,,Секој портрет што се слика со душата, не е портрет на моделот, туку на уметникот” (Академик Луан Старовa).

Уметноста е уникатен отпечаток што го ставаме на се што допираме, гледаме и чувствуваме. ДНК на нашата душа….

Создавањето уметнички колаж е внатрешно патување кое и овозможува на душата ,,симболично ослободување” на емоциите, гласот на творецот може да се слушне многу посилно низ визуелниот момент, каде сликите и боите ги откриваат емоциите посилно од вербалното самоизразување.

Најстарата мозаична уметност е проследена до месопотамискиот храм кој постоел во текот на третиот милениум п.н.е. Оваа уметност била направена со камења, морски школки и слонова коска. Старите грчки уметници користеле мали камчиња за да ги направат своите мозаици. Тие биле инструментални во развојот на мозаичната уметност во сложени модели. Една народна уметничка верзија на културата се нарекува семе уметност, визуелна уметничка форма создадена во мозаик стил, слична на техниката на поентилизам во сликарството или текстил со игла. Мозаичните слики од семиња се создаваат со фиксирање на растителна материја, особено семиња, на позадина.

Снежана Лазарова рачно изработува слики од ориз и синап. Оваа нејзина умешност, таа ја нарекува Луна; заради нејзината љубов кон месечината. Со специфичен индивидуален сензибилитет, Снежана изработува восхитувачко-интуитивни колажи од ориз и црн синап. Нејзините дела тежнеат кон реализам во тој сегмент, создавајќи притоа препознатлив стил. Нагласувајќи го хуманоидното во изработеното, таа предизвикува сублимација на емоции предиспонирани со чувство на емпатија, љубов, но и можност за симболичко размислување…

Oсновната идеа на творештвото беше црно-бело, дуализмот на суштината на планетата Земја, машко- женско, добро- зло, темнина- светлина….без темнината не можеме да ја препознаеме светлината, нагласи г-ѓа Снежана.

“По Делата ќе ме препознаеш”, со текот на времето се здоби со уште два вида семиња, жолто просо и црвено киноа семе.

Симболика:

Оризот: бел, живот и светлина

Црн синап: темнината

Жолто просо: Сонцето

Црвено киноа семе: љубовта, двигателот на животот. 

Има една тајна во параболата Господова за синаповото зрно. Така велат оците и нѐ поттикнуваат да ја истражуваме тајната што е скриена во зборовите на нашиот Господ Исус Христос: “Царството небесно прилега на зрно синапово, кое човек го зема и посеа на нивата своја; тоа е најмало од сите семиња, но, кога ќе израсне, поголемо е од сите растенија, па станува дури и дрво така што птиците небесни долетуваат и застануваат на неговите гранки” (Матеј 13, 3132). Такво е синаповото зрно и такви се неговите својства. И Господ, кога ги истакнува, сака да се угледаме на него во сѐ, што ни кажал за него. Велејќи ни, дека тоа е “најмало од сите семиња”, Он ни советува да бидеме смирени – да се сметаме за подолни од секој човек. А со тоа што ни вели дека , кога израсне тоа станува поголемо од сите други растенија, ни говори за кротоста и за долготрпеливоста. Тоа што ова растение има огнен цвет, – со тоа ни напомнува дека треба да бидеме чисти, да немаме никаква телесна нечистотија; со тоа што неговата внатрешност е горчлива ни напомнува да имаме омраза спрема страстите, зашто тешко им и горко на оние што го сакаат светот; а тоа што неговиот пријатен вкус не се пројавува се додека не биде соџвакано и иситнето, тоа говори за ползата од телесните страдања; кога го триеме, тоа ги просолзува нашите очи, ова ни напомнува за тешкотијата на трудовите. Го употребуваат за мачкање на умртвените делови на телото, за да не загнојат и да не се исполнат со црви. Тоа е смислата на овоплотувањето. Треба да си Го замислуваме Господа Исуса Христа во себе си и да се грижиме за тоа; да се насочуваме кон Него и за Него -слично на синаповото зрно дали сме и ние од тоа зрно или не: дали имаме и ние такво устројство и такво смирено срце, дали има и во нас од неговиот прав и од неговата горчевина и од неговиот вкус. Божјата милост сака да не исполни со сила, за да можеме да го извршуваме она што Му е угодно Нему. Нему нека Му е слава – на Отецот, и на Синот и на Светиот Дух.

Делата на Снежана може да ги погледнете на ФБ страницата “По Делата ќе ме препознаеш”. Покрај многубројните реализирани изложби, авторката е поканета да учествува на Меѓународната ликовна Струмичка колонија, која оваа година обележува Јубилеј 60 години…

“Секако дека е чест да се биде дел од настанот, меѓу еминенти имиња”-истакна Снежана.

 

____________________________________

“Ангелот чувар”

Техника: Луна – со семе од бел ориз, црно семе синапово и сончево просо
дим.: 17 х 22
Автор: Снежана Лазарова Луна

(Септември 2021)

 

“Скршениот Светилник”

Техника.: Луна – со семе од бел ориз, црно семе синапово и сончево просо.

Дим.: 17 х 22
Автор: Снежана Лазарова Луна

02 -ри Март 2022
Денот кога Светилникот засвети во Рајот.

 

Срцето на Светилникот”

Тех.: Луна – со семе од бел ориз, црн синап, сончево просо и црвено киноа семе

Дим.: 13 х 10 29.април 2022

Источен Петок-Балаклија

 

Од Зеницата до Изворот”

Техника: Луна – со семе од бел ориз, црно семе синапово, сончево просо и бордо киноа семе

Дим.: 17 х 22

Автор: Снежана Лазарова Луна

06.Септември 2022

 

Скриен поглед”

Техника.: Луна – со семе од бел ориз, црно семе синапово, сончево просо и бордо киноа семе.

Дим.: 17 х 22

Автор: Снежана Лазарова Луна

(02. Октомври 2022)

НЕМА КОМЕНТАРИ