“Баш бев мал во 1982ра кога почнав да пуштам музика на сите школски родендени кои ги славевме као клинци. Точно 10 години подоцна го добив првиот професионален диџеј букинг, Пиже и Зеко (слава им) ја држеа Мала Хавана у Парк и некако поверуваа дека е океј да ми даат да пуштам музика. Од тој момент па до денес не сум застанал и ќе се осмелам да речам дека имав диџеј кариера од соништата. Би можел да земам да редам што све сум направил и постигнал, но мене тоа ми е малку досадно да го кажувам. Секогаш се трудам да бидам цврсто збоден у сегашноста, со очи широко вперени во иднината.
Ова е прв и најголем настан во серијата настани со кои ќе одбележам 30 години професионална диџеј кариера. Со мене ќе настапат некои од најзначајните имиња на домашната електронска сцена. Луѓе кои како диск џокеи, но и како личности и културни дејци, значајно придонесоа сето ова да постои токму овака како што е денес”. – Мирко Попов

Поводот за ова кусо интервју е твојот јубилеј – 30 години активно дејствување на македонската музичка сцена. Кои се твоите први почетоци, дали го помниш твојот прв настап како диџеј.

– Првиот професионален диџеј настап го добив во јуни 1992ра година. Пиже и Зеко, во тоа време кралеви на скопскиот ноќен живот, поверуваа дека не е лоша идеја токму јас да бидам диск џокеј во Мала Хавана, еден од локалите кои ги држеа во градскиот парк. Во тоа време, нивната харизма беше пресудна за популарноста на местата за излегување, а Мала Хавана беше преполна секоја вечер. Совршено место за собирање искуство. Хавана сеуште постои денес во парк, ете јас одбележувам 30 години кариера, но за жал, Пиже и Зеко, едни од ретките вистински скопски легенди, веќе не се помеѓу нас. Јас, а и Скопје од тоа време, можеме само да им бидеме неизмерно благодарни.

Можеш ли накратко да ни кажеш како започна твоето дејствување на музичката сцена во Македонија со оглед на тоа дека 90’те години беа бурни, време на транзиција и. т. н. Дали постоеше во тоа време некој кој ти помогна во твојата работа, имаше ли соработници кои соработуваа заедно со тебе.

– Имав голема среќа што мојата музичка пасија, многу бргу успеав да ја претворам во професија. 90ти беа особено напнати со распадот на Југославија и војните кои бесенееа насекаде околу нас. Сепак јас бев доволно млад, фанатичен и занесен по таа некоја нова, прогресивна музика, што буквално успеав да создадам паралелен свет, некаков изолиран балон, во кој се одвиваа сите потребни активности за создавање и изградба на една нова, квалитетна музичка сцена, која не постоеше претходно кај нас. Соработував со секој што беше подготвен за авантура, а некои од тие луѓе се мои пријатели и соработници и ден денес.

– Кој твој настап би го издвоил во оваа прилика, оној кој ти оставил најсилен печат во твојата меморија.

– Уф, ова е навистина невозможно да се одговори :) Ајде ќе се обидам вака: самото тоа што успеав да го остварам мојот сон да се занимавам со музика, не само како диџеј, туку и како композитор, продуцент, промотер итн, е најсилното нешто што ми се случило во животот. Да ми спомнеше некој на 16 години дека ќе бидам во оваа позиција на 50 години, ќе го гушнев во неверување.

Какви се реакциите на македонската публика во однос на твојата музика, има ли разлика посебно кај младата популација денес и пред 30тина години кога започнуваше со твоето творење.

– Секогаш сум имал способност, на еден свој автентичен начин, да се поврзам со публиката и да ја презентирам музиката која јас сметам дека е вредна. Факт е дека мојот избор е малку алтернативен, како и начинот на кој приоѓам во севкупната комуникација со публиката, но работниот континуитет и постојаната надградба се јасен показател дека сум во супер односи со генерациите кои доаѓаат. Ок, паѓа и понекое недоразбирање, па дури и рандом хејт, но главно сме во љубовна врска :)

– Каде ќе можеме да те слушаме ова лето, планираш ли да настапуваш ширум Македонија.

– Како и секое лето, ќе настапувам по скопските клубови и барови; во Охрид на Оревче и сите градови со кои имам отворена комуникација овие 3 децении од мојата кариера. Особено би сакал да посочам на големиот open air рејв во паркот позади Младинскиот културен центар Скопје, кој ќе се одржи вечерта на 15ти јули, каде што во друштво на некои од најрелевантните скопски диџеи, ќе го прославам мојот јубилеј, 30 години професионална работа. Ве канам сите, ќе биде тоа прекрасна ноќ под ѕвездите.

Со која оценка би ја оценил целокупната македонска музичка сцена.

– Мошне комплексно прашање. Јас сум оптимист по избор и имам тенденција историски да ги согледувам нештата. Од историски аспект, никогаш не било подобро. Од аспект на квалитет и музичка разновидност, никогаш не било подобро. Е сега има еден куп слабости и неубави појави, но навистина не би влегувал тука во тоа. Ако баш сакате оценка…. 7 од 10. Тоа е строгата, намрштена варијанта. Ако се развеселам, може и 8 :)

– ‘Станав ДЏеј ради манекенки’ е хит кој до ден денес се слуша, а познато е дека девојките ги обожуваат диџејите, па би те запрашала дали можеби и ова е една од причините за кои реши да станеш ДЏеј.

– Секако не :) Диџеј станав за да ја оплеменам околината со прекрасна музика и цивилизирани вибрации. Манекенките ме посакуваа уште многу пред да станам диџеј :)

Мирко Попов е еден од најпознатите македонски автори и продуценти на електронска музика. Уште од основно училиште купувал плочи што логично резултирало со првите роденденски диџеј сетови во раните 1980-ти. Неколкуте авангардни музички револуции во оваа деценија, но и неверојатно високиот квалитет на поп-музиката од тоа време помогнале да развие здрава љубопитност, дивергентен музички вкус и ориентација кон постојан прогрес, што се одразува пресудно во понатамошните одлуки.

Првиот професионален диџеј ангажман го добил во 1992 година и оттогаш не престанува со настапи. Истата година добива простор во култното скопско музичко радио Канал 103, што е еден од клучните моменти во неговиот равој како личност и музичар. Слободното изразување, кое е основна филозофија на оваа радио станица може да направи чуда за човек. Од 2008 до 2010 година бил и главен и одговорен урeдник на Канал 103.

Во 1993 година е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. Канал 103 бил главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација, решена да расчисти со културната и сеопштата заостанатост во земјата. Во тој правец се движи и формирањето на Прогресивната Мултимедијална Група (ПМГ Колектив) во 1995 година од Мирко Попов и Александар Малевски, како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години прераснува во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции, од нарко-еуфории до музички револуции. Журките на ПМГ од 1990-те биле суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј, имал можност редовно да настапува низ регионот, но и на некои привлечни европски клупски одредишта.

Во 1998 година ја формирал ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато. ПМГ Рекордингс денеска е водечка независна дискографска куќа во земјата, со седумдесет изданија. Последните години на минатиот век ги донеле и првите (хаус,техно и електро) продукции, за во 2003 сето тоа да прерасне во бендот ПМГ Колектив (еклектична комбинација на жив и електорнски пристап во слободен стил) каде е автор на музика, текстови и вокалист. Бендот за кратко време прераснува во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век и веќе има издадено четири албуми и отсвирено повеќе македонски и европски турнеи.

Во 2011 година, со намера да ја отслика духовната атмосфера на ПМГ подиумот за танц, ја покренал етикетата Патерн ПМГ, специјализиран за електронска денс музика.

Дел е и од опскурниот и култен бенд / проект Кантон 6, со кој досега има издадено повеќе EP изданија и албумот “Чил Фолк“.

Има остварено повеќе улогии во театарски претстави, како и на филм. Се јавува и како автор на неколку музички дела за театар и филм. Режира една радио драма. Уредник е на неколку емисии што се емитуваат на скопското радио Канал 103, како и продуцент на електронска музика во склоп на ПМГ.

 

https://facebook.com/events/s/jubilej-30-godini-dj-mirko-pop/1559847117746016/

НЕМА КОМЕНТАРИ