На 28 март со почеток во 19.30 часот во Културно-информативниот центар – Скопје-(Салон Империјал 2 ) ќе се одржи отворањето на изложбата на слики од Тони Попов под наслов “Минливост”.
______________________________
📜 За изложбата „Минливост“
„Минливост“ е серијал од околу 40 фигуративни слики работени во периодот од 2021 и 2022 година. Сликите се работени во акрилна или маслена техника во различни формати.
Главната идеја во серијалот „Минливост“ се одредени ситуации или личности забележани во одреден миг на изненадување или одлука. Сликите во овој случај се обид да се фати недофатливото, да се врами моментот кој веќе изминал.
“Фасциниран сум од човештвото: нашиот капацитет да ја освоиме вселената, нашата способност за големи нешта, дела на добрина милосрдие и сочувство. Во исто време, ме фасцинира и нашата кршливост, ранливост, минливост”.
Сликите од серијалот „Минливост“ стојат помеѓу оваа дихотомија: нашата кршливост и вечноста, зашто поради кршливоста сме си потребни едни на други, а поради вечноста таа потреба има смисла.
Фото: Тони Попов/окно.мк/
Тони Попов е уметник кој твори во повеќе медиуми. Повремено пишува сценарија за краток филм, раскази и поезија. Автор е на две збирки поезија: „Моето парче небо” (2008) и „Светот е жеден за збор” (2015). Негови песни и раскази се објавени во списанијата „Разгледи”, „Современост”, „Мантис” и др. Со сликарство професионално се занимава од 2011 година. Автор е на седум самостојни изложби, а учествувал на повеќе групни изложби во земјава и странство. Како уметник, бил на резидентен престој во Белгија, Данска и Норвешка. Неговите слики досега се продадени во 17 земји во светот. Во 2014 година, продуцентската куќа “Moments” од Шарлот, САД, сними краток документарен филм за неговата работа. Од 2016 година, Тони одржува теоретски и практични работилници за млади сликари во Осло, Норвешка. Во 2018 година, издавачката куќа „Метаноја” од Скопје, објави книга од неговиот проект „100 дена мини уметност”. Во јули 2020 година, во Охрид, Тони ја започна Летната сликарска школа „Пробај уметност”, на која досега учествуваа повеќе од 100 деца.
Член е на ДЛУБ од 2021 година. Од 2022 година е член и на Норвешката Асоцијација на сликари. Роден е 1975 година во Скопје. Живее во Охрид со сопругата и трите деца.
Изложбата ќе биде отворена до 13.04.2023 година.
ФБ Настан- Културно информативен центар-Скопје.