Емоции“- Изложба на скулптури ќе биде отворена во Културно-информативен центар – Скопје, Салон Империјал на 4 ноември, со почеток во 20.00 часот на афирмираниот македонски скулптор Никола Смилков.

(Смилков своето уметничко дело како од самите негови почетоци да го поврзува со таинствени нишки со култниот однос кон човечката фигура, особено женската, како центар на микрокосмичките случувања. За неговиот создавачко-креативен импулс, фигурата претставува како интуирање на смислата на еден реално даден облик, така и особена загатка со определена материјална таинственост низ која еманираат ирационални димензии на уметничкото, кое подразбира, и ликовно, и психолошко, и духовно, со осмислување на важните димензии на архетипското. Сведена, кубистички поедноставена, во дискурс на минимализмот прецизно обликуваната форма, оддава низ призмата на ликовното, необично важни, суштински ознаки на значењето во самата своја содржина.И само минувајќи низ „патот на емоциите“ на изложбата на вајарот Никола Смилков, како да се враќаме на самите себе, на своето внатрешно битие, на својот божествен никулец кој ни ја дава смислата, а со тоа и го осмислува постоењето).

М-р Луција Ѓурашкови

 

Никола Смилков e роден на 26 октомври 1973 година во Штип. Основно училиште завршил во Штип, а средното образование во Скопје. Во 1999 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Истата година се запишал на магистерски студии на истиот факултет во Скопје, каде што магистрирал во 2002 година. Докторските студии ги продолжил на Педагошкиот факултет, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола каде што во 2012 годна докторирал и се стекнал со диплома доктор по педагошки науки од областа методика.

Од 1999 до 2000 г. работи како професор по предметот ликовна култура во ДСТУ “ Димитар Мирасчиев” во Штип. Од 2000 до 2002 г. работи како наставник во О.У “Гоце Делчев“ во Штип по предметот ликовно образование. Во 2004 е избран во звањето Доцент на Педагошки факултет “Гоце Делчев“ при Универзитетот Св.„ Кирил и Методи“ – Скопје, a во 2009 г. е избран во звањето вореден професор.

Во организациска – развојна дејност на Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип активно учествува во повеќе комисии. Член е на првиот состав на Универзитетски сенат на Универзитетот “ Гоце Делчев “ – Штип.

Во 2009 г. е избран за Продекан за настава на Педагошки факултет при Универзитетот „ Гоце Делчев“-Штип а од 2011 ја раководи функцијата Декан на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Никола Смилков автор е на повеќе монументални дела и учествувал на многу меѓународни симпозиуми при кои има поставено повеќе монументални скулптури и учество на групни изложби во Австрија, Словенија, Хрватска,Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Турција, Франција, Кина , Египет и Индија. За време на професионалната кариера реализирал неколку неколку студиски посети, вклучително и во Cite De Arts во Париз и Прима Центар во Берлин, завршувајќи ги посетите со самостојни изложби.

Во 2021 година, тој беше награден со Гран при на 5. меѓународен биеналале на актт „Марко Крстов Греговиќ“ во Будва, Црна Гора. Како национално признание за неговата уметничко работа, Смилков е двапати наградуван. Во 2008 и 2016 година ја добива Првата награда за скулптурата „Димо Тодоровски“ од Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).

Изложбата ќе биде отворена до 12.11.2022 година.

НЕМА КОМЕНТАРИ