_

Меѓу метла и метафизика

 

Се’ изметов

Што не беше повеќе потребно

Солзи

Прашини

Вештачки трепки

Оксидирани кармини

Ноќници

Чиниш завеси се

Што покриваат пориви

Жедби на телото

Како неуспешен пудинг

Раскашавени

Без смисла

А со умисла

Трошки од имендени

На Безимени

Сакам да избришам

Од Првите вечери

Судени секогаш

Последни да бидат

Остатоци од нокти изгрицкани

Од јарост на самост

Ги метев сите цветови

Од венецот на моето детство

И сите смрдливи ветувања

На барабите

И нивните несолени предлози

Да

И солта ја избришав од аглите

На суверената надеж

Уште воздишките да ги сметам

Преполни биле контејнерите од нив

Утре де

Утре

Ама утре ќе плачам сметки

Да

Ќе ги плачам

Но не плаќам

Оти метлата

Ќе ја земе

Можеби друга жена

И оваа и така е мала

Изабена

Сега

Сега нешто друго ми треба

Да ме светне

Љубезното

Како што дете

Светнува чевли

На господски луѓе демек

Ах, вештерското во мене

Едвај да излезе чека

Од таквите чевла

Да направи чорба

За чорбаџии

И лигавиците да им ги избрише

Со магична крпа

Да се види Љубезниот

Среде поинаква надеж

Без светии

Во сосем нов падеж

Па Бог да сфати

Зошто дарот ми го дал

Да словам

И да метам

Дребулии непотребни

За човекот и светот

Без круна

А со парички што ѕвечкаат

Како детски насмевки

Во џебот на ноќта

Сите потрошени

До последниот стих

Да не се измете јазикот

На аџилак

Од кујната

До масата за пишување.

 

(Ирена Павлова Де Одорико)

___________________________________

Ирена Павлова Де Одорико фото:приватна архива 

Ирена Павлова Де Одорико, писателка, поетеса, новинарка, м-р по општа и компаративна книжевност, македонски културен амбасадор во Италија.

Песните на Павлова се напишани на уникатен јазик кој содржи евокативно и лирско писание со свој доследен тон и кохерентно значение.

Нејзиниот предмет на анализа е нематеријалното каде таа преку филозофска мисла ги опишува примарните причини за реалноста во морална смисла и метафизички принципи каде се случуваат бесконечните битки на разумот.

Вистината, Добрината и Убавината се три елементи важни за формирањето на естетско-моралните спознајни  ставови во животот се во фокусот на Павлова Де Одорико.

НЕМА КОМЕНТАРИ