„Секогаш работете со љубов, барајте инспирација во и околу себе и слушајте си го срцето. Останете професионални и доследни во работата, затоа што така и успехот сам по себе ќе дојде”. ? Ема Попивода

 

Ема Попивода, македонската амбасадорка на културата во светот, врвна концертна пијанистка со голем број на меѓународни награди и признанија, од кое последното и беше доделено од страна на јапонската влада во соработка со нејзината колешка Асами Сате за изведба на композицијата за две пијана ,, Дали паметиш Милице” на композиторот Димитрија Бужаровски во циклусот Ноктурна оп 52 b. Во изминатиов период таа неуморно работи, а нејзините бројни настапи може да се проследат онлајн. На огромно задоволство на сите слушатели и љубители на нејзината музика, во фејсбук објава таа го најави излегувањето на своето ново ЦД. По тој повод ја поканивме Ема да ни одговори на неколку прашања. 

ДИВИАНАРТС: Ема, најнапред да ви се заблагодарам што ја прифативте нашата покана и воедно да ви честатам за вашето ново (најавено) музичко издание. За почеток ќе ни откриете ли нешто за новото ЦД, кога и каде ќе може публиката да ја проследи неговата премиерна изведба. 

Ви благодарам за честитките и искрено се надевам дека ова ЦД ќе ви се допадне на вас и на сите слушатели. Овој мој албум содржи композиции на композиторот Димитрије Бужаровски – Ноктурна оп. 49 и оп. 52 кои се базирани на македонски народни теми. Композициите за пијано, во моја изведба, ги содржат познатите теми од македонските песни Зајди, зајди, Калеш Анѓо, Не си го продавај Кољо чифликот, Јовано, Јованке, Не се бели Маре мори, Сербез Донке итн. Со оваа програма имав можност да настапувам на голем број концерти кај нас, но и во Њујорк, Токио, Лондон, Рим, Брисел, Будимпешта, Гдањск и публиката секогаш со воодушевување ја слуша и прифаќа музиката. Оваа година конечно добив можност да ги снимам композициите и предновогодишно да го издадам албумот. Би сакала да следува и соодветна промоција со концерт, обраќање на композиторот, музичка критика, но поради состојбата со пандемијата ќе мора да почека подобри времиња. Секако ќе следува онлајн промоција со повеќе информации за  издавањето на ЦД-то, местата каде ќе може да се набави, како и снимки на дел од композициите. За аудио снимањето на ЦД-то  бее задолжен Ангел Ќосев, додека продуцент е Давор Попивода. 

ДИВИАНАРТС: Вие сте и професорка на музичката академија во Штип, вашата дневна агенда е фул, како успевате да одржите баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот, при тоа секогаш зрачите позитивна и полна со енергија. Која е вашата тајна, како ја зачувувате вашата виталност. 

Со добра организација на времето, успевам да ги координирам сите професионални и приватни обврски и секако со голема помош и поддршка од семејството. Сопругот Давор ми помага и околу организацијата и реализацијата на концертите, а мојата ќеркичка Вивиен е веќе научена да слуша додека вежбам ☺ Наставата со студентите во овој период се одвива онлајн и морам да кажам дека е вистински предизвик да се одржат часовите по пијано, но со многу труд како и користење на сите можни сретства и платформи за работа кои ни се на располагање, успеавме успешно да ја одржиме наставата. Позитивната енергија доаѓа од работењето со љубов и радувањето на сите мали нешта што се случуваат во текот на денот.

ДИВИАНAРТС: Како изгледа вашата припрема пред настап, колку време поминувате во секојдневно вежбање.

-Секој пијанист мора секојдневно да вежба, а пред настап дури и повеќе од 6 часови.
Немам некој посебен ритуал пред настап. Ми се случувало да немам можност да го пробам клавирот пред концерт или пак концертната сала да биде ладна, па затоа посветив внимание и на психолошката припрема дека мора да бидам подготвена да свирам најдобро во секакви услови. Пред настапите секогаш се трудам да вежбам колку што можам повеќе, за да можам на сцената
да го дадам најдоброто од себе.

ДИВИАНРТС: Кој е вашиот омилен композитор чија музика со радост ја свирите.

Од класичните композитори уживам да ги свирам Рахмањинов, Лист, Шопен и Дебиси.Во последните години свирам и музика од современи автори, Албан Берг, Филип Глас, РуичиСакамото, Стив Рајх, кои пак ми се инспирација да и самата пишувам музика, истражувам и пронаоѓам нови музички фузии за моите пијано проекти.

ДИВИАНРТС: Потекнувате од музичко семејство, почнавте да свирите пијано на шест години, што мислите дали Македонија е плодно тло за млади таленти и имаат ли услови за работа и развивање на истите.

– Сметам дека Македонија е плодно тло за млади таленти. Доакз за тоа се многу мои
колеги кои имаат успешни музички кариери и работат на светските сцени. Јас моето образование го стекнав во Македонија и бескрајно сум и благодарна на мојата професорка Стела Слејанска која безрезервно ми го пренесе своето знаење. Но и на мојата професорка од детството Људмила Романова, како и на проф. Бужаровски со кого ја работев докторската дисертација по пијано. Единствено сметам дека е потребна поголема поддршка од културните институции за младите таленти, како и концертна агенција која ќе ги промовира и ќе го насочува нивниот професионален
пат. Во овој момент повеќето уметници кај нас сами си ја градат својата кариера, договараатконцерти, организираат настапи, патувања, а реално тоа е работа на еднаконцертна агенција.

ДИВИАНАРТС: Кое е вашиот лајт-мотив, и што би им порачале на младите музички таленти.

-Моето мото, а воедно и порака што би им ја порачала и на другите е: „Секогаш работетесо љубов, барајте инспирација во и околу себе и слушајте го срцето. Останете професионални и доследни во работата, затоа што така и успехот сам по себе ќе дојде.

 

Владата на Токио Метрополитен објави отворен повик за уметници за да ја стимулира нивната работа за време на карантините. Од 20.000 апликанти, наградена е јапонско-македонската соработка на Асами Сате и Ема Потевска Попивода. За време на карантинот тие онлајн ја снимија композицијата за две пијана ? „Дали паметиш Милице“ на македонскиот композитор Димитрије Бужаровски од циклусот Ноктурна оп. 52 б. Видеото е инспирирано од архитектот Кензо Танге кој е симбол на пријателството помеѓу Скопје и Токио и содржи снимки од двата града, како и модели и планови за реконструкција на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Видеото е продуцирано од Давор Попивода и монтирано од Милан Тоциновски.

 

 

Ема Попивода е пијанистка со богата кариера и амбасадор на македонската култура во светот. Родена во музичка фамилија (нејзината мајка е исто така музичар), нејзиниот талент го забележуваат врвни музички имиња уште од најрана возраст. За време на своите студии, таа има привилегија да учи со реномирани пијано педагози, меѓу кои: Стела Слејанска, Акилес дел Вињ, Вилијам Хауард, Борис Романов, Арбо Валдма, Рита Кинка. Во 2014 година, Попивода ги завршува докторските студии по пијано интерпретација на ФМУ СКопје, под менторство на проф. Стела Слејанска и проф. Димитрије Бужаровски. Интернационално активна, оваа млада пијанистка ги завршува и студиите на „Моцартеум академија“ во Салцбург, Австрија и „Дартингтон академија“ во Девон, Англија. Попивода се здобива со акредитација за предавање на британската програма за музика, откако ги завршува и IGSCE студиите на Универзитетот Кембриџ во В. Британија. Концертната кариера на Ема Попивода е богата и разноврсна. Нејзиниот репертоар вклучува изведби на дела од класичниот репертоар, но и дела од современи автори, македонски композитори и нови иновативни музички стилови во кои и самата се јавува како креатор и изведувач. Ема е основач и уметничи селектор на Фестивалот за современа музика Модоарс, во чии рамки настапувале врвни уметници од целиот свет. Попивода работи како професор по пијано на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Од нејзините мнгубројни настапи, се издвојуваат солистичките концерти во „Symphony Hall” во Токио, “Devonia Concert Hall” во Лондон, “MC Gallery” во Њујорк, “Art Base” во Брисел, “Teatro Marchello” во Рим, “Korossy Szalon” во Будимпешта, “Wiener Hall” во Салцбург, “Mirbach Palace” во Братислава, “Kentro musikis” Солун и бројни настапи низ земјите на Балканот. Повеќе пати настапува како солист со Македонската Филхармонија и како солист со филхармонијата од Канада “West Coast Symphony” под диригентство на маестро Бујар Липај. Попивода е дел од триото “Mezzo” со кои бележат настапи низ Европа. Како дел од камерни состави настапува и со ансамблот за современа музика „Кон Темпора“, со Бранко Павловски – кларинет, Јоргос Казикос – кларинет, Јарослав Вирзиковски – обоа, Асами Сате – пијано, Петрит Чеку – гитара, Милица Добај – сопран, Росалба Колосимо – сопран. Попивода настапила и како солист со Регионалниот орекстар од Кан и ДЈ Дерик Меј, изведба на музичка фузија од класична и електронска музика за ДЈ, пијано и оркестар, под диригенство на Џијан Емин, во “Acropolis arena” во Ница, Франција. Нејзиниот последен концертен проект „Акустик електорникс“ со нејзина авторска музика за пијано со придружба на етно тапан содржи преработка на најпознатите електронски хитови и достигнува голема популарност. Истиот е изведуван во Австрија, Црна Гора и Македонија, а за неговата промоција издаден е видео запис. Ема е добитник на бројни награди и признанија, како во својата земја, така и на интернационални натпревари. Во дует со пијанистката Татјана Џорлева, ја добиваат правата награда и златен медал на Интернационалниот натпревар во Барлета, Италија. Покрај бројните награди на републичките натпревари во Македонија, таа е победник и на натпреварите „Ф. Шопен“ и „Ј.С. Бах“ во Скопје, како и „Интерфест“ во Битола. Ема е член на светската лидерска мрежа “Global bridges”, каде е претставник на својата земја. Во 2011 година, таа го завршува напредниот тренинг за лидерство во Охрид и се здобива со сертификат за лидер во областа на културата и уметноста од  Претседателот Ѓорѓе Иванов.

НЕМА КОМЕНТАРИ