Велат малите нешта го прават животот голем, а оваа прекрасна миниjатурна куќа дефинитивно го потврдува тоа. Сместена е на југот од Франција, на само час од Азурниот Брег, и е втор дом на четворочлено семејство – идеално прибежиште за викендите и летните дни. Потрагата по спокојно катче за себе и нивните мали ќерки, ги одвлекла графичкиот дизајнер Hans и неговата сопруга Karen надвор од нивниот модерен дом во Ница, кон природните убавини на француската провинција. Тука ја пронашле малата куќа со камена структура, чија првобитна намена не била да претставува семеен дом, па со многу труд и посветеност, тие, комплетно самите ја реновирале и адаптирале да одговори на ваквите потреби. Притоа, сочувана е автентичноста на градбата, и истата е само освежена со боја и функционално приспособена, целосно задржувајќи го традиционалниот изглед. Одвнатре, рустикалниот шарм и модерните допири совршено се надополнуваат, со низа креативни решенија кои овозможуваат рационално искористување на просторот и креираат неверојатно топол амбиент. Интересно решение е поставувањето завеси наместо врати, кои му даваат отвореност на просторот, а сепак се доволна визуелна бариера за задржување на приватноста. Практично се исползува и секоја празнина и отвори во ѕидовите, како место за складирање, или, пак, за декоративни цели. Целокупниот ентериер, кој е со неодолив кантри-шик изглед, исполнет е со природни материјали и суптилни бои, во функција да се обезбеди пријатност и комфор на престојот, во кој среќните сопственици релаксирано уживаат во животот, во страста кон читањето книги и сликањето, или едноставно во убавите глетки на идиличните пејсажи. Токму градината од која се наѕираат воодушевувачките видици, била причината поради која се вљубиле во овој дом, а на која денес се позиционирани две живописни катчиња за седење или јадење на оброците во прекрасно опкружување. Погледнете ги фотографиите и инспирирајте се!
Мала куќичка за големи задоволства
Убавина и хармонија во совршен баланс.
Comments are closed.