Интригантно станбено гнездо на повеќе нивоа, со две скалила, спална соба, бања со туш, целосно екипирана кујна, канцеларија, орман, дневна соба/гостинска спална и трпезарија – се’ спакувано во неверојатни 17 м2. Звучи импресивно, зар не? Идејниот творец на ова генијално решение е дизајнерот Torsten Ottesjö, во соработка со Lars Isestig, кои од стан со минијатурна квадратура и висина од 3,6m имаат создадено вистинско ремек-дело. Мини апартманот е лоциран во срцето на Гетеборг, и восхитува со начинот на кој е оптимизирана малата површина. Максимално рационално е искористен волуменот на секој расположлив простор за складирање и функционална намена. Истовремено, постигнат e извонредно убав, привлечен и пријатен изглед, со комплексен дизајн на неколку различни нивоа, што овозможува нов и поинаков поглед на ентериерот од секој различен агол. Концептот е поттикнат од желбата на авторот за креирање мали станбени простори кои значително ќе го поедностават животниот стил, уредени со локални евтини материјали, а сепак со атмосфера која ги прегрнува сите кои престојуваат во нив.