Согласно практиката да се води книжевен дневник и истиот да се пренесе во електронската реалност, не е изненадување дека книжевните блогери се прилично активни и популарни денес. Од препораки до критики, од реклами до инфографици; во услови кога информациите се црпат од интернет, друштвени мрежи и форуми – книжевните блогови го уживаат својот полн сјај. Во Македонија оваа практика постои во последните неколку години, но вниманието би го насочиле кон најсодржајниот од нив, блогот Кафе и книги.

Почнувајќи од март 2015, блогот е активен речиси секој ден – истиот изобилува со книжевни занимливости, статии за книги, идеи за декорирање на домот со полици, кои се предностите на библиотерапијата, кој држи предимство во вечната дилема „книга или филм“… и ним сличните прашања и одговори. Во суштина, блогот е отелотворение на една здрава навика да се храни умот со информации коишто светот ги смета за подзаборавени. Зошто да се прочита книгата кога може да се најде рецензија за истата на интернет и така да се победи во некој разговор? Одговорот нѝ е повеќе од јасен: зошто искуството коешто книгата Ви го пружа никогаш нема да се спореди со нецелосната информација и доживување.

Divian Arts препорачува:
„Заљуби се во девојка која чита!“

Позади овој блог, стои една девојка – името ѝ е Марија, а биографијата ѝ е испишана со книги. Не е ништо различна од останатите вљубеници во зборот. Но, она што ја прави Марија достојна за препорака е тоа што несебично и неотповикливо ги сака и споделува своите размисли, копнежи и сеќавања за книгите на еден толку секојдневен начин што ќе почувствувате дека секој ден може да пиете кафе и да разговарате за книги со неа.

Поделен во неколку категории, овој блог покрај нови информации од книжевниот свет, одвреме-навреме сервира потсетување на најубавите цитати од литературата, подеднакво посветува внимание на прозата и поезијата. Истиот е присутен и на Facebook, каде се споделуваат горенаведените информации.

Кафе и книги е блог на една вљубеничка на книгите наменет за сите од нејзиниот вид, но и за оние кои сега влегуваат во тој магичен свет на книгите.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР