❝ Скопските шепоти, крици и драматизирања❝
ОТВОРЕН ПОВИК ЗА ОБЈАВА И ПРОМОЦИЈА НА СОВРЕМЕНИ ДРАМСКИ ТЕКСТОВИ ✨

? (Краен рок: ?15 јуни 2021)

(ВЕ МОЛИМЕ ВНИМАТЕЛНО ДА ГИ СЛЕДИТЕ И ПРИМЕНУВАТЕ УСЛОВИТЕ И НАСОКИТЕ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ОВОЈ ПОВИК. ВИ БЛАГОДАРИМЕ! )
ТЕАТАРОТ ВО КРЕАТИВНИТЕ ИНДУСТРИИ 2021:
Скопските шепоти, крици и драматизирања!
Отворен повик за изработка, објава и промоција на 6 современи драмски текстови на млади автори/авторки, млади драмски автори/авторки на возраст од 18 до 29 години (полнолетни, со своја сметка во банка).
 
Повикот е наменет за сите млади и креативни луѓе кои пишуваат и создаваат; кои ја сакаат, студираат и делуваат во културата, уметноста; книжевноста, театарот, музиката, ликовните уметности, филмот, телевизијата, радиото, новите медиумите, интернетот, науката … впрочем се’ што ги опкружува, инспирира, образува, преокупира и поттикнува.
Повикот е наменет за млади авторки и автори кои создаваат и имаат потреба нивните дела да бидат објавени, достапни за професионалната јавност и да бидат инсценирани; невработени, вработени или самовработени автори/авторки; авторки/автори во подем – со професионално искуство или без професионално искуство вон студиите; студенти од ФДУ Скопје, Прима Скопје; студенти од сите државни и приватни универзитети акредитирани во Р.С. Македонија кои се активни и во уметничките области; наши студенти кои студираат на уметнички и драмски академии надвор од Македонија.
 
  • Неколку воведни зборови: Ние, иницијаторите и организаторите на овој повик, секогаш кога учествуваме на разни регионални – балкански и екс југословенски програми за размена на искуствата во современата театарска, драмска и сценска продукција и афирмирањето на истата, честопати се соочуваме со реакции од страна на нашите екс југословенски колеги, кои велат и споделуваат забелешки дека во последните 30 години тие знаат само за Горан Стефановски и Дејан Дуковски, како за најдобрите и очигледно единствените драмски автори од Македонија. Ваквата состојба на нештата укажува на неприродност во континуитетот на развојот на драмското пишување кај нас, за немањето однос кон појавата, развојот, следењето, афирмирањето на новите генерации драмски автори-драматурзи; како и ретката можност новите драмски автори – нивните дела да бидат сценски поставени. Очигледно е дека вината за невидливиот континуитет на современата драма во Македонија, ја делат неколку фактори – образовните институции, театрите, фестивалите, културната политика, медиумите. За среќа ваквата состојба почнува пополека, но надежно да се поместува и менува.
Овој отворен повик е наменет за млади автори/ драмски автори кои ќе можат да ги аплицираат своите најдобри дела на слободна тема (или да аплицираат наменски создадени дела, истите напишани додека трае овој отворен повик).
Зошто примарност на слободната тема, форма, стил и жанр? Бидејќи сите сме заглавени во духот на времето и ги манифестираме идеите и темите на ова современо време, со сите негови предности и недостатоци. Критичката мисла, перцепција, талентот и креативноста на младиот човек овозможува свеж пристап, поинакви интерпретации и структурирања во создавањето на театарски формати и драмски експерименти.
Една насока за оние кои имаат проблем со слободните теми: Преку овој повик би сакале да се стимулира и видливоста и креативната изразност на девојките, младите феминистки, активни во обидите на заживување на разни формати во современиот независен и национален театар кај нас (феминистички театар, женска драма; можеби женско-политички театар (како тренд и концепт); сајт спесифик театар; еколошка драма, зелена драматургија, театарот и климатските промени; ангажиран театар, документаристички театар; авторски филмски и ТВ сценарија квалитетно адаптирани во драмски текстови; театарот во ерата на КОВИД (дигитален, онлјан, видео театар, филм театар) … секако дека сме отворени за сите свежи и досетливи, категориско-сценски термини и кованици во форма, кои произлегуваат од историјата на театарот и антропологијата на секојдневното живење).
Младите луѓе се дел од битот на градот, селото, местото / просторот во кое живееме и делуваме – тие се новите урбани или неурбани генерации кои ги создаваат и генерираат новите идеи во развојот на креативните индустрии кај нас – наменски, спонтано, неизбежно – инспиративно, оптимистички или песимистички; индивидуално или колективно; преку јазикот на драмата – комична или трагична, хибридна-контрадикторна.
 
Очекуваме пријава на искрени и без самоцензура, напишани драмски текстови; квалитетни и директни приказни и ситуации – експериментални, хибридни-химерни, инвентивни; современо или класично а цврсто структурирани драмски форми; драмски текстови на разни индивидуални и колективни жанрови и теми – од трагедии, траги-комедии, комедии-сатири-фарси-кабареа и бурлески до новодобни мистерии, драмски памфлети, монодрами-дуодрами-кабаретски драми, деконструкции и нови наративно до концептуално-содржински конструкции за раѓањето, животот, егзистенцијата, меѓучовечките односи, емоциите, страстите, смртта и задгробниот живот на славата.
Нашиот стручен тим ќе направи избор од 6 највпечатливи современи драмски текстови, ќе ги објави во формат на електронска книга со пропратна локална и меѓународна дигитална промоција (фотографска-видео промоција), ќе обезбеди авторски примероци за авторите, ќе исплати скромен хонорар за селектираните автори преку авторска агенција, ќе ги препорача на програмските тимови во театрите и фестивалите за сценски уметности во Македонија, и многу други придобивки за кариерата на драмскиот автор/авторка.
Целта е ВИДЛИВОСТ И ШАНСА ЗА МЛАДИТЕ АВТОРИ! Афирмација на новите генерации драмски автори. Континуитетот е витален, со сите негови подеми и падови, пречки и можности.
  1. Драги автори тука се условите, насоките за вашето пријавување:
  2. – Треба да бидеш полнолетен/полнолетна – да не си помлад/а од 18 години и да не си постар/а од 29 години (правило на покровителот).
  3. – Да имаш лична карта и своја сметка во банка (во пријавата прати ни скенирана или фотографирана копија од лична карта).
  4. – Прати ни своја кратка биографија со промотивна фотографија и листа на твоите активности и проекти во театарот, книжевноста, филмот, воопшто уметноста и културата, на македонски јазик и/или англиски јазик (во Ворд…*).
  5. – Прати ни минимум еден авторски драмски текст или максимум три авторски драмски текстови (драмските текстови може да се напишани во периодот од 2010 г. до 2021 г. (да не се објавени во друга книга/е-книга) или да се новосоздадени во периодот на овој отворен повик – од 15 април до 15 јуни 2021 г. ).
  6. – Твоите драми треба да се целовечерни драми (лимит: минимум 30 страници, максимум 100 страници).
  7. – Насловите, темите, жанровите, стиловите, структурите на драмските текстови се според твојот избор и креативните склоности.
  8. – КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР/СЕЛЕКЦИЈА: извонреден, зрел драмски текст; виталност и интегрираност помеѓу насловот, градењето на ликовите, репликите, дидаскалиите, просторот, амбиентот, атмосферата, времето, сцените, ритамот на нарацијата и сите дополнителни вредности на добрата приказна.
  9. Јазик: Драмските текстови треба да се напишани на македонски и / или англиски јазик.
  10. Технички формат: Ворд документ; големина на фонт 11 или 12; стил на фонт: Тајмс њу роман – кирилица за македонски/латиница за англиски, Калибри – кирилица за македонски/латиница за англиски или Ариел – кирилица за македонски/латиница за англиски јазик. (*оваа техничка насока важи и за вашите кратки професионални биографии).
  11. Контакт – имејл: (на следниов имејл испрати го својот/испрати ги своите драмски текстови, со назнака – Пријава на отворен повик за драмски текстови): macedoniancenterofiti@gmail.com
  12. Иницијатори и организатори на проектот: Македонски центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА
  13. Покровители: Град Скопје (Програма за спорт и млади за 2021 година)
  14. Година: 2021

 

 

 

НЕМА КОМЕНТАРИ