На 25 мај се навршуваат тринаесет години од смртта на доајенот на македонското сликарство професор Иван Велков, еден од нашите најавангардни уметници кој и припаѓаше на повоената генерација на македонски уметници, оставајќи зад себе богат ликовен опус, презентиран во земјава и надвор од неa.

Роден е во Врање во 1930 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности на одделот сликарство во Белград. Во 1954 година станува член и во едно е основач на Друштвото на ликовни уметници на Македонија-(ДЛУМ). Неколку години подоцна ја добива стипендијата “Моша Пијаде” и заминува за Париз. Заедно со својот колега и пријател Петар Мазев ја основаат познатата ликовна група “МУГРИ”.

На македонската ликовна сцена тој е забележан како автор на дела со геометриски елементи, кубистичко-конструктивни и лирско апстрактни. “Колку помалку, толку повеќе” е мотото во цртежите на овој сликарски великан во одредени негови дела. Тоа не е желба за современост и модернизам, туку е еден вид на заложба на суштественоста на пресоздаденоста на реалноста, ќе забележи во една прилика проф.Владимир Георгиевски.

Многу универзитетски професори како од нашата земја така и од странство ги одбраниле своите магистерски и докторски тези врз анализа на творештвото на проф.Велков, меѓу кои е и нашиот реномиран професор Небојша Вилиќ, историчар на уметност.

Самостојно излагал (од 1955 година) или со други, во Скопје, и на други места низ поранешна Југославија. Групно излагал на повеќе иложби, меѓу кои и во: Мексико Сити, Дижон, Риека, Рим, Торино, Нирнберг, Штутгарт, Белград, Болцано, Ферара и други места.

Делата на овој наш сликарски великан се присутни во многуте музеи и галерии ширум нашата земја. Најголемиот дел се присатни во Националната галерија на Македонија.

 

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР