Со македонската премиера на филмот „Реквием за госпоѓа Ј“ вчера вечер свечено беше отворено 20. издание на Скопје филм фестивал.
„Филмот во голем дел е снимен во Скопје, исто така е и монтиран во Скопје, така што филмот е „породен“ овде. Четири месеци практично живеев во Скопје, и ова го доживувам како домашна премиера. Навистина сум почестен што филмот се враќа од таму од каде и излезе“, рече режисерот на филмот Бојан Вулетиќ.
Директор на фотографија е Јелена Станковиќ, сценограф е Зорана Петров, костимограф е Лана Павловиќ, а монтажата е на Владимир Павловски.
По проекцијата, публиката со силен аплауз ги поздрави маестралната актерка Мирјана Карановиќ, режисерот Вулетиќ, продуцентите Ненад Дукиќ и македонскиот дел од екипата предводен од продуцентот Томи Салковски.
На програмата на фестивалот вечерва во кино „Милениум“ уште една премиера на новиот македонски филм „Ах љубов моја“ на режисерот Коле Ангеловски.
„Направивме филм кој е за публика. Публиката ќе сака да го гледа, ќе ужива и ќе биде среќна и задоволна по проекцијата. Во филмот главно играат млади актери, повеќето дебитанти и мислам дека одлично се снаоѓаат пред филмсаката камера“, вели режисерот Ангеловски.
Вечерва, во 19, 30, во Кинотека на Македонија започнува и новата детска програма „Креираме заедно“ која, покрај детските краткометражни филмови, ќе ги претстави и завршните продукти од работилниците со учениците со и без попреченост од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица.
Во Кинотеката вечерва ќе се одржи изложба на фотографии, филмска програма и дебата на тема: „Кретивноста -прозорец кон светот на различностите“.
Детските филмови што ќе се прикажат се синхронизирани на македонски јазик, со адаптиран превод за лица со оштетен слух. Оваа програма ќе продолжи и во сабота 22 април, а влезот е слободен.
Програма за сабота 22.04
Кино Милениум
17:00h 2001: ОДИСЕЈА ВО ВСЕЛЕНАТА/ 2001: SPACE ODYSSEY (1968)
Режија: Stanley Kubrick
UK/USA, 142 min
20:00h МЛАДИОТ КАРЛ МАРКС/THE YOUNG KARL MARX (2017)
Рeжија:Raoul Peck
France/Belgium/ Germany, 118min
22:00h КРАЛИЦАТА НА ШПАНИЈА/THE QUEEN OF SPAIN (2016)
Режија: Fernando Trueba
Spain, 128 min
Кинотека на Македонија
19:30h КРЕИРАМЕ ЗАЕДНО Филмска програма за деца.
Филмовите се синхронизирани на македонски јазик, со адаптиран превод за лица со оштетен слух (слободен влез)