„Мојот портрет беше ставен на дрво, насликан со варено ленено масло и пигменти ископани од земјата или одронети од полускапоцени камења, потоа нанесени со четка изработена од птичји пердуви и свилено меки животински крзна. Ја имам видено сликата. Воопшто не личи на мене. Долго време ја набљудував, но наместо својот – на неа ги видов ликовите на моите родители. Наслушнав и ги чув нивните гласови. Ја почувствував нивната љубов и жал иако постојано се потсетувам на злосторството што ги поврзува. Истото она злосторство кое ги поврзува со мене.“

Постојат многу теории за мистериозната Мадона Лиза, односно Мона Лиза со потпис на Леонардо Да Винчи: заговорни, фиктивни или уметнички приказни позади приказната, проткаени со вечна мистика и уникатност каде што уште еднаш се соочуваме со ѕид кој го обезбедуваат демоните и интелигенцијата на самиот Да Винчи. Авторката на „Невеста во Борџии“ овој пат ѕирка во Фиренца од 15ти век, во почетокот на крајот на Медичите, каде што убиството на прекрасниот Џулијано не е единствената причина за кнедли во грлото на читателот. Овој пат, таа ја поставува Мона Лиза како центар на случувањата, од сите страни поврзана со останатите, маркантни главни ликови кои заедно го градат јадрото на самата приказна. На почетокот од оваа книга, токму пред единаесеттиот роденден на Лиза ди Антонио Герадини, астрологот ѝ ги открива следниве вознемирувачки зборови на младата дама:

„Вие сте заробена во круг на насилство, крв и измама. Она што другите го започнале, Вие мора да го завршите… Вие сте оган во сите четири аспекти, Вашиот карактер е печката во која мечот на правдата треба да се искова. Во Вашите ѕвезди јас видов чин на насилство, што и ќе биде Вашето минато и Вашата иднина.“.

Лиза се сеќава на овие судбоносни зборови кога нејзиниот живот ќе стане испреплетен со најмоќните политички фигури, кога ќе се најде лице во лице со афекцијата на семејството Медичи, кога ќе се соочи со темпераментниот и побожен Савонарола и згодниот, талентиран уметник од Да Винчи. Круг од главни ликови кои поеднакво земаат учество во длабоката судбина која ги врзува во една моќна нишка на лаги, предавство и одново пронајдена надеж…

Зошто Леонардо ја задржал „Мона Лиза“ крај себе, се до сопствената смрт? Десет години по атентатот врз браќата Медичи каде што Лоренцо преживува, но е обвиен во црно; решителната млада дама дознава за мајчината страст кон уметноста, страст која подоцна е осудена од радикалниот фра Џироламо Саванарола – човекот којшто Лиза е приморана да го слуша под приморување на татко си, по смртта на мајка си. Иако со страв, Лиза сепак успева да појде во палацото на Медичи по повод покана на самиот Il Magnifico и притоа, да добие можност да се заљуби наспроти сите опструкции и закани присутни во нејзиниот, дотогаш безначаен живот. Со омраза кон паганството и вреднување на материјалноста и уметноста од страна на Медичи, Савонарола го најавува нивниот пад додека Лиза и Џулијано помладиот дозволуваат взаемната афекција да тргне кон подем… францускиот крал пристигнува, наследниците на Лоренцо Медичи се прогонети; а Лиза е принудена да се омажи. Во зенитот на сите „не смееше да се случи вакво нешто“ случувања, Леонардо успева да си го одржи ветувањето и да го создаде портретот на Мона Лиза како порачка на Лоренцо. Историската позадина овозможува да се разбере приказната, каде што многу факти се делумно се синхронизираат, а делумно се судруваат со фикцијата на г-ѓа на Калогридис.

„Се’ се повторува Лиза, не гледаш ли? Се’ се повторува!“

Повторно сценарио за деструкција, повторна желба за одмазда и реванш: од уметност до егзекуции, до комбинација од двете, оригиналниот наслов „Painting Mona Lisa“ ни го дава одговорот на авторската замисла – да се открие мотивот и скриената приказна на најпознатиот портрет на сите времиња. Навидум обичен семеен живот, множество од скриени тајни и фанатичка борба за власт: широки пресврти кои ја зголемуваат тензијата двојно повеќе откако читателот ќе ја помине средината на книгата, особено затоа што како светло на крајот од тунелот се потписите на љубовните писма:

„Дотогаш, јас останувам
само твој,
Џулијано де Медичи…“

СПОДЕЛИ
Претходна објаваФризури за есен/зима ’13/’14
Следна објаваiTypewriter | Вистински крст помеѓу старата и новата технологија
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР