Одберете си прегратка, подарeте насмевка! Каде? На големата донаторска изложба по повод Светскиот ден на гушкањето, која ќе се одржи во вторник (21.јануари) во Концепт 37, со почеток од 20.30 часот.
,,Дизајнирани прегратки’’ e настан во организација на ,,Млади за љубов”, кој обедини 15 македонски дизајнери, фотографи и креативци, во убав проект за прослава на хуманоста, радоста и гушкањето. На изложбата ќе бидат претставени оригинални изработки инспирирани од преграткaта, создадени со многу љубов од вештите раце на нашите креативци: Ирина Тошева, Преплет, Ind Og, Нина Симовска – Just because, Омајгад, Hard to explain atelier, Flim, Тхе Мичо, Design & berries, Наке Батев, Ивана Батев, Фросина Илиевска, Стефани Павловска и Филип Конески. Ветуваат многу изненадувања за дар од срце, по симболична цена за помош на продавачите од ,,Лице в Лице’’. За добрата забава, пак, задолжени се Game Over и Чваре, кои ќе ги прегрнат убавите звуци со диџеј сетови за весела атмосфера.
Гушкање – кога затворените раце, значат отворени срца.
Повелете на убава дружба во чест на денот на прегратките!