На 16.06.2022 во 19ч, во спомен собата Браќа Миладиновци на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, ќе се одржи промоција на поемата  ,, Алгоритмеа: Евлогија за дигиталните богови” од Стефан Марковски во издание на издавачката куќа ,,Полица”.

Експерименталната постмодерна поема од Стефан Марковски „Алгоритмеа: Евлогија за дигиталните богови“ е во издание на издавачката куќа „Полица“.

Оваа „екстрамодерна“ и „апартна“ поема си подигрува со границите на сето она што го чини креативниот процес, „стрелата на времето“ и еволутивниот творечки и технолошки развој, модалитетите на создавањето и пишувањето, дури и оние на авторството во еден роланбартовски хиперреален постмодернизам, каде како автор на едно книжевно-уметничко дело може да се јави, макар и симболично или метафорички, „вештачкоинтелигентен софтвер“.

Во духот на оваа „екстрамодерна постмодерна“ која е предмет на книжевно-уметничко истражување, уште во самиот вовед е кажано следново:

„Поемата во слободен стих Алгоритмеа е дело генерирано во 2072 година за интервал од вкуп- но 0,0325 секунди од страна на вештачка интели- генција, имено, софтверот Аполон СМ-165, кому за оваа работа му беа потребни 0,0325 секунди по отворањето на фајлот Аполон СМ-165.exe.“

In medias res, како што кажува и насловот, станува збор за еден par excellence постмодернистички текст-идеја со дејството сегментирано во пет поглавја: Пролог, Ars Dionysica vs. Ars Apollonica, Ars Informatica, Dionysia Posthumana и Евлогија за Либер.

?️Промотор: Ефтим Клетников.

?️Модератор: Емануела Ковачевска Китановска.

?Стефан Марковски (1990) е роден во Гевгелија, каде завршил основно и средно образование. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“, како и на Институтот за Филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Магистрирал Филмско и ТВ сценарио на Факултетот за Драмски Уметности.

Пишува уште од основноучилишните денови, кога ги завршил и своите први книги.

За романот „Еднонасочно“ во 2009-та ја добил наградата „Петре М. Андреевски“ за роман на републичко ниво од Фондацијата „Рамковски“.

Во 2014-та му е врачено признанието на Општина Гевгелија – „7 ноември“  за достигнувања во културата и придонес во културната афирмација на градот.

Добитник е на „Гран При“ на поетскиот фестивал „Литературни Искри“ – Гостивар, како и на наградата „Македонска книжевна авангарда“ за збирката раскази „Продавачот на ветар и магла и други приказни“.

За поетската збирка „Сиво сјаат вселените“ во 2016-та ја добил наградата Бели мугри Архивирано на 4 декември 2016 г., а следната година и наградите Крсте Чачански и Книжевно перо од Хрватското книжевно друштво за збирката кратки раскази „Смртта долетува насмевната“, Книжевен круг за „Фауст го трча плебејскиот круг“.

Добитник е и на неколку домашни и странски награди за есеи, како и на книжевни резиденции.

Застапен е во повеќе меѓународни антологии. Објавува студии и статии во различни списанија за литература, уметност, наука и филозофија од земјата и странство.

Извадоци од неговото творештво и книги се преведени и објавени на повеќе јазици.

Марковски е главен и одговорен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ и уредник на поетските збирки вклучени во проектот „Метрички карван“.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија, платформата Версополис, Македонскиот центар на Меѓународниот театарски институт (ИТИ) и други меѓународни асоцијации.

Марковски е автор на дела од повеќе области и жанрови, вклучувајќи прозни, поетски, драмски и теориски книги.

Романи: Еднонасочно, (2009); Еретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено, 2018; Анатомија на бумбарот,( 2021).
Раскази: Продавачот на ветар и магла и други приказни, (2015) ; Смртта долетува насмевната, (2017), Фауст го трча плебејскиот круг, (2020) .
Поезија: За некои спомени од онаа некогашност, (2010) ; Апеирон, 2010; In Nomine, 2016; Сиво сјаат вселените,( 2016) ; По трагата на белиот грифон; (2018) , Хипербог, 2019.
Психолошки и филозофски дела: Хиерархиска еволуција на свеста, 2012; Мета(де)конструкција и општа филозофија, (2012); Среќата е глагол,( 2013).
Драма: Мајстори за огледала, (2019).

Теорија: Потенцијалите на жанрот крими-драма преку сценариото за игран филм „Се викам Слобода“, 2019.
Во 2019-та бил објавен и поетски избор од Марковски на македонски и англиски јазик насловен Promised Land.

Неговите романи „Еретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ и „Анатомија на бумбарот“, како и збирката раскази „Фауст го трча плебејскиот круг“ се исто така објавени на англиски јазик и достапни на голем број меѓународни книжевни платформи.

Покрај своето книжевно творештво, Марковски е автор на трудови, меѓу кои и на пионерски прегледен труд од областа на неврофилозофијата, насловен „Улогата и влијанието на неврофилозофијата врз современите когнитивистички и физиолошки парадигми за свеста“, објавен во 2018 година, како и „Вештачката интелигенција и можноста за програма-генератор на текстови на македонски литературен јазик“, студија која ги анализира можностите за развивање оперативна вештачка интелигенција на македонски јазик.

НЕМА КОМЕНТАРИ