ИЗБОР ПЕСНИ ОД НАТАША САРЏОСКА
(од книгата КРСТНА КОСКА, ПНВ Публикации, Скопје, 2019)

игри без ст(р)аници

крвта ни се згуснува со факли

кон небото издигнати

по навика трпезата ја постиламе

сo загубени битки за паднати царства

со лосос вино кавијар мртва природа

и со забранети зборови

што не смеат да се изустат

зашто само опсенот нѐ храни

и сѐ што е ништо

и сѐ што е ничие

исфрлени од сите страни на светот

неспоредни крадци на времиња

ги голтаме само нашите чинки

но никогаш и

нашите вистини

 

нем град

не ви ја посакувам болката

што тоне под крвниот сад

на непознанието

подобро јато неми орли

да ве растргнат од измамата

и да изгорите усвитени

во вителот на прашувањето

отколку да тлеете ко кукавици

под вашите премолчани дамари

зашто дури тогаш ќе знаете:

нешто сте добиле
а требало да го изгубите
париз, 2012

 

диви во срцето

(fours hands)

ќе си заминеме                                               бегалци сме

 

ќе ја коваме тишината во новите земји          неоткриени

 

ќе се дрзнеме по слободата                          непослушни

 

ќе посееме семе луто                                 и ќе посакаме

 

барем за миг                                           да сме соседи

 

во двете комори                                    на нашите срца.

 

 

(Фотографија: Ирена Мила)

Наташа Сарџоска поетеса, писателка, преведувачка полиглот (FR, IT, ES, EN, PT, HR,
CA) и антрополог. Доцент по антропологија на Институтот за антропологија и етнологија при УКИМ и научен соработник во Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа во Риека во Хрватска. Живеела во многу европски градови, меѓу кои Милано, Лисабон, Париз, Брисел, Штутгарт. Докторирала антропологија од Универзитетот Еберхард Карлс воТубинген, на Нова Сорбона во Париз и на Универзитетот во Бергамо. Ги објавила поетските книги: „Сина соба“, „Кожа“ „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода и „Крстна коска". Нејзини книги се преведени и објавени во САД, Италија,Косово и Аргентина. Објавува колумни, раскази, есеи и академски трудови. Нејзините песни се  преведени на повеќе од 20 јазици и објавени во поетски антологии и книжевни ревии ширум светот. Била повеќекратен финалист за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, за „Награда за Неапол“ во Италија на издавачката куќа Гвида Едиторе за необјавена поетска творба на италијански јазик, а ја добила наградата за поезија „Дон Луиџи де Лиегро“ за посебни заслуги за творештво на италијански јазик како и наградата од Министерството за надворешни работи на Италија за најдобар прв превод на книгата „Пинокио“ ​​од Карло Колоди на македонски јазик. Превела од италијански,француски, шпански, каталонски и португалски на македонски јазик стотина врвни писатели. Таа е прв и единствен преведувач на македонски јазик на Сарамаго и Пазолини. Настапила на бројни меѓународни поетски фестивали меѓу кои се издвојуваат оние во Братислава, Џенова, Берлин, Тел Авив,Калкута, Буенос Аирес, Болоња, Таранто, Мексико како и на најголемиот поетски светски фестивал во Меделин во Колумбија. Настапила со врвни музичари меѓу кои се издвојуваат Раде Шербеџија, Ема Попивода, Шарлен Пуигиро, Владимир Костов и Георги Шарески во Музејот Револтела во Трст, во Академијата за уметности во Берлин, во Националната галерија на Македонија, во арапско-еврејскиот театар Јафа во Тел Авив, во Дуждовата палата во Џенова и во Француската резиденција во Скопје. Соработувала со Францускиот институт во Скопје, организирајќи ја поетската вечер посветена на франкофонската поезија за егзил „Les rivages de l'exil“ како и со Амбасадата на Италија во Скопје за поетско-музичката вечер „Il vino è la poesia della terra“. Настапила и на книжевни манифестации во Белград, Софија, Плав, Риека. Нејзината песна „Кукла на конци“ е објавена на англиски и шпански јазик во меѓународната поетска антологија на поезија против злоупотреба на деца. Дел е од европските поетски платформи Версополис и Лириклајн. Нејзиното творештво испреплетува реминисценција на телото, изложува внатрешната болка и открива духовната свежина. Нејзината книжевна меморија има остар карактер што ја доловува драматургијата на тегобноста во камерниот простор на човековото постоење. Во нејзиното слободно време танцува, слика, пее, прави предмети од керамика, практикува јога и сонува.

НЕМА КОМЕНТАРИ