За судбината не е важна шансата која ти е пружена – целата вселена е фокусирана на понудениот избор… таа не е нешто што се чека, туку категорија која макотрпно се постигнува. Целото сиже се гради врз основа на вечната човекова волја и копнеж кон подобро утре, волја и копнеж да се истрае на трновитиот пат кој се одликува со непроодност и малверзации; на кој тргнале стотици гладни души, гладни за исправување на неправдата со која се родени и која морале безусловно да ја прифатат. Патот на кој се одлучиле надежни млади луѓе со незнаен број, е самонаметнат од горчливата македонска реалност, исполнет со излудувачка неизвесност, кој го носи името печалбарство.
Ех, речено било од бога да оди, нека оди! Не сум мислел да го делам!… Зошто ќе речеш? Ќе ти донесе пари, ќе ти се посвети куќата… Така е вистина, ама срцево ми гори каде го делам… Подобро човек леб и сол да мака ама децата да си ги има околу себе.
Целата негативна аура на драмата го следи проклетството на парите отелотворено во водечкиот протагонист на Крле, преку чии постапки и интеракции осознаваме што можат да направат парите од човека: од чесно заработен печал доволен за пристоен живот до погазување на сопственото достоинство за конвенционалната вредност на истите. Долгоочекуваното фаворизирано враќање на синот единец во родниот дом, млад печалбар кој моментално стои како зрел човек, чија менталитетска природа избледена со текот на годините, чија вредност на парите ја сфаќа фигуративно – денес ги имаш, утре ги немаш; неговото враќање дома води до голема радост во куќата на сестра му, која е среќно омажена и има ќерка. Тука се раѓа идејата како да се соопшти веста на родителите, но преку несекојдневен начин на изненадување во насока да се разбие монотонијата на нивните рутински животи и секако, да испровоцира поголема емотивност при повторното видување.
Е, пара спечалило кучето! Кога го поткренав и видов дека е тешко помислив дека е сребро, а тоа, жено, злато! Ич на злато не ми отиде умов!
Ова куче не ги има само спечалено, слушај ме ти мене! Овој има отепано некого за да дојде до овие пари! А кога тој можел некого да отепа што јас не би отепал него и да станам богат човек? Како ги спечалил — така нека ги загуби! Секирата на ова куче!
Главната сижетна линија е пристигнувањето во родната куќа после цели 20 години, претставувањето како странец и затекнувањето на сопствениот крај, дома. Се поставува прашањето: колку е потребно да се уништи достоинството и човечноста, да се наруши својата чест градативно сочувана низ годините, да падне како обична кула од карти за еден момент каде човековата алчност и плиткост испливуваат на површина… по цена на животот на сопственото чедо? Колку е потребно да се надмине границата на човековата глупост? Одговорот ќе го најдете помеѓу страниците на неповторливиот Ристо Крле.