
Доволно е да се погледне малата, но неодоливо привлечна куќичка во Марбеља, на југот од Шпанија, која сопственичката ја користи како гостинска куќа за незаборавно поминати денови на своите пријатели. Сместена e во прекрасен природен амбиент, во опкружување на дрвја и многу зеленило, меѓу кои оваа колоритна градба се издвојува со впечатливата жолта фасада и зелениот кров, малите прозорци и убавата градина. Во внатрешноста, пак, акцентот е ставен на смиреноста, лежерното чувство и топлината, па така во целиот простор доминираат неутралните тонови на бела, зелена и беж боја, но и природните и нежни материјали, како што се дрво, памук и лен. За целокупното уредување е задолжена дизајнерката Vanda Jewes, која на овој сензуален и по малку романтичен ентериер му дава автентична нота со деталите и декорирањето. Меѓу нив се и мозаичниот под, двата камина позиционирани во дневната и спалната соба, но и мини кујната интегрирана во само едно шкафче во дневната соба, која е целосно функционална и пристапна. Од друга страна, дворот и терасата, со цветно декорираната маса, минијатурните грмушки и зеленилото, комплетно се во допир со природата, и се веројатно најубавото место за одмор на сетилата, со релаксирачките мириси на Медитеранот кои допираат од далеку. Прекрасна викенд инспирација!
























