те бркам по сокаци, по книги, по соништа,
по посвети и еднаш со твоја помош вечно да те
избркам од кај мене.

Болен почнав да живеам,
ден по ден, месец и години да заздравувам,
Да се оправам, ама …
Дотогаш ако ми беше само воздух,
сега ми стана и вода.
Ако ми беше љубов, сега ми стана љубов, љубов,
љубов.
Ако ми беше слаба точка, сега стана гнојна рана.
Ако ми беше надеж, полека почна да ми се
претвораш во вечност.
Ако те сакав, сега почнав повеќе од себе да те
сакам.
Ако ми беше злато, сега ми стана срце оти така
си поблиску, така си во мене, оти јас се родив со
тебе и само за тебе…

Оплакани сите песни по ред ми беа,
затоа што со нив ноќите во ден ги претворав и
пречекував.
Но, сам, така зрело гледајќи на работите сфатив
дека треба да се разбудам, да заминам, искинам
и напуштам се што беше со тебе и од тебе
се беше валкано, лажно, одвратно, болно,
искористено, до крај изгорено и до корен
откорнато.
Парите, желбата за важност, притисок и
расипаност станаа твоја одлика еј љубовна
проклетијо!
Патував со Данте, се пробудив со Петрарка и на
крај пак завршив со По, затоа што со него е
гавранот, црнилата и смртта.
Но, не се предавам за таму!
Останувам само за да ти кажам и засекогаш
докажам дека:

„Можеби ќе бидеш среќна и ќе имаш се
ама нема да имаш човек со срце и толку голема
љубов затоа што таа твојата е љубов од навика,
материјална и вештачка.
Прегратката не е како нашата порано, нема да
биде сино како кај нас и нема да е сигурно и
топло како тука.
Молам, молам за момент кога нашите деца ќе
бидат другарчиња од парк или познаници –
тогаш нека се вратат сликите, нека боли и се
нека изгори… “

Војна за мене станав јас и мојот сомнеж,
изморен од игрите опевам само спокој, мир и
копнеж.
Се сеќавам, овенувам ама се оправам оти сега не
е исто како порано.
Зрел ама сепак зелен, со дното на психата и
погледот на светот, штит цврст изградив,
споменик на вечноста со букви нејасно
испишани, со почеток а без крај, секоја буква,
секоја вечер, некое доживување, валкање и
глума со некоја,
своја приказна ама сепак поука.
За секогаш покрај успехот и неуспехот,
желбата и копнежот секогаш стој самотијата,
тивките воздишки и рефлексијата на немирот и
спомените.
Таму со самотијата е и одата на животното
искуство,
која така започна одамна,
каде на секоја секунда ме има мене
со иста или со друга во комбинација,
за да разбивам едноставност и да разбивам
монотонија.

*Поемата е првонаградена на последната, републичка културна манифестација
„ЛИТЕРАТУРНИ ИСКРИ ВО ГОСТИВАР“ по повод 24 МАЈ ДЕНОТ НА СЕСЛОВЕСНКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ
во категоријата ЉУБОВНА ПОЕЗИЈА (возрасни).

*сликата е дело на Laura Harris

СПОДЕЛИ
Претходна објаваValentino Men | пролет/лето ’14
Следна објаваHeineken | Отвори си ги можностите
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ