Кога пред два месеци, Коста Петров, основачот на еден од најголемите македонски брендови во светот, ја промовираше својата прва книга „Се гледаме на врвот“, малкумина веруваа дека книгата ќе биде една од најпродаваните оваа година. Според мислењата на читателите, оваа книга се дефинира како „конечно давање отчет за книгата која најверојатно ќе биде учебник за симулација и чекори по кои ќе се движат сите оние кои што ќе сакаат да стигнат до врвот; не само за луѓето во бизнис светот, туку и за оние кои што не се дел од него.“

1

Првиот тираж на „Се гледаме на врвот“ беше распродаден за помалку од два месеци, а од 8-ми Мај во продажба може да се најде и второто издание на книгата кое вклучува ново поглавје и епилог.

Моментот кога помислувате дека сте победник е моментот кога егото станува најсилно и вистинската борба дури тогаш започнува. Уште поважно. Тоа нема да биде последната борба. Ќе има и други борби, многу борби. Но тоа не значи дека треба да престанеме да се бориме. Тоа не значи дека треба да престанеме да веруваме во чуда, да престанеме да делиме, да престанеме да сакаме кога ни доаѓа да мразиме. Напротив. Сите овие знаци покажуваат дека само со проактивност можеме да ја промениме реактивноста на нашето его.

– извадок од епилогот на „Се гледаме на врвот“

DIVIANARTS.COM успева за момент да се најде на врвот со Коста Петров, во насока на негова лична и професионална исповед која ќе им користи на читателите. Би сакале да бидете на врвот? Да видиме што ни порачува авторот покрај „Се гледаме на врвот“…

2

Првото издание на „Се гледаме на врвот“ беше распродадено за помалку од два месеци. Дали очекувавте интересот за книгата да биде толку голем?

Кога ја пишував „Се гледаме на врвот“ целта ми беше да напишам книга која ќе ги инспирира луѓето во нашата земја да сонуваат и да почнат да работат на исполнување на своите соништа. Потајно се надевав дека книгата ќе биде читана, но, да бидам искрен не очекував дека интересот ќе биде толку голем. Иако успехот на книгата навистина ме радува, уште повеќе ме радува фактот што секојдневно добивам пораки од читатели кои велат дека книгата им го променила животот и ги натерала да веруваат во сопствениот талент и успех.

„Се гледаме на врвот“ е Ваша интимна исповест. Во неа се опишани и Вашите успеси, но и Вашите падови. Дали на момент се плашевте дека можеби откривате премногу детали од Вашиот живот?

Се разбира дека се плашев. Книгата ги опишува сите мои стравови и сите мои битки и порази. Не е лесно сето тоа да се стави на хартија и да се сподели со целата јавност. Тоа беше ризик кој морав да го направам бидејќи без искреност не можеш да натераш некого да се промени и да почне да верува во себе. Пред се идејата ми беше да им покажам на луѓето дека сите ние имаме слични стравови и сите ние на еден начин се бориме со истите работи. Нема ништо во мојот живот што е поразлично од животот на илјадници млади луѓе во Македонија. Сите ние се бориме. Важно е никогаш да не престанеме да се бориме и да сме 100 процентно сигурни во нашиот успех. Нема предавање.

Секојдневно добивам пораки од луѓе кои се заблагодаруваат што конечно некој проговорил за проблемите со кои и тие се соочуваат. Анксиозноста на пример. Голем број на млади се соочуваат со тој проблем но никој јавно не проговорил за тоа. И јас имав огромен проблем со анксиозноста но со тек на време научив да ја контролирам. Одговорноста на сите нас како луѓе на оваа планета е да промениме нечиј живот. Тоа беше мојата мисија кога ја напишав книгата и искрено се радувам што таа мисија станува реалност.

Новата верзија на „Се гледаме на врвот“ вклучува и ново поглавје. За што точно станува збор?

Сите оние кои ја прочитаа книгата забележаа дека во книгата го немам опишано периодот за време на моето студирање во Прага. Тој дел го напишав уште за првата верзија но во последен момент го исфрлив бидејќи сметав дека премногу се фокусирам на мојот живот а тоа можеби нема да им се допадне на читателите. За жал погрешив бидејќи на многу од читателите првиот дел од книгата каде пишувам за моите искуства, им е најинтересниот дел. За втората верзија на книгата го вклучивме и тој дел а во него се опишани многу позитивни случки но и лекции од моето студирање во Прага.

Овој пат книгата вклучува и епилог кој, според тоа Вие што го кажавте е на еден начин вовед во Вашата следна книга?

Чувствував одговорност да напишам епилог бидејќи за само два месеца по издавањето на книгата многу работи во мојот живот се променија. Пред се’ сакав да го споделам со читателите фактот дека всушност борбата за остварување на нашите соништа никогаш не престанува. Моментот кога во животот се е во ред е моментот кога најмногу треба да работиме на себе. Како што реков, целиот живот е борба и постојат многу фактори кои не’ тераат да се откажеме од таа борба и да живееме просечен живот, но, не смееме да се откажеме. Мораме да се бориме за она што е наше. Да имаме се’ и да уживаме во сите благодети на овој свет е наше право! Никогаш не треба да се откажеме од борбата и да се задоволиме со просечното!

Кога можеме да ја очекуваме Вашата следна книга?

Во моментов најмногу се фокусираме на промоција на „Се гледаме на врвот“ во регионот. Српскиот превод на книгата е веќе готов и се прави финална лектура. Веќе од следниот месец книгата треба да се најде во продажба и таму. Во следните два месеци планираме да ја финализираме и англиската верзија која ќе биде малку поразлична од македонската. Во меѓувреме ја привршувам и мојата следна книга која има работен наслов „Исповест“ и е всушност исповест на егото. Во книгата ќе бидат откриени сите тајни на егото и сите негови тактики за манипулација со нашиот живот. Во октомври би требало книгата веќе да биде пуштена во продажба.

5

Второто издание на “Се гледаме на врвот” можете да го купите од од 8-ми Мај во Книжарница ТРИ во ГТЦ; додека за DIVIANARTS.COM, Коста Петров доделува три книги на подарок (кои ќе може да се подигнат од книжарница ТРИ, со посвета на авторот). Напишете во коментар Ваша инспиративна мисла за врвот – а DA ќе награди тројца од своите читатели, кои ќе имаат најмногу Likes на нивниот коментар. Ви посакуваме среќа, се гледаме на врвот!

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваПораки во шише | Ron Rixon
Следна објаваЧетири сестри низ 36 години | Nicholas Nixon
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР