Во време кога промената на социјалните парадигми предизвикани од брзиот технолошки напредок – (се чини пребрз) – каде приватноста е доведена во прашање и кога сè може да стане јавно во секое време, и да се објавува на социјалните мрежи, навидум парадоксално, но вистинито е дека приватноста се повлекува сè подлабоко во себе и полека станува непрепознатлива дури и за нас самите. Каде води, не е познато. Поезијата секогаш има потреба да се воспостави блиска комуникација со оној што ја чита. Оти ​​што е поезија ако никој не ја чита? Радост е што читателот во неа може да ги препознае емоциите, сликите, звуците… Доволно е полето на нејзината приемчивост да се прошири и со тоа да ја збогати неисцрпната енергија што ни дава живот.

Уште пред половина век Зоран
Мишиќ (српски книжевник и антологичар) напишал: „Ќе победи поезијата чии носители се силни, комплетни личности, кои го разбрале правецот, брзината и темпераментот на нашето време“.

Наташа Сарџоска, македонската современа поетеса е фигура која точно соодветствува на овој исказ од српскиот писател. Читајќи ја поезијата на Сарџоска каде таа ги овековечува љубовта, ранливоста, но и посебноста и силата на човекот, се чувствувате како да ја имате нејзината душа на вашите дланки. Покрај многубројните општествени ангажмани кои ги има Сарџовска, таа е универзитетски професор,есеист, поетеса, антрополог, преведувач и толкувач,и писателка на романот ‘Трамонтана’. Авторка е на пoетските книги ,,Сината соба”, ,,Кожа”, ,,Тој ме повлече со невидлив конец”, ,,Жива вода” и ,,Крстна коска” Поезијата е меѓу нејзините приоритети во животот кој е како тврдина на соништата исткаена од уметност, поезија и љубов кон животот.

Поетските читања на Сарџоска се вистинско емотивно дожувување за публиката. Со перформативен и интерактивен карактер: таа ги комбинира вокалните експерименти, музиката, импровизацијата, и танцот на телото.

Понекогаш зборовите што ги запишуваме се единствениот начин да се изразиме, единствената можност, особено кога чувствуваме дека нема кој да нè слушне или разбере“. Затоа, разговорот со познатата наша поетеса го започнавме со прашањето колку тој став кореспондира со нејзиното пишување на одредени тематски мотиви во содавањето на поетскиот израз.

Поетот е опседнат со зборовите со нивната отвореност кон аналогијата и симбологијата, со нивните метафорични и преносни значења, со нивната совршеност и несовршеност. Патем, поетот се труди да создаде нов јазик со зборовите што ги има во себе односно што му се дадени на располагање од мајчиниот јазик на кој пишува – затоа поетот пишува пред и над се на мајчин јазик. Но, сепак, поезијата не е уметност само на зборот туку е експеримент со зборот, со јазикот. Таа е метафизичка уметност која може од ситен детал да создаде апстрактна или херметичка целина; на пример,  глуво море во тажна соба или портокалово небо на осамен прозорец. Сите ние се служиме со зборови, но не секој што пишува целини од зборови може да се каже дека пишува поезија. Проблемот е врелото чувствување, кога многу чувствувам, не можам да најдам зборови, молчам, тогаш не пишувам, не говорам, не создавам поезија на жешко. Тоа е најголемата казна. Најголемата измама е да се пишува поезија со врели чувства.

 

Дали денес навистина може да се зборува за „женска поетска практика“, односно дали на домашното литературно небо е воспоставена јасна граница меѓу „машкото“ и „женското“ поетско пишување?

Не би знаела, не ми е блиска литературната критика која се занимава со родови прашања. Можеби за мене главната дистинкција би се однесувала на реалното и надреалното во поезијата и пред сѐ мојот фокус го ставам во сплотеноста на вистината и убавината. Убавата поезија е пријатна да се чуе, чита, таа понесува, и.т.н. , но тој полет кратко трае. Затоа доколку таа не содржи вистина, опитно искуство, доживеаност, тогаш е лажна. Поезијата и уметноста без вистина се нешто слично на измама.

Судот за различноста, виталноста на поезијата на нашето време и богатството на поетиката се чини дека се малку застапени. Дали ова значи дека има се помалку и помалку луѓе кои сакаат да слушнат „зборови кои лекуваат и смируваат како мајчински глас“? Или тие зборови се чини дека потешко се пробиваат низ целата постоечка технолошка и медиумска врева денес.

Во таа медиумска врева се создава некакво лажно чувство дека секој може да пишува поезија и да стане славен поет, селебрити – писател и.т.н. Но, тоа што кај нас често се нарекува поезија, жанровски често се граничи со афоризам, па дури и е некаков сплет на досетки или површни игри со рими или патетични импресии од сегашноста. Ние денес имаме редундантно, неквалитетно поетско творештво. Тоа е поразително за земја односно за јазик со толкаво богато поетско наследство како македонскиот јазик: Матеја Матевски, Ацо Шопов, Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Светлана Христова Јоциќ и многу други оставиле раскошни зрна во кои ние треба да посадиме инакви светлини.

Поезијата на Сарџоска не флертува со  допадливото пишување, таа е длабоко психолошка и суштински загрижена заради губитокот и отсуството на слобода во современата бездна во која се наоѓа современиот човек.

Избор на две песни од книгата ”Крстна коска” од Наташа Сарџовска

Бездомен ветер

Фучи ветрот внатре во мене не поседувам ништо ни никого, не ги поседувам дури ниту моите сигурности, јас сум моето лице кон ветрот, и лице наспроти ветрот, и ветрот сум што ме удира в лице (елуардо галсано)

на деталишта патникот сум

што неколкупати го претресуваат

random check велат

а не патувам

никаде

им велам

не ни одам

не се ни враќам

не сум мрена во истребување

ни мена што ќе ги одреди насоките

ми прегаат по торбите а немам

ништо што ќе ги засени нивните стравови

ме прашуваат каде одам

која е адресата на хотелот

а ни самата не знам што вели писмото од домаќинот повратен авионски билет имам ли

риба сум на суво

им велам сакам да се оддалечам

но се плашам

зар не гледате

немам ни север ни јут

писта раскопана на вашето кралско копно

а сепак отсуство сум на копното на вашето време

песочен часовник сум

што не дочекувате да докапе

ни да ве искапе

а го барате времето ронливо

на вашиот царски почеток да ве врати.

 

Загубен багаж

Меѓу две зрна песок, макар колку и да се збиени

постои слој простор (кларис лиспектор)

сакам да сум сама и далеку од празните крикови на бездушните лаги ги загубив торбите на пистата и сакам да не ме бараат аеродромските оператори за да ми ги вратат

не се плашам од денот што заоѓа зад морето од громови и зборови не се плашам од градот што запаѓа во мојата хотелска постела иако на чекор од мене убиваат жена за жив сведок ги горат домовите на циганите корморани за риболов измамени расчеречуваат пленови како и сите ние напуштени

не ме плашат ноќните арабески на тишината непробојната молчаливост на разделбата ехото на темнината во разговорот од кој бегаат сите можам и да излезам и да влезам во безизразноста пораснав во просторните соби на љубовното студенило моето детство е срамежливо не ме плаши немањето ништо останувањето празен

сакам сама да спијам

сама да лачам мелатонин

и сама будно можам да ги вперувам очите

кон прозорецот на лицемерните поздрави

кон муграта на неразумноста кон ужасот на денот

и дури кога ќе надојдат брановите болка да ми кажат нема ништо од она што сум го сонувала и оваа самотија не ми е важно каде ќе води:

во мене премногу животот врие

избувнува

експлодира

ме ослепува и согорува

Рим, 4 април 2019

НЕМА КОМЕНТАРИ