Секоја година на 29 април се одбележува Mеѓународниот Ден на Танцот и тоа почнувајќи уште од 1982 година. Основната идеа е да се потсети јавноста за танцот како уметничка форма на изразување, да се ужива во неговата универзалност и притоа да се надминат сите културни, политички, етнички и други препреки во светот.

Меѓународниот одбор за танц при Меѓународниот Театарски Интитут за танц (ИТИ) под покровителство на УНЕСКО го одбра токму 29 април, денот на раѓањето на зачетникот на модерниот балет и еден од најголемите реформатори во областа на танцовата уметност Jean Georges Noverre.

Интернационалниот Тeатарски Институт (ИТИ), секоја година го одбележува денот поканувајќи некој истакнат кореограф или танчер да напише порака по повод истиот. Оваа порака се преведува на повеќе од 20 јазици и се објaвува преку мрежата на ИТИ (која брои повеќе од 100 членови) и преку танчерските организации ширум светот.

 

Овoгодинешната порака по повод Светскиот Ден на Танцот ќе ја презентира Биљана Тануровска- Ќулавковска. Во повеќедецениското постоење на македонската независна културна сцена Биљана е едно од најреномираните и најугледните имиња, меѓународно позната и призната фигура во уменоста.

—  Содејството на разните уметнички искуства во голема мера допринесуваат за успешно креирање и реализација на многу идеи. Од вашето досегашно богато искуство ќе можете ли да ни издвоите кое лично го сметате за најуспешно остварување.

 — Мислам дека не можам да издвојам едно искуство, сметам дека секое остварување води кон некое следно, па сите се еднакво важни. Но, она што може да издвојам како пример за соработка, континуитет и инспирација во релација на танцот, би рекла е формирањето и работата на (НОМАД ТАНЦ АКАДЕМИЈАТА НТА), регионална платформа за развој на современиот танц и перформанс. Оваа платформа е создадена во 2005 година, и до денес се заложува за развој на оваа уметност во регионот на пост-Југославија и Бугарија.

Платформата вклучува и меѓународни партнери, но е насочена кон земјите од овој регион, и вклучува поддршка во вид на едукација, резиденции, уметнички продукции, дискурзивни програми и.т.н. Особено ми е драга зошто е модел на само-организирана структура која расте и се развива ризоматски и не дозволува да се вертикализира, односно овозможува подеднакво учество на сите вклучени во нејзиниот развој. Друго остварување кое би го издвоила овде, локално, како важно во формирањето и поддршката на разновидноста на културната продукција на сцената, го сметам ‘Кино Култура’ – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура. Кино Култура овозможи во изминатите години континуирана поддршка и развој за современите изведувачки уметности кај нас, и беше единствен простор од ваков тип кој се обликуваше и градеше преку содржините, преку уметноста и културата. Мислам дека иако овој простор се затвори, треба да се продолжи и трансфромира оваа идеја во развој на институционален контекст кој ќе овозможи поддршка на современиот танц, не само како простор, туку и содржински. А, ќе ја напоменам како особено драга мојата работа како професор, која последните десет години беше поврзана со Факултетот за Музичка Уметност, но сега ќе продолжи на нови меѓународни магистерски студии кои ги спремаме со колеги во рамкина друга едукативна институција.

 

— Вашето активно учество во многубројните облици на креирање во областа на уметничката сцена е респектабилно и значајно. Се чини дејствувате со несмален ентузијазам и покрај новонастантите тешки услови за работа поради пандемијата. Како ги организирате вашите работни денови.

— Моите денови се разликуваат во оваа последна година од времето пред неа. Мојата работа беше исполента со патувања, средби, конференции, следење на бројни уметнички дела во рамки на фестивали или програми на меѓународни институции. Оваа година мојата меѓународна работа не запре, но се пресели повеќе во виртуелниот простор. Сепак успеавме “хибридно” минатата година да продуцираме и прикажеме претстава, ново дело на Александар Георгиев во рамките на Младинскиот Отворен Театар (МОТ), и да реализираме “Школа за кореографија” со “Интерартс” и студентите на УГД. Организиравме и бројни програми, предавања и дискусии дигитално, така да работните денови ми беа исполнети со работа која се состои од читање, пишувањe, комуникација, и учење на нови дигитални алатки кои мене и на моите соработници ни овозможиjа непречен развој и имплементација на нашите програмски содржини.

 

— За крај би ве запрашала, кој е моментот кој ве води во процесот на творење, и какво е чувството кога ќе ги погледнете вашите остварени идејни замисли на дело.

 

— Процесот на творење кај мене е секогаш колективен и разноврсен, вклучува уметници, лица кои работат во процесот на продукција, на дисиминација на уметничките дела, и.т.н. Овде се соочуваме со предизвици, но тие ни овозможуваат да изнаоѓаме решенија за кои не сме помислиле дека се возможни. Дел сум од независната културна сцена од полето каде новите и проникливите идеи се реализираат, и тука секогаш е возбудливо и инспиративно. Па така, реализираните идеи се длабоко земање на воздух односно припрема за следниот храбар чекор.

 

 

Биљана Тануровска-Ќулавковски – (Авторка на македонската порака)

Танцот е уметност и социјално вградена праkтика која ги артикулира и материјализира односите помеѓу телата, помеѓу телата и предметите, помеѓу просторот и времето. Уметноста се развива во специфични материјални и идеолошки услови, кои истовремено и ја дефинираат. Истите тие услови го дефинираат и „светот на танцот“, кој препознава дела и практики како танци, тела во танц или танцови тела. Свесни за различните перспективи, верувања, претпоставки, односи и идеологии за телото, кои се користат низ времето, го градиме односот кон танцот како уметност и социјална практика на соединување, демаскирање, геометризирање, искуство, поврзување…

Градиме однос кон телото во танц како тело во движење, во мирување; интелигентно, неутрално, минимално, возвишено, вертикално, хоризонтално, метафизичко, канонизирано, родово, квир, импровизирано, спонтано, кореографирано, технички спремно, технички ослободено, експлицитно, невидливо…или многузначно тело во танцот.

Ова многузначно тело во танцот станува сè повидливо, поради големиот влог на многу танцови уметници и работници кои со години работат на развој на едукација, на продукција, формирање на простори, на формални и неформални компании, колективи, организации…

На денот на танцот посакувам, за сите, континуиран развој на подобар „свет на танцот“ кој ќе ни понуди повеќе средби со неговата многузначност. Заедно да го славиме танцот и неговото мноштво на значење и употреба, но и да ги подобруваме условите за развој на танцовата уметност кај нас.

Би сакала во иднина да се сеќаваме на овие пандемиски денови, не само како моменти на криза кои ни одзедоа средби со танцот, но и како моменти во кои го промислуваме „светот на танцот“ во иднина, и посакуваме да сведочиме за: Посебен третман на танцот во полето на културните политики; Бројни и разновидни танцови продукции; Нови простори и институции за танцова уметност; Уште поголема поддршка на независни кореографи, танчерии изведувачи; Фонд за мобилност и регионална и меѓународна соработка, што ќе овозможи нашата танцова уметност да патува и да нè означува насекаде…

Ни посакувам и многу повеќе, додека славиме денес, славејќи го минатото, гледајќи напред кон иднината.

Посакувам и во иднина да танцуваме и да го славиме танцот во сета своја разноликост, разновидност, многузначност и многуслојност…

Да живее танцот!

БИОГРАФИЈА
Биљана Тануровска-Ќулавковски е културен работник – истражувачка, кураторка и продуцентка. Во 2003 година таа го ко-основа ЗГ. „Локомотива – Центар за нови иницијативи за уметност и култура“, каде што работи како извршен директор и програмски уредник до денес.
Таа е коосновач на „Номад танц академија“ (НДА), самоорганизирана модел/платформа на регионална соработка во полето на современиот танц. Со „Локомотива“ го ко-основа „Кино Култура“ – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура (2015-2021) /www.kinokultura.org.mk/ како и Јадро-здружение на независна културна сцена и Кооператива – регионална платформа за култура. Таа иницира, курира, раководи и кораководи со разни проекти и програми, меѓу кои и „Локомоушн“ – фестивал за современа уметност и перформанс во Скопје (2008-2015), Европските проекти во полето на современиот танц, перфроманс и театар „Jardin d’Europe”, „Life Long Burning, „ACT”/УметностКлима Трансформација; проектите посветени на развој на јавни институции и простори, како и работнички права –„Дисонантни ко-простори“, „Модели на јавни простори во културата“, „Културни простори за активни граѓани“ и др., а нејзини последни кураторски програми се „Уметност, политика, институција, тело“ и „Што е кореографија“. Во моментот заедно со Славчо Димитров работи на истражување и развој на македонската архива на изведбените уметности во Македонија (современ танц, перформанс и театар) како дел од НДА и проектот „Неврзано движење“ (NAM), а со Ивана Васева на истражување за политичкиот перформанс во 90те како дел од регионално истражување и изложба во Музејот за современа уметност Метелкова во Љубљана, а поддржано преку проектот „Интернационала“.
Работи како консултант за Европската фондација за култура и Европската комисија. Автор е на текстови, коуредувани списанија, публикации и книги. Таа предава на теми од полето на културна политика, управување со културата, теорија на институции во култура и уметност и курирање во полето на современите изведувачки уметности. Од 2011 -2020 година е надворешен предавач на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Дипломирала историја на уметност и археологија, магистер е на науки по интеркултурализам, културен менаџмент и културна политика на Универзитетот за уметности во Белград, а докторира на Факултетот за драмски уметности во Белград.Во 2019 год. за својот докторски труд ја добива престижната „Награда за истражување во полето на културните политики и менаџментот во култура во 2019 година“ на ENCATC- Европската мрежа на универзитети за културни политики и за менаџмент во културата.

НЕМА КОМЕНТАРИ