На 15ти март, со почеток во 21 часот, во ноќниот клуб Станица 26, закажана е концертна промоција на 9-от по ред албум „IX9“ на џез формацијата „Sethstat“. Концертниот настап е во организација на ПМГЏЕЗ и 3Гонга.

Дискографската куќа PMGJazz, која е огранок на PMG Recordings стои зад овој албум. Нивната соработка започна во 2015та година кога ПМГ Рекордингс го издаде нивниот 8ми албум „Се плашам од Македонци“. Соработката прерасна во заедничка визија и пријателство, која во 2018та резултираше со создавање на дискографската куќа ПМГЏез, специјализирана за џез музика. Овој нивен најнов албум е 4то издание на ПМГЏез како лејбл.

Во џез формацијата Сетстат, кои се своевидни титани на современата македонската џез музика членуваат: Владан Дробицки – тромбон, Павел Дробицки -бас, Панче Бујуклиев -клавијатури, Гоце Наумов – тапани и Васко Бојаџиски – саксофон.

„Деветка“ без трошка сомнеж е досега нивниот најкомплетен и најзрел албум. Обмислена, студиозно компонирана, аранжирана и виртуозно отсвирена музика. Од болно убави музички парчиња до длабоко екпериментални импровизации. Од фуриозни панк-фанк бркотници, до грациозни емоционални мигови.

„До последен момент не знаевме како ќе звучи албумот. До овие песни дојдовме низ макотрпен процес на селекција. Снимивме точно 9 саати музика, која потоа детално ја преслушувавме и анализиравме, како би можеле да продолжиме со процесот. На избраните парчиња потоа уште 2 месеци доработувавме. Оваа музика е сублимат на многу наши истражувања и експериментирања. Некако си ги избрусивме вкусовите, афинитетите и се трудевме да бидеме концизни во музичката мисла. Аранжмански погледнато, звукот го проширивме во вертикала“, вели Дробицки.

Сетстат е еден од најискусните, најквалитетите и како изведувачи, еден од најподготвените бендови во земјава. Речиси 30 годишното постоење и активно музицирање на сцената ги донесе на ниво на музичари, кои внимателно се следат и од музички, но и од технички аспект. На концерт – промоцијата за нивниот 9ти албум, публиката може да очекува прецизна, фуриозна и елегантна свирка, која едноставно никого не може да го остави рамнодушен. Атак на сите сетила, во час и половина колку ќе трае настапот и тоа од група музичари, кои уживаат во сопствената зрелост.

ПМГ Рекордингс е водечка независна дискографска куќа во Македонија, која постои и работи од 1998ма година. Од мал „Do it yourself“ лејбл, таа во изминативе 20 години прерасна во вистински дом на македонската нова алтернативна музичка сцена и е одговорна за издавање на преку 200 носачи на звук на бендови од поновата генерација како: Беи Д Фиш, Бернајс Пропаганда, Д Џон, Александар Пејовски, Мухамед Ибрахими, ПМГ Колектив, Роботек и многу други. Длабоката верба и сериозната потреба за постоење на домашно музичко издаваштво и полетниот ентузијазам се доволни причини да ги засили своите активности, креирајќи ограноци на куќата специјализирани за електронска и џез музика.

Влезниците можат да се набават преку продажните мрежи на kupikartizase.com и karti.com.mk по цена од 250 денари, непосредно пред отпочнувањето на концертот на билетара цената ќе биде 300 денари.

СПОДЕЛИ
Претходна објава`Баухаус`,спој на естетското со функционалното, еден век од своето постоење!
Следна објаваНовиот Porsche Taycan веќе има 20 000 купувачи
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР