,,Градот на светлината”- Лихнид претставува значајна точка на картата на светските културни наследства заштитени од УНЕСКО. Како град со најбогата уметничка историја, Охрид е посебно атрактивен за вљубениците на уметноста. Уметничкото ‘Атеље и Галерија Упевче’, кое претставува вистинска Oаза на уметноста во Охрид, деновиве го прослави своето тридецениско постоење. Основач е г-динот Славко Упевче, академски сликар и хроничар на градот-бисер на Охридското крајбрежје. Уметничката традиција ја продолжува неговиот син Никола Упевче, (мозаичар, конзерватор-реставратор), кој со своите дела ја збогатува македонската и светската културна ризница.

 

  • Г-дине Упевче, најнапред сакам да ви го честитам 30 годишниот јубилеј од успешното постоење на вашата галерија и да Ви се заблагодарам што одвоивте од вашето време да ни одговорите на неколку прашања.

– Благодарам за интересот и можноста да претставам дел од моите размислувања за и околу уметноста која ја проучувам и која ме плени. Нашата галерија беше свртилиште на многубројни автори од различна провиненција и интерес во уметноста од целиот свет. Оттука произлегоа и многубројни проекти, инспирација и заемни соработки. Мојот татко Славко Упевче во 2019 година со огромна изложба и промоција на монографија се претстави пред публиката во Куќата на Робеви во Охрид со избор од дела работени во минатите педесет години „50 години ликовна хроника на Охрид“ во истиот простор во 2020 година се претставив и јас како автор со избор од повеќе изведени мозаици во државата и светот, како креации така и дел од мојата работа како конзерватор реставратор. За време на изложбата во Лапидариумот од Музејот одржував и работилници за изработка на мозаици во мал формат на заинтересирани лица кои во огромен број (40 учесници) со моја помош се запознаа со оваа техника и изработија свои дела.

  • Сликарската техника која е ваша специјалност, мозаикот поради својата специфичност и висока уметничка вредност се сврстува на самиот врв на креативниот уметнички израз. Можете ли накратко да ни го опишете процесот на изработка на едно ваше дело.

– Една од најтрајните техники за изработка на слики, мозаикот е една древна, тешка и макотрпна техника која бара голема посветеност и знаење. За мене претставува предизвик, а воедно и игра со разновидни материјали, бои и форми да се постигне една хармонична целина за која обично на крајот се вели: „ Се склопи мозаикот!“ Како автор-мозаичар имате огромна заслуга за враќањето на заслуженото место на оваа сликарска техника во нашата земја.

  • Со вашите дела несомнено е дека ја збогатувате македонската културна ризница. Каде наоѓате инспирација или поточно како се раѓа идеја за создавање на едно дело. 

  – Како мозаичар се пронајдов уште во текот на студирањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје со изработката на мојот прв мозаик „Желка на тркала“. Веднаш потоа следеа уште многубројни дела преку кои се запознавав и ја истражував оваа техника, се до мојата дипломска работа на факултетот „МОЗАИК КОЛАЖ“. Уште од почетокот на археолошките истражувања на Плаошник во Охрид активно учествував во конзервацијата, документацијата и реставрацијата на околу 1500 метри квадратни мозаични површини изработени во повеќе техники.Се стекнав со богато искуство за оваа техника и успеав да соработувам со повеќе институти во земјата и светот и да соработувам во повеќе проекти за заштита на овој вид културно наследство. Моите истражувања и искуства несебично ги споделувам со мои колеги од регионот и светот преку организација на обуки, семинари, форуми и работилници за мозаик. Целиот мој интерес за оваа техника преку посета на врвни локалитети, места и збирки од светски музеи инспирира и ме поттикнува да ја истражувам, негувам и промовирам оваа племенита техника и да ја надополнувам со свои дела. Се надевам дека мојата љубов и интерес ќе ја пренесам на многу следни генерации идни уметници – мозаичари!

Mозаик со историските локалитети

Автор Никола Упевче

 

  • Вашата иницијатива за посетителите на Охрид преку платформата за туристички искуства ‘Genuine Experience’ наиде на голем одзив. Дали размислувате можеби ова искуство да премине во традиција. 

-Преку платформата ‘Genuine Experience’ успеавме да организираме уште неколку работилници во моето Ателје и да изработиме повеќе дела. Се надевам дека и во блиска иднина преку слободните термини на оваа платформа во моето ателје, ќе продолжам да ја доближувам оваа техника до различни вљубеници во уметноста.

 

Г-дин Славко Упевче со своите гости на прослава на јубилејот на галеријата.

НЕМА КОМЕНТАРИ