.

Димо Тодоровски-(12.11.1910-27.4.1983) спаѓа во малата група пионерски личности, основоположници на современото македонско ликовно творештво. Акакдемскиот скулптор Тодоровски е еден од првите ликовни педагози во нашата земја.Роден во Солун, тој на свои две години со своето семејство се сели во Прилеп. Неговата историска улога се профилира во една од најзначајните и најдинамичните во поновата македонска историја.

Заедно со Димитар Пандиловски, Лазар Личеновски и Никола Мартиновски, Тодоровски ја имаше честа да ја понесе историската одговорност и во едно да биде дел од модерната македонска уметност.Иако се соочувал со финансиски проблеми во текот на студрањето, тој сепак бил целосно посветен на скулптурата, а во исто време работел како сценограф во Нишкиот театар. Како студент тој учествувал и добивал многу значајни награди. За жал многу негови дела биле уништени за време на втората светска војна.

Во делата на Тодоровски е присутна тенденцијата кон рафинман, кон елегантна и суптилна форма. Овој уметник беше заговорник на напната драматика, експресивност, го интересираше вознемирената форма, во движење; ја истражуваше динамичната и монументално разбрана пластична маса, иако неговите дела најчесто се со мошне скромни димензии. На Тодоровски не му е туѓа здржаната лиричност, извесна строга поетичност на чувствата и на движењата: само неговата творечка природа, пред се, е насочена кон обликување на херојски, возвишени ликови; или кон приказ на силни и симболични состави што го доведуваше уметникот до пренагласени емфатични скулпторски решенија. Робусните прилично несмасни фигури на Тодоровски, експресивно профилираните портрети во кои е нагласена некаква сурова здржаност, сила и упорност, се вградени во основите на современата македонска ликовна уметност. Со вакви уметнички определби и стремежи, То-доровски има воспитувано повеќе личности, значајни за нашата скулптура.
Стилската генеза на ова творештво се наоѓа во афинитетот кон роденовската скулптура, но најмногу кон творештвото на Антоан Бурдел, ученик на Огист Роден. И неговиот постар колега, хрватскиот скулптор Антун Аугустинчиќ, веројатно му бил силен поттикнувач и инспиратор на македонскиот уметник. Движејќи се меѓу вакви уметнички хоризонти, Тодоровски, сосема условно, без цврсти определби и со постојано, мирно стилско испреплетување, има создавано во духот на реализмот, односно со поголема и помала стилизација во неговите рамки, потоа на кубизмот и експре-сионизмот. Во ваков стилски амбиент се создадени и неколку споменици и повеќе творби на Тодоровски на теми од националната историја и личности од македонската национална преродба, револуцијата .

Во Националната збирка на музејот на современата уметност се наоѓаат повеќе дела на Димо Тодоровски, а некои негови дела се дел од приватни збирки. Притоа, дури 90% од неговите дела се изработени во гипс, само 10% се излеани во бронза. Во Националната галерија се чуваат 23 дела на Тодоровски, од кои 17 се излеани во бронза, четири се во гипс, а две се направени од теракота. Во Музејот на современата уметност се чуваат 25 негови скулптури, од кои, 22 се во гипс, а три во бронза. Споменикот на Мечкин Камен е авторско дело на Димо Тодоровски, изработено во 1983година. Исто така, едно од неговите најзначајни дела е скулптурата „Јама“ што се чува во Даут-пашиниот амам. Најпосле, тој е автор на споменикот на НОВ во Трница.

Тодоровски вил и дописен член на МАНУ, а починал во Скопје, во 1983 година. И денес, во населбата Трнодол каде живеел, стои неговата празна куќа со ателјето, за која тој оставил аманет да биде претворена во спомен дом.

[Извор Википедија]

Портрет на Димо Тодоровски насликан од Лазар Личеноски

Димо Тодоровски во студенските денови

 

 

 

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР