Во Културно-информативниот центар – Скопје, во ‘Салон Империјал 1’ на 2 март со почеток во 19.00 часот ќе биде отворена изложбата насловена со ,,Фамилија” на скулпторот Синиша Новески.

Новески е интимист, стилски определен за традицијата и за модернизмот. Преокупиран со хармонијата на компактниот волумен, како и со предизвиците на времето што значи притаен немир на животното пулсирање, а едновремено и со создавање уметничка проекција на една контемплативна голема благост во изразот. Таквиот несекојдневен амалгам на внатрешни импулси е реализиран во цврста форма со уверување дека убавината на традицијата е неисцрпна како и експериментите во доменот на модернизмот (примери од творештвото на Хенри Мур, Коста Ангели Радовани, Франо Кршиниќ, Иван Мештровиќ).

Синиша Новески (фото-приватна архива 

Синиша Новески во разни тематски и стилски варијанти го негува фамилијарниот култ на човекот низ сензибилната претстава на телото и поттиците на внатрешниот живот. Едноставноста, рамнотежата и чистата пластичност на скулптурите и во цртежите, оставаат простор и за проширено толкување на неговите дела. Тоа се значајни квалитети во ова крајно вознемирено време, време полно со страв и неизвесност, време во кое секоја искра на човечност и позитивна проекција на складност и надеж во ликовниот израз, делува благотворно и за уметноста која ја изгуби аурата на емотивност и остана во просторот на својата површна провокативност. Материјалот и чувствата во делата на Новески се неодвоиви компоненти во кои е содржана човечката искра на благост и на присност, но и на отуѓеност, искажани со една непосредност или „изворна едноставност“. Во нив се препознава неисцрпната убавина на минатото – добра основа за наредните творечки истражувања и дела на уметникот.

✍️ Владимир Величковски

 

??‍? БИОГРАФИЈА

Синиша Новески (роден на 6. септември 1978 г.) е академски скулптор и искусен педагог. Има повеќе од 20 скулптури изложени во јавни простори во Македонија, Србија, Бугарија и САД. Излагал на 20 самостојни и повеќе од 30 групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија како и на Друштвото на ликовни уметници од Македонија во Србија, во кое бил член на Управниот одбор од 2014 до 2022 г. Има учествувано во повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми и освоил исто толку награди како за сопствено уметничко творештво, така и за менторско-педагошко работење со студенти.

?? Изложбата ќе биде отворена до 14.03.2023 година.

? ЈУ Културно информативен центар – Скопје.

 

НЕМА КОМЕНТАРИ