„Длабоко во мракот страшен,
долго стоев, втренчен, вџашен,
сонувајќи сон незнаен
ни на еден смртен створ…“✍️ Едгар Алан По „Гарванот“
На 18 ноември во центарот за странски јазици „Алфабетика“ во Штип со почеток во 18 часот ќе биде отворена изложба на стрип табли и промовиран стрип албумот „Ægri Somnia 2“ на еден од најактивните стрип автори во државата Дарко Богданов.
Станува збор за антологиско збирно издание составено од кратки стрипови кои Богданов ги има реализирано оваа година по сопствени и по сценарија на стрип сценаристот Александар Стеванов. Дополнително на изложбата како и во албумот ќе бидат презентирани и илустрации кои се изработени во периодот 0д 2018 до 2022 година.
„Како што кажува и самиот наслов на изданието кое во превод значи „сон на болниот човек“ алката која ги поврзува стриповите во албумот е преклопувањето на две димензии. Ова е второ продолжение на концептот започнат со првиот стрип албум од 2020 година, а разликата е во тоа што со вториот албум се навлезе подлабоко во водите на авторскиот и уметничкиот стрип за разлика од претходникот кој беше со повеќе класичен пристап. И во овие нови приказни и цртежи се поместуваат границите помеѓу реалноста и сонот, свесното и несвесното, сето тоа претставено на еден по малку надреалистички и симболичен начин, создавајќи една целина“ – изјави Дарко Богданов.
Стрип изложбата и албумот се финансиски поддржани од Министерството за култура како дел од годишната програма од национален интерес за 2022 година.
Благодарност до авторите за отстапениот материјал.