„Чудо од Деца“- се нарекуваат оние талентирани дечиња кои се издвојуваат од својата средина бидејќи, успеваат да создадат дела надпросечни за нивна возраст.

Овие достигнувања обично се поврзани со нивната супериорна интелигенција, што им овозможува зрело и дисциплинирано да пристапат кон она што ги интересира. Овие деца изненадуваат со нивниот фантастичен работен капацитет и посветеноста на своите страсти.

За да се развие одреден талент, најважно е родителите и воспитувачите да го забележат тоа на време, односно на самите почетоци. Во случајот на малиот Калин (7,5) рано се откриени неговите потенцијали, благодарејќи на неговите посветени родители, посебно на неговата мајка која е историчар на уметност. Бидејќи сите негови уметнички таленти се издвојуваат меѓу другите, решивме да го поканиме младиот господин – уметник да ни каже нешто повеќе за неговата уметност и бескрајно сме му благодарни што тој ја прифати нашата понуда.

Калин, помниш ли кога почна да сликаш и кое е твоето прво направено уметничко дело.

Калин: Цртам од многу мал, од 2-3 години, не памтам кое е моето прво дело, но се сеќавам дека темата ми беше животни. Подоцна се восхитував од диносаурусите и почнав да ги истражувам и цртам. Ги цртав насекаде во блокчиња, на џиновски хамери, дури и на ѕидовите во мојата соба.

Можеш ли да ни кажеш од каде црпиш инспирација за твоите прекрасни уметнички творби.

Калин: Најчесто од мојата фантазија, цртам измислени ликови на чудовишта, чудни животни, роботи, ликови од цртани филмови: “БЕН-ТЕН”, “КУНГ ФУ ПАНДА”, “ПОКЕМОН”, “БАКУГАНИ” “СОНИК”:СУПЕР ЕЖ, ликови од книги кои сум ги прочитал- ‘Могли’, ‘Грозовилата’, ‘Графало’ или од видео-игри кои ми се интересни. Понекогаш цртам суштества што се спој на сето тоа и имаат посебни моќи, на пример, роботи-животни или монстери-животни, јас си ги нарекувам мешавини кои се развиваат во нешто друго.

Твоите последни цртежи се воодушевувачки. Ќе ни кажеш ли за кои ликови станува збор и кој е твојот омилен меѓу нив.

Калин: Благодарам. Тоа се ликови од видео-игра која се вика ‘Primal Legends’, сите ми се подеднакво омилени.

Цртежи изработени од Калин Доковски

НЕМА КОМЕНТАРИ