Секогаш ведар, позитивен и насмеан. Истовремено талентиран и успешен на македонската сцена. Изненадува и плени со секој нов сингл, без разлика дали се работи за успешна преработка или авторско дело. Прв музичар во нашата категорија „Млади креативци“. Уживајте во краткото интервју и музиката на Горан Папаз.

72841_10151302150194064_1025260843_n

  •  Од кога се занимаваш со музика и зошто баш саксофонот?

Со музика се занимавам од кога паметам за себе. Вишокот на енергија секогаш сум го користел да правам нешто поврзано со неа. Саксофонот не беше моја прва желба, основното образование сакав да го започнам со изучување на ударни инструменти, но не ми се исполни тој сон и имав избор да изучувам само кларинет. Подоцна кога се запишував во средно музичко сакав да продолжам на кларинет, но имав избор да свирам само саксофон, и се’ така во животов ме следи некоја фина енергија и среќа да правам работи кои не сум ги посакувал, а подоцна да испадне дека биле создадени за мене.

3

  •  Направи преработка на “Сонце за три светови” од Џафер и “По тебе” на Тоше. Зошто токму овие песни и како беа прифатени од јавноста?

Без некоја посебна причина… само еден предизвик дали и како би звучело сето тоа кога би се измениле аранжманите во сосема друг правец. За тоа како се прифатени малку е неблагодарно сам да кажувам, но ако се ориентирам според тоа колку се слушани и вртени по радиостаниците низ Македонија мислам дека се добро прифатени.

  • Настапуваш со Суперхикс и Apply the beat, а настапуваш и сам. Како стана да си дел од овие групи? Кои се предностите и мааните да се работи во тим и да се работи сам?

Случајно и спонтано, и најверојатно сосема заслужено свирам со сите тие исклучително добри музичари. Инаку и соло настапите ми се со придружба па не би можел да кажам дека сам настапувам. Нема никакви маани, ако имаше маани не би го правел ова што го правам во моментов и немам намера да престанам да го правам.

superhiks

  • Разбуди се” е твоја авторска песна и прва од тој тип отсвирена на нашите простори. Па, ако може да ни кажеш нешто околу тоа.

„Разбуди се“ ја направив и ја чував во компјутер неколку месеци и да не беа моите блиски луѓе околу мене да ме убедат да ја пуштам во етер можеби немаше да бидам ова што сум денес. Темата ми се заврте во глава едно убаво лето и не ми излегуваше од глава цели 4 месеци се дури не се решив да ја снимам и разработам. Ја работев заедно со Гоце Симоноски во неговото студио во Тетово и ја направивме за рекордни 3 часа.

  • Нумерата “Deep Water” има интересен и несекојдневен видео запис. Која е пораката на песната и видеото?

 Пораката на песната е секогаш да се бара позитивната страна на дури и во најтешките моменти во животот. Кога ни доаѓа да заплачеме да пробаме да се насмееме. Видео записот е со иста цел и сето тоа се прикажува преку фацијалните експресии.

  • Новиот сингл “Untouchable” беше промовиран деновиве. Од каде идејата за dubstep нумера?

Песната има две изданија, првото е во една smooth jazz фазон за пијано и саксофон основа, а оваа верзија во electro dub (dubstep) е на некој начин ремикс на истата. Втората верзија најверојатно ќе се најде на албумот, здравје боже. Идејата дојде од фактот дека dubstep-от моментално е во голем подем и сакав да се испробам и во тој правец, дали погрешив времето ќе си покаже.

  • Овој сингл е твоја четврта соработка со продуцентот Александар Масевски.

Точно, четврта соработка и ќе ги има уште многу понатаму. Работењето со Масевски е едно ново и големо искуство за мене. Се работи за еден многу искусен продуцент кој две декади работел и творел во Амстердам и има над 30 официјални изданија за светски издавачки куќи.

  • Твои планови и желби за новава 2013та година? Да очекуваме албум наскоро?

Албум ќе има, кога не се знае. Плановите ми се да не запрам, напротив, да давам се’ од себе и да создавам многу повеќе музика од тоа што го правам сега. Да креирам нови и нови проекти кои ќе ја заживуваат македонската сцена. Да не заборавам на најблиските, да не заборавам да се смеам, да се напијам едно пиво со саканите и тоа за мене ќе биде уште една совршена година од мојот живот.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНаправи сам | Кревет од куфер за милениче
Следна објаваШто ако Дизни негативците победеа?
Вљубеник во уметноста и дизајнот, пружа несекојдневна и ретка презентација на истите. Носител на особена артистичка визија поткрепена со последните модни случувања, својата визуелна меморија успешно ја инкорпорира во светот на заборавените уметнички вредности. Подржувач и промотор на хуманоста, вешто ја унапредува како креативната, така и хуманата страна на животот.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР