Денес 21ви март се одбележува Светскиот Ден на Поезијата. Одлуката за прогласување била усвоена за време на 30-та сесија на УНЕСКО која се одржала во Париз во 1999 година. Еден од приоритетите и целите биле да се поддржи јазичната разновидност преку поетското изразување и во истовреме да им понуди на загрозените јазици можност да бидат слушнати во нивните заедници.
По тој повод ние издвоивме песни-поезија од нашата поетеса Јулијана Величковска.

 

***

 

Ако носев тегла

Светулки

Ако плетев коси

Плетенки

Ако боса газев

Ливади

Ако цвеќе нагазив

и трње млади

зелени

Дали ќе ги галеше

Дали ќе ги бакнеше

Дали крвта ќе ја лижеше

од стапалава

што само болка сетиле
 

***

 

Кој ќе ги праша

галебите над Тибар

дали летале

кон Дунав

кон тебе

дали те виделе

сам со луле

крај реката седнат

чекајќи ме

Блуз песна

 

Косата ми мириса на смог

ох, бејби,

ти ми рече:

Косата ти мириса на Скопје

Рече:

Косата ти мириса на скопскиот смог

Ох, бејби

Јас ти реков:

Извини.

 

——————————————

Јулијана Величковска е родена 1982 г. во Скопје. Автор е на три книги: монографија „Дваесет години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ), стихозбирка „Комарци“ (2010, ПНВ) и романот „Годишни времиња“ (ПНВ Публикации, 2014 и 2015 – второ издание) Пишува поезија, проза и преведува. Нејзините песни се препеани и објавени на неколку јазици, меѓу кои: кинески, англиски, српски, хрватски, словенечки, холандски, албански, чешки и италијански јазик. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, Србија, Чешка и Италија, а застапена е и во една антологија на светската современа поезија издадена во Кина. Таа е член на организациониот одбор на поетската манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид. Член е на Друштвото на писатели на Македонија. Основач е на издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје.

НЕМА КОМЕНТАРИ