Празниците се секогаш добар потсетник дека топлата атмосфера во домот, споделувањето љубов и пријатните мигови поминати во кругот на семејството се најубавите нешта кои можете да си ги ,,подарите’’ на себе. Совршена инспирација е овој прекрасен дом, кој едноставно зрачи со радостa, топлината и оптимизмот кои изненадуваат на секој чекор, во духот на престојните новогодишни и божиќни празници. И припаѓа на шпанската дизајнерка Esther Martín, која создава ремек дела од хартија и картон. По едногодишната потрага по нов дом, се вљубила на прв поглед во оваа куќа, која била како пресликана од нејзините соништа. Некогаш стара и руинирана фарма, која цели четириесет години била напуштена, денес, благодарение на упорноста на дизајнерката, претворена е во идилично семејно гнездо, во кое таа и нејзините ќерки уживаат во благодетите на природата и смирениот живот далеку од градот. Цели три години сопственичката посветено учествувала во реновирањето, а и самата ја преуредувала куќата, па поголемиот дел од декорот и деталите во домот се токму нејзини лични изработки. Зад архаичната камена градба, внатрешноста сега ја краси топол рустичен ентериер, со дрвени допири насекаде во просторот, смирени бои, многу удобни материјали, и безброј слатки и романтични декорации. А, кога божиќната атмосфера ќе пристигне во домот, тогаш вистинска празнична магија се случува во секој агол и простор, и во ентериерот, и во градината.Почувствувајте ја!
Топол дом со празнична атмосфера
Семејна куќа која блеска со магичен сјај во пресрет на новогодишните и божиќните празници.